1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минимална плата: Mаксимален дијалог или генерален штрајк?

31 јануари 2022

Владата се залага за зголемување на минималната платa, но низ економско-социјален дијалог. Од денешните разговори во Владата ќе зависат следните чекорите на ССМ.

https://p.dw.com/p/46IbO
Symbolbild Gehaltsunterschiede
Фотографија: Andrey Popov/Panthermedia/imago images

Зголемување на минималната плата или генерален штрајк, и зголемување на минималната плата, но откако најпрво ќе се реализира економско-социјален дијалог. Ова се двете позиции со кои на иста маса денеска ќе седат претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) и на Владата, во обид да најдат решение кое ќе ги задоволи барањата на синдикалците, а кое нема да предизвика проблеми за работодавачите. Со претставниците на ССМ денеска ќе разговараат вицепремиерот за економски прашања и министрите за труд и социјална политика и за администрација и информатичко општество. ССМ уште од минатата година бара зголемување на минималната плата на ниво на 60% од просечната, односно таа да не биде помала од 18.000 денари.

„Со две минимални плати може да се платат трошоци за комунални услуги - струја, вода, парно и да останат околу 4.317 денари за преживување до крајот на месецот на едно четиричлено семејно домаќинство кое прима 2 минимални плати. Сите оние кои се против или го одложуваат растот на минималната плата на 18.000 денари, ги охрабруваме да се обидат еден месец да живеат како 110.000 работници во државата“, порачаа од ССМ.

Нужен дијалог

Од Владата уверуваат дека се залагаат за зголемување на минималната плата, но оти тоа не може да биде еднострана одлука. Според премиерот Ковачевски, на таква одлука треба да ѝ претходи економско-социјален дијалог.

„Ако некој бил за зголемување на минималната плата, тоа била Владата на СДСМ. Да не заборавиме дека минималната плата беше 9.000, а сега е 15.000 денари. И јас бев еден од поддржувачите кои сметаа дака треба да се зголеми на 15.000, бидејќи учествував во подготовката на таа економска програма, зборувам за 2016 година. И тоа се спроведе. Но и тогаш, и сега, минималната плата треба да се зголеми низ економско-социјален дијалог. Зошто? Тоа не може да биде еднострана, административна одлука, бидејќи се засегнати и компаниите. Растот на минималната плата треба да биде проследен со раст на продуктивноста. Ако не се зголеми продуктивноста, а минималната плата почне да се зголемува, тогаш конкурентноста на компаниите опаѓа“, образложи Ковачевски во интервју на МТВ.

Nord-Mazedonien Skopje | Neue Regierung | Premierminister Dimitar Kovacevski
Ковачевски: Минималната плата треба да се зголеми низ економско-социјален дијалогФотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Според премиерот, откако денеска ќе се разгледаат сите барања на Синдикатот, веднаш ќе почне економско-социјалниот дијалог со стопанските комори и со други претставници на работодавачите.

„Така беше и минатиот пат, така беше и при воведувањето на ‘недела-неработен ден’. Владата останува на својата заложба за зголемување на минималната платa. И кај ‘недела-неработен ден’ решението беше донесено низ инклузивен процес, низ дебата во економско-социјалниот совет. Кога се донесе законот, дел од кластерите во Стопанската комора поднесоа иницијатива за оспорување пред Уставниот суд. Јас веднаш отидов на состанок во Стопанската комора, кажав дека сум на страната на работниците, но и во тој случај отворивме дебата која ќе трае 30 дена, за да се адаптира решението во кое еднакво ќе бидат задоволени и барањата на работниците, и барањата на работодавците, со цел да не ги доведеме работодавците во ситуација да мора да се случи отпуштање на вработен. И секогаш тој дијалог дава подобри резултати“, порача премиерот.

Има ли време за чекање?

Дали од ССМ ќе му дадат шанса на дијалогот, кој не е чин од денес за утре и бара време, или ќе го принудат тој да се одвива под притисок на генерален штрајк? Од ССМ потсетуваат дека со зголемената цена на електричната енергија за 9,5 % и на парното за 14%, веќе во февруари работниците нема да можат ни да си ги прехранат семејствата, ниту да ги плаќаат сметките кои ќе бидат зголемени. Изминатиот петок ССМ веќе донесе одлука - неговото Претседателство и Советот да бидат главен штрајкувачки одбор, кој би се активирал доколку денеска не успеат преговорите со Владата.

„Ако денеска не се договорат, пак ќе има средба на претседателството на ССМ и тогаш ќе се договорат натамошните чекори за изразување на незадоволството преку генерален штрајк и други форми на протест“, вели Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), кој е еден од 17-те гранкови синдикати во ССМ.

Тој низ бројки објаснува какво е нивото на платите на вработените во управата и правосудството.

„Во моментов две категории на администрација се под износот на минималната плата: референти (14.900 денари) и помлади рефренти (14.500), а околу 15.200 е минималната плата. Износот на просечната плата е повисок од платата на раководител на одделение. Речиси 96 отсто од администрација имаат плата пониска од просечната (29.300), а речиси 40 отсто се или под, или малку над границата на минималната плата“, објаснува Деаноски.

Nord-Mazedonien Skopje Justizministerium
Ако минималната плата се зголеми на 18.000 денари, а платите во управата и правосудството не пораснат заедно со минималната плата, системот на плати во управата и правосудството тотално ќе крахира, предупредува ДеаноскиФотографија: DW/P. Stojanovski

Корекција секаде

Проблемот го лоцира во тоа што висината на минималната плата и трошоците за живот во последните години растат драстично, минималната плата стигна до 15.200, но платите во државната управа и правосудството воопшто не го следеле ни порастот на минималецот, ни порастот на животните трошоци.

„Ова значи дека вработен кој имал плата од 18.000 денари кога минималната плата била 10.800, сѐ уште има плата од 18.000 денари, а минималната сега е 15.200 денари. Затоа бараме да се примени членот 8 од Законот за минимална плата, кој што вели дека со порастот на минималната плата се усогласуваат сите останати плати во државата. Ако минималната плата дојде во вредност од 18.000 денари колку што бара ССМ и беше ветено од власта, а платите во управата и правосудството не пораснат заедно со минималната плата, тоа значи дека системот на плати во управата и правосудството тотално ќе крахира. Бидејќи, тогаш вработени со основно образование со 18.000 денари и со работниот стаж ќе имаат повисока плата од вработени со високо образование“, вели претседателот на Синдикатот на УПОЗ.

- повеќе: Ни две плати во Македонија не се доволни за гол живот 

Заради ова, Синдикатот на УПОЗ бара кога Собранието ќе расправа за Законот за минимална плата, на истата седница да се направат измени во сите посебни закони кои ги регулираат платите во управата и правосудство, за да може минималната плата да биде основна плата на вработените во оваа сфера. Во спротивно, и да се зголеми минималната, ако не се коригираат посебните закони, 60 отсто ќе бидат под минималната плата.

„Ќе треба да има корекција секаде. Не може само минималната плата да расте“, вели Деаноски.

Од синдикатот немаат податоци колку би чинело зголемувањето на минималната плата и нејзиното усогласување со останатите плати.