Франција во шок по грабежот во Лувр
20 октомври 2025
Многу Французи реагираа со неверување на веста за спектакуларниот грабеж. „Па нели е скандалозно што некој може едноставно да си ги земе скапоценостите на француската круна ако се појави со платформа за кревање и се прикраде низ прозорец и сето тоа среде центарот на Париз?!“, вели еден млад човек пред Лувр.
И во француската политика многумина се бесни. Од деснонационалистичката партија „Национален собир“ велат дека тоа е понижување за Франција, додека поранешниот претседател, социјалистот Франсоа Оланд, наведува дека е можно зад грабежот да стојат странски нарачатели.
Најпознатиот француски експерт за благородништво, Стефан Берн, во врска со значењето на украдениот накит вели дека тоа е „како да бил украден накитот на вашата баба. Тоа е францускиот семеен накит“.
Украдени брошеви, тијари и ѓердани
Сторителите украле осум парчиња накит со речиси непроценлива вредност - брошеви, тијари и ѓердани со дијаманти и бисери од времето на Луј Четиринаесетти или француското кралство од 19. век.
Историскиот накит бил изложен во две витрини во салата Аполо на првиот кат од јужното крило на Лувр. Сторителите до таму дошле преку балкон, до кој дошле со возило со подвижна платформа. Сè се случило екстремно брзо, објаснува министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез. „Сето траело седум минути. Сторителите избегале на мотоцикли. Крадците очигледно претходно темелно го извидувале местото и биле многу вешти“, вели министерот.
Сторителите си го оставиле алатот
Четворицата сторители наводно носеле елеци за видливост и биле маскирани. Додека бегале, во Лувр им паднала исклучително вредна круна што ѝ припаѓала на француската царица Евгенија. Круната украсена со повеќе од илјада дијаманти, притоа била оштетена.
Сторителите ги оставиле и употребуваните алатки на местото на грабежот. Не им успеал ниту обидот со бензин да го запалат возилото со платформата на лице место. Потоа крадците избегале со брзи скутери во правец на автопатот.
„Музеите станаа мети“
Министерката за култура на Франција, Рашида Дати, зборуваше за целни напади на француските музеи кои се повторуваат. „Тоа се професионалци. Организираниот криминал им се намерачил на уметничките предмети. Музеите станаа мети - Франција има големо културно наследство од голема вредност“, рече таа.
Но, се слушаат и критики на сметка на властите одговорни за културата во Франција кои, како што се наведува, не инвестирале доволно во Лувр во изминатите години. Уште во февруари годинава директорката на Лувр, Лоренс де Кар, упати апел за помош, истакнувајќи дека најголемиот музеј во светот е во лоша состојба.
Намалување на персоналот за обезбедување
Во тоа време фокусот беше првенствено ставен на штети на објектот. Но, беше намален и персоналот, вели претставничката на синдикатот Елиз Милер. И таа самата е дел од безбедносниот персонал на Лувр. „Во рок од десет години, скратени се 190 работни позиции од безбедносниот персонал. Тоа се 15 проценти од персоналот“, вели таа.
Сето тоа се случува и покрај фактот дека Лувр по корона-пандемијата има огромен прилив на посетители, поради што музејот е на работ на своите капацитети.
Минатата година се продадени девет милиони влезници. Кога Лувр во 1980-тите беше реновиран и украсен со стаклена пирамида, беше планиран само за половината од денешниот број на посетители.
По грабежот, Лувр вчера (19.10) беше евакуиран и затворен. Многу посетители од медиумите дознаа дека истиот ден биле или во музејот, или во негова близина кога се случила една од најспектакуларните кражби на уметнички дела во поновата француска историја.
Автор на текстот: Кај Ринекер, АРД