1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТрговијаИран

Иран заработува милиони од блокадата на Ормускиот Tеснец?

27 март 2026

Ирански пратеник тврди дека Техеран тивко наплаќа од танкери и до 2 милиони долари за безбеден транзит низ Ормускиот Теснец. Таквиот потег би можел да ја претвори клучната водна рута во наплатна рампа.

https://p.dw.com/p/5BBCx
Оман Шинас 2026 | Танкер за течен гас всидрен во Ормускиот Теснец
Иран вели дека ќе го отвори Ормускиот Теснец за бродови кои не се непријателскиФотографија: Benoit Tessier/REUTERS

Историјата нѐ учи дека добро конектираните лица и деловни субјекти профитираат од кризи. Но, војната во Иран таквата појава ја крева на сосема ново ниво, дури и во време кога САД нудат план од 15 точки за прекин на борбите.

За време на конфликтот кој трае речиси еден месец, имаше обвинувања на сметка на трговците со гориво кои ги зголемија цените на бензинските пумпи во рок од неколку часа по првите напади, потоа на големите нафтени компании, кои се радуваат на неочекувани маржи за сурова нафта од 100 долари (86,24 евра) за барел, и осигурителните компании за поморски транспорт, кои ги зголемија премиите за воени ризици за стотици проценти откако Техеран го затвори Ормускиот Теснец.

Но, еден потег ги надминува сите со неговата евидентна дрскост. Иран, кој ги спречува речиси сите танкери за нафта и гас да минат низ теснецот, наводно почнал да наплатува и до 2 милиони долари (1,72 милиони евра) по брод за „безбеден премин“ низ теснецот.

„Лојдс Лист“, една од најстарите и најавторитетни поморски публикации, минатата недела објави дека се верува оти најмалку еден танкер извршил плаќање.

Дали Иран поставил „наплатна рампа“ во Ормускиот Теснец?

Потегот на Техеран се заканува да ја претвори оваа критична глобална рута низ која минува една петтина од светските испораки на нафта и гас во наплатна рампа со висок ризик. Иако неколку ирански функционери го негираа извештајот, пратеникот Алаедин Боруџерди на државната телевизија тврдеше дека таквите давачки се собираат како дел од „нов суверен режим“ во теснецот, претставувајќи го потегот како обид за покривање на „воените трошоци“.

Доколку се потврдат ваквите наводи, таквата наплата би била кршење на меѓународното поморско право, вели Роберт Хуберт, експерт за меѓународни односи на универзитетот Калгари во Канада. „Слободата на навигација... е основа на меѓународната поморска трговија... можноста да се минува низ овие области без никаква опструкција“, изјави Хуберт во вторникот (24.03) во поткаст на канадската Енерџи Медиа. „Ако сторите такво нешто [наплатите надомест], ќе се соочите со директен отпор од речиси секоја држава“, додава тој.

Со оглед на повеќе од 3.200 заглавени бродови, Питер Санд, главен аналитичар во фирмата за аналитика „Ксенета“ со седиште во Копенхаген, ја намалува важноста на надоместокот за помош за повторно отворање на тесниот воден пат.

„Колку и да изгледа висок, [транзитниот надомест од 2 милиони долари] тој не е суштинскиот фактор“, вели Санд за ДВ и додава дека е „важно што сè уште не е безбедно да се минува таму.“

Подготвеноста на големите увозници на нафта и гас да се вклучат во директни разговори и да платат зачудувачки висок надоместок по брод, покрај ненормално високото осигурување, го отсликува растечкиот очај кај земјите зависни од испораката на гориво, кои сакаат да обезбедат макар и минимални залихи. „Некои [земји] можеби ќе сакаат да платат“, вели Санд и додава: „Тоа е мала финална премија за да се обезбеди некаков вид непрекинато снабдување со енергија.“

Исплати и покрај санкциите врз Техеран

Во „Лојдс Лист“ се наведува дека е нејасно како воопшто е извршена трансакцијата, бидејќи Иран сè уште е предмет на меѓународни санкции, што за Техеран го отежнува примањето исплати во долари преку западни финансиски канали.

Магазинот пишува дека Индија, Пакистан, Ирак, Малезија и Кина имаат директни преговори со иранските власти за да обезбедат безбеден премин за нивните бродови.

Од „Блумберг“ исто така известуваат за надоместокот и цитираат неименувани извори кои тврдат дека неколку бродови веќе платиле за безбеден премин низ теснецот, иако наплатата се чини дека не е систематска.

Техеран размислува за формализирање на надоместокот во каков било мировен договор со САД и Израел, додава еден од изворите на „Блумберг“.

Иран ќе го олесни транзитот за танкери кои не се непријателски

Иран во вторникот испрати писмо до земјите-членки на Меѓународната поморска организација (ИМО) наведувајќи дека сега ќе дозволи транзит низ Ормускиот Теснец за бродови кои не се непријателски, а сето тоа во координација со Техеран.

„Досега [Иран] одобруваше меѓу три и пет транзити дневно“, вели Санд и појаснува дека „[сега Техеран вели] ако не сте непријател на Иран, теснецот е отворен за вас“.

Во меѓувреме, портпарол на ИМО за ДВ вели дека организацијата работи на воспоставување „привремена и итна мерка за олеснување на безбедната евакуација на трговски бродови моментално заглавени во заливскиот регион“.

Пред кризата дополнително да се влоши, според ИМО, е од клучно значење да се заштитат животите и благосостојбата на заглавените морнари, додека напорите се насочени кон тоа бродови што сакаат да транзитираат низ теснецот да може да го сторат тоа безбедно.

Цените на горивото во Македонија и Европа

Поморска придружба не е „долгорочно решение“

Американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз европските сојузници од НАТО во подалечна иднина да се приклучат на мултинационална поморска патрола или мисија за придружба во Заливот, со цел заштита на комерцијалниот бродски транспорт.

Европските земји, пак, во голема мера се спротивставија веднаш да бидат вклучени. Но, многу земји, како Германија, Франција и Италија, посочија дека би биле подготвени да се вклучат во патролна или придружна мисија, откако ќе завршат активните борби.

ИМО потенцираше дека и покрај тоа што поморска придружба била користена и претходно, вклучително и за време на неодамнешните напади од Хутите, поддржани од Иран, врз бродови во Црвеното Море, тоа не претставува „одржливо или долгорочно решение“. „Мора да има мултилатерално решение за деескалација на ситуацијата и да се овозможи безбедна евакуација на цивилните морнари и бродови“, нагласи портпарол на ИМО.

Овој текст првично е објавен на ДВ на англиски јазик