1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коронавирус: Николоски се претера

19 март 2020

Еден ден заразата ќе стивне и ќе исчезне, но зборовите што сега ќе се кажат ќе останат забележани во општествената меморија. Некому за добро, некому за лошо

https://p.dw.com/p/3Zgpc
Aserbaidschan 2016 Aleksandar Nikoloski - PACE
Фотографија: picture-alliance/Pacific Press/A.Karimov

Критиката е добредојдена кога е добронамерна. За жал, многу тешко може да се препознае добронамерност во вчерашните критики што ги упати потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, за начинот на кој властите се справуваат со заканите од коронавирусот. А изрече многу: од „неспособно водство на државата кое не знае како да се справи со оваа криза", преку „тотални аматери кои што не знаат да работат, не сакаат да работат и не сакаат да учат", до „крајно неспособни". Критиката не е забранета ни во време на пандемија од коронавирус, ни во време на вонредна состојба. Ниту властите се богови, ниту постои совршен човек, политичар, министер... Но, ако критиката не се потпира на аргументи, завршува на штета на оној кој неосновано критикува, како што се случи на вчерашната дискусија во организација на ВМРО-ДПМНЕ, насловена „Затоа што секој живот вреди“.

„Само погледнете кога ВМРО-ДПМНЕ почна да ги предлага мерките. Тие се далеку порано пред воопшто да се зголеми бројот на случаи", изјави Николоски.

Да, ВМРО-ДПМНЕ навистина предложи мерки, но за волја на вистината тоа не се случи толку рано, како што сака да претстави потпредседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Фактите се непобитни. На 26-ти февруари во земјава беше регистриран првиот случај на заболен од коронавирус - жена на возраст од 50 години, којашто по подолг престој се вратила болна од Италија и беше хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести. Информацијата ја потврди министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција во владата, придружуван од техничкиот премиер, Оливер Спасовски и епидемиологот Жарко Караџовски. Веднаш беа преземени сет марки за подготовка на Клиниката за вакви случаи. Не ги посочувам сите тековни мерки во меѓувреме. Од 5-ти март на аеродромите во Скопје и Охрид дополнително беше подигнат степенот на контрола за патниците од Италија. На 6-ти март, беше потврдени уште два случаи на заболени - сопружници од Дебар. На 8-ми март од ВМРО-ДПМНЕ навистина говореа за здравството, но не за коронавиуруот, туку за нивната изборна програма за создавање национална мрежа на клинички центри. На 9-ти март, кога беше потврден четвриот случај на заболен - директорката на Клиниката за кожни болести, Александар Николоски заедно со партискиот претседател беа на средба со унгарскиот премиер во Будимпешта. На 10-ти март, кога владата објави дека се прекинува наставата во градинките, основните и средни училишта во наредните 14 дена и уште 18 други радикални мерки, ВМРО-ДПМНЕ ги објавуваше кандидатските листи за пратеници.

Не е гревот во тоа, така налагаа изборните рокови.

Но, како ова да се случило пред една година, па сме заборавиле, Александар Николоски вчера излезе со ваква изјава: „Аеродромот Скопје се затвора дури вечерва (18.3 –н.з.), а требаше да се затвори пред месец дена. Границите се затворија пред некој ден, а требаше да бидат затворени уште пред месец дена. Ова е недозволиво што се случува во Македонија. Имаме тотални аматери и неспособни луѓе кои што во моментот ја водат државата.“

Ако аеродромите требало да се затворат уште пред еден месец, зошто Николоски не дал личен пример, туку пред десет дена патувал за Будимпешта? Ако смета дека уште пред еден месец требало се затворат границите, ако имал предвидување колкав замав ќе земе вирисот во Европа, зошто пред еден месец држел прес-конфернции за сосема други теми, а не за опасната болест што ќе ни чукне на врата?

Дури и во најлош сон, не би се очекувало такво лицемерие во ваква ситуација. И покрај јавните изјави дека состојбата со епидемијата нема да се користи за партиски цели, се прави токму тоа. Како да се објасни изјавата на Николоски дека со вонредната состојба „наместо да мисли на здравјето на граѓаните, Владата размислува како може владата да ги изгласа тие закони кои што не успеала да изгласа пред распуштање на собранието". И како што вели, решил тоа да ни го објасни „најпластично", на овој начин.

„Значи, согласно Уставот кога се воведува состојба сите надлежности ги презема Владата, а тоа значи дека Владата може сама да носи закони без да го има тука собранието како некој филтер и тоа значи дека може утре Зоран Заев преку своите министри во владата да си предложи каков сака закон и поручек тој да биде усвоен. И очекувам во следниот период да има закони во корист на брат му Вице Заев. Тоа е причината зошто се воведува вонредна состојба", тврди Николоски.

Ова го зборува потпретседател на партија која се согласи дека е неопходно воведување вонредна состојба. Која е поентата претпладне да се зборува едно, попладне да се „откриваат“ скриени намери на власта, а притоа да се девалвира целиот институционален систем кој има надлежност да ги следи идните одлуки на Владата, во однос на контрола, превенција, но и на кривична одговорност од можни злоупотреби?

На крајот, со вакви ставови најмногу се потценува свеста на граѓаните, кои најдобро можат да направат разлика помеѓу опасноста од коронавирусот и од шибицарење за партиски цели со непредвидливата траекторија на Ковид-19. Еден ден заразата ќе стивне и ќе исчезне, но зборовите што сега ќе се кажат ќе останат забележани во општествената меморија. Некому за добро, некому за лошо.