1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четири дополнителни месеци за договор со Иран

ЖА/мф/дпа19 јули 2014

Преговорите во Виена околу иранската атомска програма ќе имаат продолжение. Претставниците на Техеран и на Групата 5 вето-сили од ОН плус Германија оставија простор до ноември за надминување на разликите.

https://p.dw.com/p/1CfVJ
Фотографија: Atta Kenare/AFP/Getty Images

Иран и шесте големи сили се договориле доцна синоќа во австриската престолнина Виена за четиримесечно продолжување на преговорите за долгорочниот договор за иранската нуклеарна програма со која постапно треба да се стави крај на санкциите против Техеран во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма, објавија дипломатски извори од преговорите, а покрај тоа Иран ќе добие и пристап до 2,8 милијарди долари, но повеќето санкции остануваат.

Претходно Иран и шесте светски сили (петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации - САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција плус Германија), го поставија како краен рок 20-ти јули за постигнување на конечниот договор кој треба да ги реши децениските недоразбирања за нуклеарната амбиција на Техеран. Меѓутоа, според неколку дипломатски извори на светските агенции, страните во преговорите не можеле да ги надминат значителните разлики во ставовите околу некои главни прашања, како што е, на пример, бројот на центрифугите за збогатување на ураниумот.

„Иран во текот на следните четири месеци нема да добие повеќе пари отколку што добиваше изминатите шест месеци, а голем дел од замрзнатите приходи од нафта и натаму ќе му бидат недостапни. Ќе продолжиме силно да спроведуваме санкции кои останаа на сила“, изјави американскиот државен секретар Џон Кери кој претходно седмицава од Виена се враќаше во Вашингтон на консултации во врска со преговорите.

Обемот на збогатувањето на ураниумот и натаму е клучен елемент на преговорите, а американскиот државен секретар Џон Кери на почетокот од седмицата, кога беше се‘ поизвесно дека договорот не е можно да биде постигнат до 20-ти јули, изјави дека „сосема е јасно речено дека 19-те илјади центрифуги, колку што сега ги има во програмата, се премногу“.

Во интервјуто за „Њујорктајмс“ шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавал Зариф изјави дека Иран би можел својата програма за збогатување на ураниумот да ја задржи во текот на следните седум години на сегашното ниво, но американски функционер минатата седмица откри дека Вашингтон инсистира на ставот сегашната иранска програма за збогатување ураниум да биде замрзната многу повеќе години.

Преговорите запнаа околу неколку клучни прашања, како што се количеството ураниум кој Иран, според договорот, ќе може да го збогатува, како и капацитетите за негово збогатување и процентот до кој ќе може тоа да го прави.

Капацитетите за збогатување ураниум се централните и најтешки од овие преговори. Иран, откако се согласи на отстапките за збогатување ураниум до 20 отсто што се смета за преоден момент кон изработката на нуклеарно оружје, инсистира на тоа дека мора да ги прошири своите капацитети за збогатување до 5 проценти за неговата планирана мрежа нуклеарни централи за производство електрична енергија. Западните земји преку споменатата т.н. Група „пет плус еден“ сакаат официјален Техеран да ги намали капацитетите за да не дојде во можност да произведе нуклеарна бомба.

Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма има исклучиво цивилни цели, односно за производство на електрична енергија и за медицински истражувања, како и дека нема намера да произведе нуклеарно оружје од што стравува Западот, но истакнува дека негово неприкосновено право како држава е да има нуклеарни постројки.

Во моментов во Иран има повеќе од 19 илјади центрифуги за збогатување ураниум. Главно тоа се постројки од постарата генерација, а десетина илјади од нив работат на зголемување на концентрацијата на ураниумовиот фисиски изотоп У-235.

Кога во 2006 година Обединетите нации првпат по инсистирање на Западот воведоа санкции за Иран, само што започна тестирањето на првите неколку стотици центрифуги. Оттогаш Техеран брзо го зголемуваше нивниот број до 24-ти ноември 2013 година кога со преодниот нуклеарен договор меѓу Иран и шесте светски сили тој процес беше сопрен.