1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте бројот внатрешно раселени лица во светот

20 јуни 2006

На денешниот меѓународен Ден на бегалците има прво една добра вест: вкупниот број бегалци ширум светот опаднал на најниска точка во последните 26 години.

https://p.dw.com/p/Ac5d
Бегалци од Африка на стар брод пред брегот на Шпанија
Бегалци од Африка на стар брод пред брегот на ШпанијаФотографија: AP

Но, ваквите статистички податоци на Комесаријатот за бегалци на ОН не оставаат многу простор за вистинска радост, бидејќи бројот на внатрешно реселени лица пораснал и во минатата година.

8,4 милиони луѓе избегале во 2005-та од нивните татковини. Тоа се речиси еден милион помалку во споредба со претходната година. Толку малку бегалци немало од 1980-та година. Објаснувањето за таквиот надолен тренд е дека бегалците воопшто не успеваат да ги минат меѓународните граници:

„На барателите на азил им е се‘ потешко да најдат прием во други земји. Пред се‘ индустриските земји ги зголемуваат се‘ повеќе бариерите„ – појаснува портпаролот на УНХЦР Род Редмонд.

Во таа светлина треба да се набљудува и мотото на годинешниот Ден на бегалци, што гласи „Да го сочуваме пламенот на надежта!„ Со се‘ позатворени меѓународни граници и се‘ поостри критериуми за доделување азилантски статус, навистина е тешко да се сочува надежта. Богатите индустриски земји се‘ почесто ги враќаат бегалците уште од граница, доколку воопшто успеат да дојдат до неа. Така на загрозените лица не им останува ништо друго освен да бегаат внатре во сопствената земја. Бројот такви внатрешни бегалци е зголемен пропорционално на намалувањето на бројот меѓународни бегалци. При тоа првите најчесто се во уште полоша состојба отколку вторите, појаснува Јан Игеланд, координаторот на ОН за хуманитарни прашања.

„Внатрешните бегалци се повеќе загрозени, посиромашни и им треба повеќе помош, отколку на сите други жртви на војна и природни катастрофи. Сметаме дека има 25 милиони кои избегале поради воени конфликти и уште голем број згора на тоа кои побегнале од своите огништа поради природни катастрофи.„

За меѓународните бегалци важат одредбите од Женевската конвенција, според која земјата што ги примила треба да се погрижи за нивно сместување, исхрана и сигурност. За внатрешно раселените лица меѓутоа не постои никаква конвенција, а многу влади се спротиставуваат на помош од странство, бидејќи ја доживуваат како мешање во внатрешните работи на нивната земја. За внатрешните бегалци исто така не е надлежно ниту едно меѓународно тело. За нив делумно се грижи додуша Комесаријатот на ОН, но вистинска надлежност нема ни тој. Со оглед на ограничените средства, тој ионака не може да помага на секаде.

„Немаме организација што била надлежна за внатрешните бегалци, за обичните жртви на војни и катастрофи. Затоа на меѓународната заедница и‘ предложив да ги поделиме хуманитарните организации по групи и да воспоставиме една што ќе ја координира нивната работа. На пример за водоснабдување и санитарии тоа да биде УНИЦЕФ, за заштита на внатрешни бегалци УНХЦР, а за бегалци при природни катастрофи Меѓународниот црвен крст и полумесечина„ – посочува координаторот на ОН за хуманитарни прашања, Јан Игеланд.

Најголемиот број внатрешно раселени лица се регистрирани во Колумбија, Ирак, Пакистан, Судан и Авганистан. А повеќе од половината меѓународни бегалци доаѓаат од само пет земји: Авганистан, Колумбија, Ирак, Судан и Сомалија.