1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Трамп бара учество на НАТО во Ормускиот Теснец

ЕМФ | агенции
16 март 2026

Американскиот претседател Доналд Трамп бара поддршка од НАТО за обезбедување на пловидбата во Ормускиот Теснец, но некои земји одбиваат учество во таква мисија. Се разгледува и проширување на мисијата на ЕУ.

https://p.dw.com/p/5AS9Y
САД 2026 | Американскиот претседател Доналд Трамп
Американскиот претседател Трамп ги повика другите земји да испратат воени бродови за да ја обезбедат пловидбата низ Ормускиот ТеснецоФотографија: Mark Schiefelbein/AP Photo/picture alliance

Aмериканскиот претседател Доналд Трамп го зголеми притисокот врз сојузниците по прашањето за меѓународна поморска мисија за обезбедување на пловидбата низ Ормускиот Теснец, кој е клучен за глобалното снабдување со нафта.

Трамп побара реакција од НАТО. „Ако нема одговор или ако одговорот е негативен, тоа би било многу лошо за иднината на НАТО“, изјави тој за „Фајненшал Тајмс“. Американската влада ја поддржала Украина во нејзината војна против Русија и затоа очекува помош од европските сојузници во Ормускиот Теснец, нагласува Трамп.

Откако првично најави дека американската морнарица наскоро ќе започне да придружува танкери низ Ормускиот Теснец, Трамп во саботата (14.03) ја промени позицијата. Наместо тоа, тој ги повика другите земји да испратат воени бродови за да ја обезбедат пловидбата низ теснецот.

Трамп изјави дека ќе учествуваат „многу земји“ и ги наведе Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија. Во изјава за новинарите во претседателскиот авион Ер Форс Уан, Трамп рече дека неговата влада разговара со „околу седум“ земји.

Германија и Јапонија одбиваат учество во поморската мисија

Јапонската влада, сепак, исклучи учество во таква поморска мисија. „Во сегашната ситуација во Иран во моментов не размислуваме да наредиме поморска безбедносна операција“, изјави јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми пред парламентот во Токио. Јапонската премиерка Санае Такаичи додаде дека секоја таква операција би била „правно исклучително тешка“.

Германската влада уште во петокот ја исклучи можноста за германско учество. Во неделата (15.03) министерот за надворешни работи Јохан Вадефул за АРД изјави дека во моментов не гледа „непосредна потреба“ Германија да учествува во поморска мисија за обезбедување на Ормускиот Теснец. Министерот побара од САД и Израел повеќе информации за воените цели и понатамошните планови во војната против Иран.

Ескалацијата со Иран предизвикува раст на цените на нафтата и гасот

Од почетокот на војната со Иран кон крајот на февруари, Ормускиот Теснец - низ кој поминува околу една петтина од светскиот транспорт на нафта и течен природен гас - де факто е блокиран од иранската војска. Теснецот меѓу Арапскиот Полуостров и Иран го контролира иранската Револуционерна гарда. Покрај тоа, Иран гаѓаше нафтени постројки во неколку земји од Заливот и нафтени танкери. Овие случувања доведоа до нагло зголемување на цените на нафтата и гасот.

Цените на горивото во Македонија и Европа

Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел треба да разговараат за ситуацијата на Блискиот Исток. Меѓу темите е и можноста за проширување на поморската мисија на ЕУ во Црвеното Море за заштита на поморските патишта во Ормускиот Теснец.