Камионџиите се кренаа против правилата на ЕУ
27 јануари 2026
Протестите на камионските превозници од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора продолжуваат и денеска, а блокадите на товарните гранични премини кон Шенген-зоната продолжуваат без најави дека ќе бидат прекинати. Превозниците тврдат дека нивните аргументи долго време биле игнорирани, а дека новиот систем за влез и излез од Европската Унија (ЕЕС), кој од октомври 2025 година постепено се воведува на сите надворешни граници, сериозно ја загрозува нивната работа.
Иако товарниот транспорт е речиси целосно блокиран, патничкиот сообраќај се одвива непречено. Превозниците од регионот остануваат на ставот дека нема да се тргнат од граничните премини додека не се постигне решение и додека ЕУ не најде модел што ќе ги заштити професионалните возачи од третман како туристи.
Аргументите на камионџиите: „ЕЕС нè прави неконкурентни“
Превозниците посочуваат три главни аргументи:
1. Ограничувањето од 90 дена престој во 180 дена е нереално за професионалци
Според нив, ова правило е прифатливо за туристи, но не и за возачи кои речиси секојдневно транзитираат низ ЕУ. Ограничувањето значи дека по исцрпување на деновите, професионалните возачи би морале да престанат да работат со месеци, што го прави транспортниот сектор неизводлив.
2. ЕЕС автоматски ги евидентира сите минувања – што ги става во полоша положба од ЕУ превозниците
Превозниците велат дека од моментот кога системот ги бележи сите влезови и излези, секој ден престој во ЕУ се брои, дури и кога станува збор за кратки транзитни преминувања од неколку часа. Ова ги става во нерамноправна положба во однос на возачите од ЕУ, кои немаат вакви ограничувања.
3. Бараат посебен професионален статус – не третман како туристи
Тие бараат да им се овозможи континуиран влез во ЕУ без ограничување на деновите. Билјана Муратовска од асоцијацијата „Макам-транс“ посочи дека протестот не е насочен кон економијата, туку претставува силен аларм кон Брисел. Таа додава дека доколку не се најде решение, превозниците ќе бидат принудени да бараат други форми на притисок.
ЕУ не отстапува – системот ЕЕС продолжува
И покрај протестите, Европската комисија засега останува на ставот дека правилата за престој 90/180 дена не се нови, а системот ЕЕС само овозможува подобра контрола и спречување на злоупотреби.
„Според шенген-правилата, граѓаните на земјите на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ имаат право да останат во шенген-зоната 90 дена во период од 180 дена во која било држава. Надвор од ова, престојот мора да биде покриен со виза или со национални аранжмани“, порача портпаролот Маркус Ламерт.
Според него, ЕУ е свесна дека постојат професии со висока мобилност, како што се возачите на камиони, спортистите и уметниците. Ова прашање ќе се разгледува во рамки на новата визна стратегија, но засега не се предвидува суспензија или одложување на системот.
Оваа позиција дополнително ги заостри реакциите на превозниците, кои велат дека ЕУ мора да понуди конкретни решенија, а не само технички образложенија.
Поддршка од македонските институции
Министерот за транспорт Александар Николовски при посетата на преминот „Блаце“ ја поддржа блокадата и ги претстави трите можни решенија кои земјите од Балканот ќе ги бараат од ЕУ. Тие се: одложување на примената на ЕЕС за камионските превозници, зголемување на бројот на дозволени денови – минимум 250 дена согласно работниот циклус и посебни правила за професионалци или воведување работни визи, како што е моделот на Швајцарија
Николовски апелира февруари и март да се искористат за интензивни преговори со Шенген-зоната.
Веќе втор ден блокирани се речиси сите товарни премини, вклучувајќи ги оние на пат кон, Бугарија, Грција, Унгарија, Хрватска, Словенија, Италија и пристаништето Бар (Црна Гора).
Стопанските комори предупредуваат дека ова предизвикува сериозни штети врз логистичките синџири и договорните обврски. Над 60% од трговијата на Западен Балкан се одвива со ЕУ, поради што секое доцнење се пресметува во милионски загуби.