1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Злоупотреби од 2 милиони евра во Државна лотарија

16 декември 2025

Државниот завод за ревизија за 2024: утврдени сериозни неправилности, сомнителни исплати на добивки и злоупотреба на парични средства во Државна лотарија.

https://p.dw.com/p/55RZU
Коцкар држи пари во рацете пред слот машина во казино во Минхен на 23 мај 2011 година
Ревизија ја разоткри Државната лотарија: сомнителни исплати и злоупотреби на париФотографија: picture-alliance/dpa

Државниот завод за ревизија (ДЗР) спроведе ревизија во АД Државна лотарија за 2024 година и утврди сериозни неправилности, сомнителни исплати на добивки и злоупотреба на парични средства во износ од речиси 1,98 милиони евра. Недостигот на контроли и нефункционалната внатрешна ревизија отвораат сомнеж за незаконско работење.

Милионски злоупотреби: каде исчезнаа речиси 2 милиони евра?

Ревизорите откриле нереални сметководствени записи и нелогични трансакции во износ од над 122 милиони денари (1.987.377 евра). Дополнително, дневниот пазар од продажба на лотариски игри изнесувал над 46 милиони денари, но не бил редовно уплатуван на сметките на друштвото. Недостасува благајнички дневник и документација за готовински трансакции, што го прави процесот непрегледен и ризичен.

Исплати на мали добивки во износ од над 13 милиони денари се вршеле директно од директорот на Секторот за финансии, без пропишаната постапка преку „Мастер дилер“, а за најголем дел од овие исплати недостасува валидна документација.

Жена пополнува лотариски билет за германската лотарија во Лајпциг, Саксонија, на 29 април 2013 година
Ревизија открива сомнителни исплати и злоупотребиФотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture-alliance

Инстант лотарија под сомнеж: добивки што не стигнуваат до играчите

Фондот за добивки е евидентиран со над 63 милиони денари помалку од реалниот износ според онлајн системот, што го загрозува интегритетот на игрите и исплатата на идните добивки. За три игри со предметни добивки (станови, автомобили, скутери) нема сметководствена евиденција, а набавките се вршеле пред одобрување на правилата, со неевидентирани трошоци од десетици милиони денари.

Маркетинг со златна цена: трошоци што растат без контрола

Во 2024 година, трошоците за реклама и промоција достигнале над 220 милиони денари (3.582.811 евра) – десетпати повеќе од 2020 година. Ревизорите нотираат дека не може да се потврди рационалноста на овие трошоци. Дополнително, утврдени се неправилности кај јавни набавки, договори за привремени работи (75 лица исплатени без да работат) и службени патувања, дел од кои се исплатени за нереализирани активности или без поткрепувачка документација.

За утврдените неправилности и сомнеж за незаконско работење, ревизорите ги известиле надлежните органи за понатамошно постапување.

Реакција од Државна лотарија

Државна лотарија реагира дека „објавените наводи се неосновани, тенденциозни и нецелосни“, бидејќи во нив свесно или несвесно не е направена временска и управувачка разграниченост помеѓу периодот во кој Друштвото било управувано од претходното раководство од СДСМ и ДУИ и периодот во кој управувањето и одговорноста ги презема новото раководство. Таквиот пристап, според нив, создава погрешна слика во јавноста која доведува до манипулативно поврзување на констатации од различни временски периоди и претставува сериозно отстапување од принципите на објективно, точно и одговорно информирање.

„Новото раководство веднаш по преземањето на функцијата проактивно и транспарентно се обрати до Државниот завод за ревизија со кое иницираше целосна ревизија на финансиските извештаи и на целокупното работење на Друштвото со цел утврдување на фактичката состојба, идентификација на евентуални неправилности наследени од претходното раководство и воспоставување засилен систем на финансиска дисциплина, отчетност и законитост. Новото раководство останува цврсто определено кон транспарентно, законито и одговорно работење, како и кон целосна соработка со сите надлежни институции, но истовремено ќе реагира решително против секој обид за дезинформирање на јавноста и политички или медиумски манипулации“, се вели во реакцијата.

 

На што би потрошиле 60 милиони евра?