1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бопал-една бесконечна катастрофа

Катја Кепнер/ Жана Ацеска3 декември 2014

Поранешната постројка на „Јунион Карбајд“ во Бопал е ‘рѓосана. Уште за време на хемиската катастрофа во 1984 година околните подземни води беа трајно затруени од отровните фабрички отпадоци.

https://p.dw.com/p/1DynE
Фотографија: DW/L.Knüppel/N. Scherschun

„Значи, повторно доаѓате“, вели 46-годишната Рихана и ги брише солзите од очите. Таа мисли на репортерите и камерманите кои стигнуваат во редовни временски интервали во Нагар, сиромашниот кварт на Бопал. Посебно кога е округла годишнина од катастрофата, светот ненадејно повторно го свртува погледот кон градот во централноиндиската сојузна држава Мадја Прадеш.

Рихана денес седи заедно со останатите преживеани, и планира акции за одбележување на годишнината.

„Моите очи ме печеа како некој во нив да ми фрлил лут пипер“, се присетува таа. „Во мојот стомак како да гореше оган“. Поради силната кашлица, морала цела ноќ да повраќа. Нејзините двајца постари браќа тогаш побегнале и преживеале. Рихана решила да остане кај своите родители и малиот брат во нивната колиба. За чудо, таа ја преживеала ноќта, единствена од семејството.

30 Jahre nach der Chemiekatastrophe von Bhopal, Indien
Рохана има здравствени проблеми до денесФотографија: DW/K, Keppner

Над 20.000 мртви

Рихана таа ноќ пред 30 години вдишувала исклучително отровен гас, метилизоцијанат, кратко МИК. Тоа е средство за уништување инсекти, кое кај луѓето ја напаѓа слузокожата и ги разјадува внатрешните органи. Американската фирма „Јунион Карбајд“ го произведуваше пестицидот во својата фабрика во Бопал од почетокот на 70-те години.

Се‘ до онаа неделна вечер на почетокот на декември 1984 година, кога водата продре во резервоарот во кој беше складиран отровот. Преку хемиска реакција настана мешавина од гасови, кои во форма на бел чад излегоа од резервоарот и се надвиснаа над блискиот сиромашен кварт, во кој живееше Рихана со семејството. Ноќта умреа над 20.000 луѓе, многумина обидувајќи се да земат воздух и задушувајќи се поради повраќање. Стотици илјади преживеани до денес страдаат од хронични болки. Тоа е еден дел од катастрофата.

Затруени подземни води

Вториот дел почна всушност уште порано. Уште пред катастрофата со гасот, „Јунион Карбајд“ своите отпадоци ги исфрлаше директно зад фабриката. Хемискиот отпад продре во подземните води. Во некои проби екологистите најдоа арсен, бензоли и тешки метали, чии концентрации повеќекратно ги надминуваа граничните вредности пропишани од Светската здравствена организација. Последиците првенствено ги чувствуваа жителите на сиромашниот кварт, чии бунари стоеја директно зад ѕидовите на „Јунион Карбајд“.

Onlineartikel Bhopal Madhya Pradesh Indien Chemie Katastrophe Unfall Opfer Umwelt
Американскиот концерн Јунион Карбајд вината ја префрла на индиската странаФотографија: DW/L.Knüppel/N. Scherschun

„Мојот син се роди во 1988 година, значи, четири години по катастрофата“, раскажува Рихана. „Откако наполни осум години, тој е болен. Прво доби туберкулоза, во меѓувреме има сериозни проблеми со бубрезите“. Всушност, тој мора итно да биде опериран. Но, Рихана не знае како да собере 9.000 рупии, околу 100 евра, за да плати. Во тоа време таа уште не знаеше што ја чека во скора иднина.

Американскиот концерн отфрла вина

Досега само еднаш биле исплатени обештетувања на жртвите од гасната катастрофа. Во 1989 година американскиот концерн и индиската влада во вонсудско порамнување се договориле на исплата на околу 470 милиони долари како обештетување. Но, многумина жртви оттогаш се жалат дека до нив не стигнале никакви пари. Рихана своевремено добила 25.000 рупии, што денес одговара на околу 320 евра. За доживотни страдања, зашто таа од несреќата страда од проблеми при дишењето. Кај нејзиниот маж пред повеќе години е дијагностирана течност во белите дробови.

Хемискиот концерн „Јунион Карбајд“ од 2001 година припаѓа кон претпријатието „Доу Хемикал“. И 30 години по трагедијата, концернот со седиште во американската сојузна држава Мичиген аргументира-фабриката во време на несреќата била во индиски раце.

30 Jahre nach der Chemiekatastrophe von Bhopal, Indien
Еднаш дневно чиста вода за пиење за сиромашнитеФотографија: DW/K, Keppner

„Фабриката беше изградена и водена од Индијци“, тврди портпаролот Том Ф. Шприк. Американските судови го потврдија тоа, па следствено на тоа, и одговорноста е кај индиските власти.

На прашањето кој треба да сноси одговорност за загадувањето на подземните води, Шприк не одговара. Наместо тоа, тој упатува на сопствената интернет-страница, специјално за оваа тема. На неа „Јунион Карбајд“ цитира студија, според која надвор од фабричкиот круг нема траги од затруена вода. Освен тоа, владата на сојузната држава Мадја Прадеш уште во 1998 година ја презела одговорноста за поранешниот фабрички круг и „Јунион Карбајд“ со тоа веќе нема никаква врска.

Сепак, по долгогодишните протести на активистите и судска пресуда, политиката презеде акција. Од пред неколку недели најголем дел од жителите на сиромашниот кварт Нагар имаат пристап кон чиста вода за пиење. Еден час дневно. Се‘уште се во тек постапки пред американските и индиските судови. Меѓу другото, предмет е- дали и „Јунион Карбајд“ сноси одговорност за загадената почва. „Тоа е веќе нешто“, вели Рихана, „но, со тоа не би можела да ја платам операцијата на мојот син“.

Една недела откако ја сретнавме Рихана, нејзиниот 24-годишен син почина поради слабост на бубрезите. За него секоја помош е задоцнета.