1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД и Русија- најдобри непријатели

Спенсер Кимбал/Б. Георгиевски14 мај 2014

Американско-руските односи паднаа на најниско ниво од крајот на Студената војна. Прашањето е дали по судирот околу Украина, двете земји можат да продолжат да соработуваат околу Сирија и Иран?

https://p.dw.com/p/1BzMI
Фотографија: Reuters

Барак Обама требаше да биде претседателот, кој ќе ги подобри влошените односи на Вашингтон со Москва. Релациите меѓу двете земји опаднаа за време на администрацијата на Буш поради интервенцијата на Русија во Грузија и американската одлука за поставување противракетна одбрана во Источна Европа.

Во 2009-та, тогашниот државен секретар Хилари Клинтон на својот руски колега Сергеј Лавров му презентираше „црвено копче“ за нов почетот. Гестот ја симболизираше желбата на администрацијата на Обама да се расчистат недоразбирањата и да се изгради поблиска соработка со Кремљ.

Пет години подоцна, Вашингтон и се заканува на Москва со санкции поради кризата во Украина. Тоа е најсериозната конфронтација меѓу двете сили во последните две децении, смета Џефри Манкоф експерт за руската надворешна политика во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.

„Нема да има отстапување од конфронтацијата која уследи по кризата, во најмала рака сѐ додека Русија е тоа што е, авторитарна и ревизионистичка сила“, вели Манкоф.

Но, проблемот е што на САД им е потребна Русија за решавање на серија меѓународни проблеми, меѓу нив најголемите: кризата во Сирија и иранската нуклеарна програма. Републиканците во Вашингтон сметаат дека одбивањето на Обама да примени поагресивни мерки ги зајакнале позициите на Дамаск, Техеран и Москва.

USA Russland Neuanfang
Симболичниот „нов почеток“ на односите меѓу САД и РусијаФотографија: Getty Images/Afp/Fabrice Coffrini

Нова светска реалност

Според експертот Џошуа Ландис не е во прашање слабост на администрацијата на Обама. САД како велесила денес се соочуваат со далеку поконкурентна меѓународна политичка сцена. И Кина и Русија излегоа од периодот на политичка и економска слабост од 1990-те години, и сега се подобро подготвени да се соочат со американскиот притисок.

„За време на администрацијата на Буш сениор можевме да добиеме едногласна одлука на ОН за војна во Ирак, и тоа нѐ чинеше едвај неколку милијарди долари“, вели Ландис, експерт за Блискиот исток на Универзитетот во Оклахома. „Тогаш можевме да го убедиме светот да гласа за една многу футуристичка воена политика на Блискиот исток, но денес тоа веќе не е можно“.

Во случајот на Сирија, американскиот државен секретар Џон Кери ја обвини Русија дека му помага на Башар ал Асад да остане на власт обезбедувајќи му оружје. Од почетокот на граѓанската војна во Сирија, Москва и Пекинг блокираа три резолуции во Советот за безбедност за осуда на режимот во Дамаск. Во анализа во весникот Гардијан, неколку ирански стратези неодамна тврдеа дека Техеран успеал да победи во војната во Сирија. Заедно со Русија, Иран беше главен спонзор на режимот на Асад. Западните разузнувачи тврдат дека Техеран обезбедил и оружје и војска на теренот за борба против бунтовниците.

„Доколку беше на власт претседателот Буш веројатно ќе им дадевме на бунтовниците сѐ што бараа и ќе победевме во војната за неколку недели“, смета Ландис. „Но, проблемот е што да се прави по победата? Затоа Обама отстапи. Тој не сака да го има овој проблем. Повеќе би сакал да им го остави на Русите“.

Последен обид за решение со Иран

Поддршката на Москва исто така е клучна и во преговорите за нуклеарната програма на Техеран. Новата рунда преговори почна неделава, а крајниот рок за постигнување договор е 20 јули. Но, откако Западот ги засили санкциите кон Русија поради кризата во Украина, некои аналитичари стравуваат дека Москва би можела да ги засили врските со Техеран. Кремљ преговара за нов нафтен договор со Техеран, за кој Вашингтон тврди дека ги прекршува обврските од неговиот договор со Иран. Иранските новински агенции јавуваат дека руски претставници му понудиле на Техеран соработка за заобиколување на западните санкции кон двете држави.

Treffen in Paris zwischen Kerry, Lawrow und Brahimi
Џон Кери, Сергеј Лавров и посредникот за Сирија Лахдар БрахимиФотографија: Reuters/Pablo Martinez Monsivais

„Постојат стравувања дека Русија се обидува да го наруши договорот со Иран. Но во исто време, доколку САД се мудир, тие можат да се постават во позиција во која Иранците ќе чувствуваат дека можат повеќе да добијат од соработката со САД, отколку да и дозволат на Русија да се меша“, вело Манкоф.

Сепак, Москва е длабоко инволвирана во преговорите за иранската нуклеарна програма, вели Сузане Малони од Брукингс фондацијата во Вашингтон. А Кремљ има малку причини да поддржува развој на иранската нуклеарна програма, која би можела да доведе до американски напади на Блискиот исток.

„Досега можевме да видиме дека сите страни успеаја да го извлечат процесот на преговори за Иран од нарушените американско-руски односи. На минатата преговарачка рунда, сите страни се согласија дека преговорите одат добро и дека владее добра атмосфера“, смета Малони.