1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Државјанства на тацна

ДТЗ /ДВ
16 декември 2020

Се отвара ли вратата за нови злоупотреби со државјанствата, ако се точни калкулациите дека на тој начин ќе бидат издадени 70 илјади нови документи

https://p.dw.com/p/3mpRZ
Mazedonien neue Ausweise
Фотографија: DW

Државјаните од поранешните југословенски републики, кои до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија, да можат да добијат македонско државјанство само со изјави од сведоци, без да бидат приложени документи како доказ. Ова се дел од измените на Законот за државјанство што се разгледуваат во Собранието по скратена постапка на предлог на пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива. 
Станува збор за граѓани кои се родени и живеат во Северна Македонија, но немаат државјанство иако најчесто ги исполнуваат условите за тоа. 
Оној што бара македонско државјанство, ќе треба да обезбеди изјави од три лица што ќе сведочат дека барателот живеел на територијата на Македонија до 8 септември 1991 година или, пак, изјава на само едно лице што во тој период било жител или сѐ уште живее во местото во кое живеел барателот. Додека измените поминуваат низ собраниските филтри, во јавноста се кршат копјата околу оправданоста на ваквиот предлог. Ставувањата се дали на ваков начин се отвара простор за злоупотреби околу делење државјанства на тацна, особено ако се покажат како точни калкулациите дека на тој начин до македонски документи би дошле 70.000 лица.

Потребна е детална анализа

„Не може во итна постапка, без јавна расправа и детална анализа, да се донесат законски измени за драстична измена на критериумите и условите при доделување на македонско државјанство“, вели пратеникот и лидер на владејачкиот Демократски сојуз, Павле Трајанов. Откако седум пратеници на опозициските Алијансата за Албанците и Алтернатива предложија измена на Законот за државјанство, Трајанов реагира дека овој предлог предвидува да им се признае државјанство на над 70.000 граѓани, кои, покрај друго, може да докажат дека имаат постојан престој со двајца сведоци.

-повеќе на темата: Крај на „распродажбата“ на ЕУ-државјанства?

„Се работи за законска материја која е регулирана и со меѓународни конвенции, сите држави имат ригиден пристап при признавање на статус на државјанин на одредена држава, при што секаде се барат идентични услови кои морат да се исполнат. Ваков закон прво треба да се носи во редовна постапка, потоа треба детална анализа од страна на Владата и јавна расправа, да се проценат ефектите од една таква операција, и што е најважно – дали навистина има 70.000 граѓани кои се без државјанство, а кои пред 8 септември 1991 година престојувале најмалку 8 години во Македонија“, вели Трајанов.
Реакции во јавноста предизвика и предлогот тој што ќе добие македонско државјанство „да владее најмалку еден од службените јазици во Северна Македонија, до тој степен да може лесно да се разбере со околината“. Во законот е предвидена можност за државјанство и за потомците на иселениците. Како што се наведува во измените, можноста за добивање државјанство со природување му се дава и на иселеник на кој со досегашната примена, заради условите во законот, ова право му беше ограничено на законски минимум и постоеше правна пречка за негово остварување и од тие причини ваквата можност му се дава и на потомокот на иселеникот од прво и второ колено откако ќе ги исполни законските критериуми.

Измени пред пописот

Законските  измени се поврзани со претстојниот попис. Во образложението на измените се наведува дека нивна основна цел е дорегулација на одредени прашања кои се наметнаа како реални, а за кои државата треба да изнајде законско решение со кое во претстојниот попис реално ќе се прикаже бројот на населението, домаќинствата и становите во државата. 

-повеќе на темата: ЕУ сака да ја запре продажбата на пасоши

Зијадин Села кој е еден од потпишаните предлагачи на измените, тврди дека единствената цел е рамноправност на граѓаните кои живеат овде. Иницијаторите на измените тврдат дека законското решение се носи за лицата кои, и по триесет години од распадот на Југославија живеат без документи. Станува збор за граѓани кои се родени и живеат во Северна Македонија, но немаат државјанство иако најчесто ги исполнуваат условите за тоа. „Голем дел од нив се апатриди, луѓе без државјанство и без татковина, а меѓународните конвенции велат дека не смее да се дозволи човек да нема државјанство, да нема документи со кои ќе ги остварува своите права и должности во земјата во која живее", изјави за МКД.мк лидерот на Алтернатива и пратеник, Африм Гаши.

-повеќе на темата: Интеграција и македонско државјанство за косовските Роми

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески во изјава за медиумите вели дека неговата партија има сериозни забелешки на законскиот предлог поднесен од двете партии на Албанците. „Решението треба да биде системско и одржливо за да не дојдеме во ситуација со решавање на ова прашање да отвориме други. За измените на текстот ќе разговараме со предлагачот и со другите пратенички групи и тие измени ќе ги направиме преку амандмани, а целта ќе биде да се обезбеди широк консензус", вели Митрески.
Според постојниот Закон за државјанство како главни предуслови за стекнување на државјанство се: потекло, раѓање на територија на Македонија, природување и меѓународни договори.