1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот во Македонија - одлука за западниот курс

27 септември 2018

Македонија решава за својата иднина. Во прашање е приближување кон ЕУ и НАТО или меѓународна изолација, вели владата. Но, никој не сака да го прогнозира исходот, пишува германската агенција ДПА.

https://p.dw.com/p/35a3b
Marsch für ein europäisches Mazedonien in Skopje
Фотографија: Koalition für ein europäisches Mazedonien

Тоа би било прво решение на голем конфликт на од кризи потресуваниот Балкан по речиси цели 30 години: 1,7 милиони Македонци в недела треба да решат дали нивната држава во иднина ќе се вика Северна Македонија. На тоа инсистира соседот Грција. Ако граѓаните се согласат, Атина ќе ја подигне својата децениска блокада на патот на соседот кон НАТО и ЕУ.

Македонија може скоро да стане 30. членка на НАТО, највија САД. И ЕУ планира брз старт на преговорите со земјата-кандидатка уште од 2005. година. Сходно на тоа, референдумското прашање гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција?“ Граѓаните со тоа гласаат за многу повеќе отколку промена на името. Со децении САД и ЕУ од една и Русија од другастрана водат борба за привлекување на земјата во своја сфера на влијание. Во десетгодишното автократско владеење на Никола Груевски, Русија беше идол. Пред две години, поради бројните корупциски и криминални афери, Груевски мораше да си замине. Оттогаш на чело на владата е социјалдемократот Зоран Заев, чија јасна определба е курс кон Брисел и Вашингтон.

Лани Москва претрпе горчлив пораз во своите напори за влијание на Балканскиот Полуостров: минидржавата Црна Гора, во која руските олигарси ги купија фирмите и половина брег по фантастични цени, пристапи кон НАТО. Русија се потсмеваше за неколку илјади војници во малата земја, но НАТО на овој начин стави нога во нејзините пристаништа како Бар на Јадранско Море.

Повеќе: 

„Руската врска“ на бојкотирачите во Македонија

Долгата рака на Москва во Македонија

Геополитичката важност на народното изјаснување в недела ја илустрираат посетите на високи по ранг политичари кратко пред него: германската канцеларка Ангела Меркел, нејзиниот австриски колега Себастијан Курц, германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, американскиот министер за одбрана Џејмс Матис и многу други агитираа отворено за позитивно изјаснување на референдумот.

Дали владата ќе добие јасна поддршка за Преспанскиот договор со Грција околу новото име на државата, не е сигурно. Претседателот Ѓорге Иванов е против, исто како и опозицијата, која аргументира со наводна загуба на националниот идентитет. Претседателот, како и одделни опозициски пратеници повикаа на бојкот, а лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека партијата ќе го почитува исходот од изјаснувањето. 

Повеќе: 

Жестоки критики за лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ

Паднаа маските: ВМРО-ДПМНЕ отворено повика на бојкот!

Најголема пречка би можел да биде законскиот цензус од половина од запишаните избирачи. Ако опозицијата навистина остане дома, тешко ќе биде да се достигне цензусот, велат експертите. Сите анкети тврдат дека граѓаните кои ќе излезат да гласаат, ќе заокружат „за“. Владата си остави и подотворена врата: референдумот не е обврзувачки, туку советодавен.

Каков и да биде резултатот на изјаснувањето, новото име во секој случај мора да биде потврдено преку промена на уставот со двотретинско мнозинство гласови во Парламентот. Во последното гласање, за Договорот кренаа рака 69 пратеници од вкупно 120. Владата, се вели, се обидува да привлече на своја страна уште единаесет пратеници, за да добие мнозинство. Освен тоа, претстои и ратификацијата на Договорот во грчкиот Парламент, што исто така не е едноставно.