1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Поврзувањето е клучно во науката

Теодора Лазарова
29 ноември 2021

„Македонија ја доживувам како место во кое има одлична локална наука, но само од време на време отскокнува и наоѓа простор во светските текови“, вели за ДВ, професор Никола Стиков асистент професор по биомедицински инженеринг и научник истражувач на Универзитетот Монтреал во Канада.

https://p.dw.com/p/437N9

„Мислам дека науката како концепт е нешто што не дозволува да се биде „голема риба во мало мочуриште“ вели во разговорот за Дојче Веле професор- доктор Никола Стиков, асистент професор по биомедицински инженеринг и научник истражувач на Универзитетот Монтреал во Канада. Тој работи на истражување на микроструктурата на белата материја во мозокот и развива нови технологии за неинвазивно мерење на дебелината на миелинскиот обрач. 

По завршувањето на средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“ во Скопје, заминува на студии на Електротехничкиот факултет при Универзитетот Стенфорд во САД со што станува еден од првите Македонци што дипломирал, магистрирал и докторирал на овој престижен Универзитет. 

„Знам дека условите за работа во Македонија во областа на науката се многу потешки во поглед на пристап до ресурси, во поглед на финансиски средства. Науката како концепт бара секогаш да се биде во тек со светските трендови и затоа мислам дека во Македонија имаме еден голем хендикеп во поглед на тоа дека нашите луѓе немаат доволно соработки, контакти, доволно проекти со странство за да може да се чувствуваат како дел од светските трендови. Мислам дека основната разлика е тоа што ние во странство сме добро поврзани и имаме одлична мрежа на соработници, а ја доживувам Македонија како место во кое има одлична локална наука, но само од време на време отскокнува и наоѓа простор во светските текови“, потенцира професор Стиков. 

Токму недостатокот од поврзаност на македонските научници со светските текови, но и потребата на некој начин да и се оддолжи на својата земја, за професор Стиков е мотивација да креира неколку проекти преку кои се обидува да го пренесе своето знаење.  Освен повремените предавања на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство во Скопје, тој е основач на проектот „Наука за деца“ и актуелно Центарот за напредни интердисциплинарни истражувања што ќе работи во состав на УКИМ: 

„По две годишно работење „под радар“ проектот С(ц)иеста кој подразбира организирање на научни онлајн дебати помеѓу наши научници кои работат на светски Универзитети и светски компании, доби и официјална промоција и прерасна во Центар за интердисциплинарни истражувања во рамки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и кој ќе биде отворен за сите наши научници родум од Македонија кои што би сакале да соработуваат со научници во земјата“, вели Стиков.