1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Дали претстојат нови разговори меѓу Иран и САД?

ЖА / агенции
25 април 2026

Нови преговори за иранската војна повторно се на маса откако шефот на иранската дипломатија пристигна во Пакистан, а САД најавија испраќање високи пратеници. Техеран: САД сакаат да „го спасат образот“ во војната со Иран

https://p.dw.com/p/5Cndv
Средба на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи со министерот за надворешни работи на Пакистан, Ишак Дар
Пакистан повторно ќе игра посредничка улога во индиректните разговори меѓу САД и ИранФотографија: Iranian Foreign Ministry/AP Photo/picture alliance

Преговорите меѓу Иран и Соединетите Американски Држави за можно ставање крај на војната моментално се во застој, но најновите дипломатски движења можат да навестат промена. Откако во петокот попладне беше објавено дека иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи отпатувал во Пакистан, Белата куќа соопшти дека американскиот претседател  Доналд Трамп ги испраќа својот зет Џаред Кушнер и специјалниот пратеник Стив Виткоф во Исламабад.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, изјави во Вашингтон дека може да потврди оти Виткоф и Кушнер во сабота ќе заминат за Пакистан, каде што ќе одржат разговори со претставници на иранската делегација. Според неа, Иранците се обратиле до САД по апелот на претседателот Трамп и побарале „лична средба“.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој ја предводеше американската делегација во првата рунда разговори, нема да им се придружи на двајцата преговарачи, но и понатаму ќе биде интензивно вклучен во процесот. Тој, заедно со државниот секретар Марко Рубио и тимот за национална безбедност на претседателот, останува во Вашингтон, подготвен за евентуална итна мисија во Пакистан доколку се појави потреба.

Контрадикторни изјави од Техеран

Во меѓувреме, Арагчи веќе пристигна во Исламабад. Според официјалниот Телеграм канал на иранскиот министер за надворешни работи, тој претходно телефонски разговарал со влијателниот началник на пакистанската армија Асим Мунир, а во меѓувреме имал и средба со министерот за надворешни работи Ишак Дар.

Сепак, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Исмаил Багаеи, изјави дека  не е планирана никаква средба меѓу Арагчи и американската делегацијаи дека разговорите ќе се водат исклучиво со пакистанската страна. Побивајќи ги наводите на Белата куќа, иранската новинска агенција „Тасним“ оцени дека тврдењето за иранско барање за лична средба со Американците е неточно. „Тасним“ се смета за гласноговорник на Иранската револуционерна гарда – елитна воена формација во земјата.

Според иранското Министерство за одбрана, САД се обидуваат да се извлечат од конфликтот „на начин за да го спасат образот“ преку обновени разговори во Пакистан за можен крај на војната меѓу Иран и Ирак. „Нашата воена сила е доминантна сила денес, а непријателот бара начин за да го спаси образот да избега од мочуриштето на војната во кое е заробен“, новинската агенција ИСНА го цитираше портпаролот на министерството во саботата.

Поради спротивставените изјави од двете страни, останува нејасно дали конфликтните страни само ќе разменуваат пораки преку пакистански посредници или сепак ќе дојде до директни преговори.

Пакистан како посредник и условите за прекин на огнот

Пакистан веќе има улога на посредник во  иранскиот конфликт  и пред две недели беше домаќин на разговори меѓу претставници на Иран и  САД за прекин на непријателствата, кои завршија без конкретен резултат. Клучни точки на несогласување останаа слободата на пловидба низ Ормускиот Теснец и иранската нуклеарна програма.

Претседателот Трамп го услови воспоставувањето на примирје со отворање на Ормускиот Теснец, кој Техеран во голема мера го контролира, но истовремено САД продолжуваат со сопствената блокада на иранските пристаништа.

Во вторникот,  Трамп го продолжи примирјето непосредно пред истекот,  и тоа на неопределено време.„Претседателот секогаш сака да ѝ даде шанса на дипломатијата“, изјави портпаролката Левит. Очекувањата за можни нови разговори меѓу САД и  Иран веќе имаа ефект врз пазарите, при што цената на нафтата забележа пад.