1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Дигитален светФранција

Франција: Забрана на онлајн мрежи за деца под 15 години

ЖА / агенции
27 јануари 2026

Франција би можела, по Австралија, да стане втората земја која воведува старосно ограничување за користење на социјалните мрежи. Националното собрание гласаше за соодветен закон.

https://p.dw.com/p/57XPQ
Икони за социјални медиуми на мобилен телефон
Франција би можела, по Австралија, да стане втората земја која воведува старосно ограничување за користење на социјалните мрежиФотографија: Yui Mok/dpa/picture alliance

Француското Национално собрание донесе одлука за забрана на социјалните мрежи за деца и млади под 15 години. Пратениците во Националното собрание со големо мнозинство — 130 гласови „за“ и 21 „против“ — усвоија законски предлог.

Доколку Сенатот исто така даде зелено светло, забраната што треба да ги опфати ТикТок, Снепчет и Инстаграм може да стапи во сила уште од 1 септември — односно со почетокот на новата учебна година.

Забраната за социјалните мрежи е еден од клучните проекти на претседателот  Емануел Макрон. Според француската влада, таа треба да ја заштити менталната благосостојба на децата и младите. Меѓу ризиците од социјалните мрежи, според извештајот на националната здравствена агенција, се вбројуваат сајбер-насилство, постојано споредување со други или со нереални идоли, како и изложеност на брутални содржини. Дополнително, алгоритмите – според студијата – ја впиваат внимателноста на младите и често им го нарушуваат сонот.

Забрана за социјални мрежи - да или не?

„Емоциите на нашите деца и млади не се за продажба и  не смеат да бидат манипулирани –  ниту од американски платформи, ниту од кинески алгоритми“, истакна Макрон во видео-изјава објавена во саботата. Од забраната треба да бидат изземени педагошки содржини и онлајн-енциклопедии како Википедија.

Франција  веќе пред неколку години се обиде да воведе минимална возраст од 15 години за младите да можат да отворат свој профил на социјални мрежи без дозвола од родителите. Законот не можеше да се спроведе поради европската правна рамка. Новата регулатива станува можна откако  Европската комисија  минатото лето измени некои одредби од Законот за дигитални услуги.

Дали ТикТок е виновен за самоубиства на тинејџери?

Сепак, останува прашањето како технички ќе се реализира проверката на возраста. Досега нема механизам што овозможува ефикасна проверка на возраста и истовремено гарантира заштита на податоците. Решение за ова прашање се разработува на ниво на ЕУ.

Ако законот во Франција конечно биде усвоен, земјата ќе стане една од првите што воведуваат толку рестриктивни правила за малолетници.  Предвесник е Австралија–  таму од 2025 година важи  забрана за користење на социјални мрежи  за  деца и млади под 16 години.

Неколку земји во Европа планираат слични мерки. Така, Горниот дом во Велика Британија минатата недела исто така изгласа забрана за социјални мрежи до 16 години, која сега треба да помине и во Домот на пратеници, доминиран од Лабуристичката партија.

Во Данска, владата и опозицијата се согласиле да воведат национална старосна граница од 15 години за пристап до одредени социјални медиуми. И во  Германија се води дебата за тоа дали пристапот до социјалните мрежи треба да се ограничи за децата.