1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Трамп му дава на Техеран многу малку време

ЖА /АРД
23 април 2026

Прекинот на огнот во судирот меѓу САД и Иран е продолжен, но Трамп наводно му дал на Техеран само неколку дена за договор, иако Белата куќа тврди дека нема формален рок.

https://p.dw.com/p/5CgLn
Претседателот на САД, Доналд Трамп
Трамп очигледно сака да му даде на Иран само неколку дена рок да одговориФотографија: Daniel Heuer/ABACA/picture alliance

Прекинот на огнот во војната со Иран е продолжен, но останува нејасно до кога ќе трае и каков ќе биде следниот чекор. Според американските медиуми, претседателот на САД,  Доналд Трамп, наводно му дал на Иран само неколку дена рок за постигнување заеднички предлог за завршување на конфликтот.

По едностраната одлука за продолжување на примирјето, аналитичарите и набљудувачите се обидуваат да ја дешифрираат стратегијата на Трамп во иранскиот конфликт.

Трамп подготвен на кратко продолжување на примирјето

Според информации објавени од порталот „Аксиос“ и телевизијата „Фокс њуз“, повикувајќи се на американски извори и функционер од Белата куќа, Трамп бил подготвен да го продолжи прекинот на огнот за уште три до пет дена. Во тој период, Иран наводно треба да се согласи околу заеднички предлог за  деескалација и завршување на војната.

Овие извештаи наведуваат дека  продолжувањето на примирјето,  кое Трамп го најави во вторникот, од самиот почеток било замислено како привремена мерка.

Весникот „Њујорк пост“ пренесе дека Трамп смета оти втора рунда разговори меѓу конфликтните страни е можна во рок од три дена. Сепак, за овие информации сè уште нема официјална потврда.

Белата куќа: Нема официјален рок

Сомнежите околу вистинските намери на американскиот претседател се засилени и поради неговите претходни изјави. Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп изјави дека  во конфликтот „нема временска рамка“ и „нема временски притисок“.

„Луѓето велат дека сакам ова да го завршам брзо поради меѓуизборите, но тоа не е точно“, рече Трамп, додавајќи дека неговата администрација сака „да постигне добар резултат за американскиот народ“.

На оваа позиција инсистираше и портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, која изјави дека претседателот не поставил цврст рок за доставување ирански предлог. Таа сепак нагласи дека конечниот распоред и одлуките ќе зависат од Трамп.

Иран сигнализира дијалог, но поставува услови

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан сигнализираше подготвеност за понатамошни преговори.Во објава на социјалната мрежа X, тој напиша дека „Иран секогаш го поздравувал дијалогот и договорот и продолжува да го прави тоа“, но предупреди дека „кршењето договори, блокадите и заканите остануваат главни пречки за вистински преговори“.

За разлика од многу други земји, претседателот на Иран не е шеф на државата, туку шеф на владата. Пезешкијан во земјата важи за релативно умерен политичар, но со сериозно ограничени овластувања.

И покрај неговите изјави, иранската новинска агенција „Тасним“ објави дека Иран во моментов нема планови да учествува во мировни разговори со САД. Техеран вчера ја презеде одговорноста за нападите врз три товарни брода во Ормускиот Теснец, кој претставува клучна поморска рута за глобалната трговија со нафта.

Претходно, Иран во голема мера го затвори теснецот, по што САД воведоа блокада што ја спречи иранската пловидба. Преку Ормускиот Теснец вообичаено се транспортираат околу 20 проценти од светските резерви на нафта.

Галибаф: Без укинување на блокадата, нема целосно примирје

Претседателот на иранскиот парламент и главен преговарач, Мохамад Багер Галибаф, изјави дека целосен прекин на огнот има смисла само доколку биде укината американската блокада.

Пред околу една и пол недела, преговорите со посредство на Пакистан за можен крај на војната завршија без резултат. Иран и САД меѓусебно се обвинија за прекршување на примирјето, кое формално стапи на сила на 8 април.