1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаВенецуела

Мерц, Трамп и Венецуела: Само да не се скрши некој порцелан

6 јануари 2026

Претпазливо, без избрзување, само сега да не се вознемири Трамп - вака реагира германската влада на заробувањето на венецуелскиот властодржец Мадуро од страна на САД.

https://p.dw.com/p/56Nro
Заробениот венецуелски претседател Николас Мадуроо опкружен од припадници на полицијата и агенти на ДЕА пристигнува на хелиодромот во центарот на Менхетен, додека се упатува кон судот во Њујорк
Претседателот Николас Мадуро беше уапсен во Венецуела и однесен во САД, каде што ќе му се судиФотографија: Eduardo Munoz/REUTERS

Речиси 40 минути, портпаролката на германското Министерство за надворешни работи, Катрин Дешауер, и портпаролот на владата, Себастијан Хиле, одговараа на прашања на тема Венецуела на прес-конференција во Берлин во понеделникот наутро (5.01). Тонот на повеќето прашања: Зошто канцеларот Фридрих Мерц и министерот за надворешни работи Јохан Вадефул (двајцата одЦДУ) не ја нарекоа акцијата на американската војска во саботата онака како што ја сметаат многу експерти - за кршење на меѓународното право.

Во саботата, американските војници во спектакуларна операција во главниот град Каракас го заробија претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, и го одведоа во САД.

Владата избегнува обвинување за кршење на меѓународното право

Непосредно пред почетокот на прес-конференцијата во Берлин, Дешауер и Хиле тивко се договараа неколку минути - веројатно за да усогласат заеднички став.

Резултат: Хиле прочита изјава во која прво остро го критикуваше Мадуро: „Мадуро ја доведе својата земја во тешка ситуација во последните години“. Неговото претседателствување се базира на наместени избори, поради што Германија никогаш не го призна Мадуро. Тој владееше диктаторски, земјата осиромаши.

А, потоа портпаролот на владата рече: „Канцеларот нагласи: Сите, па и САД, мораат да го почитува меѓународното право. Ова конкретно се однесува на државниот суверенитет и територијалниот интегритет“. Формулација со која внимателно се избегна обвинување на САД за експлицитно кршење на меѓународното право. 

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, финскиот претседател Александар Стаб гледаат кон американскиот претседател Доналд Трамп (свртен со грбот), кој говори
Секогаш се стреми кон добри односи со Доналд Трамп: германскиот канцелар Фридрих Мерц во Белата куќа во август 2025 година, со францускиот претседател Емануел Макрон од негова десна странаФотографија: picture alliance/Newscom/DANIEL TOROK

Мерц: „Правната квалификација е сложена“

Во текот на викендот и Германија учествуваше во формулирањето на европскиот одговор и оценка на апсењето на Мадуро од страна на американската влада. Резултатот беше изјава објавена во неделата, потпишана од 26 земји членки на ЕУ, но не и од Унгарија. Во изјава, високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, повика на почитување на меѓународното право. Почитувањето на волјата на венецуелскиот народ останува единствениот начин за враќање на демократијата во Венецуела. ЕУ повеќепати истакнуваше дека Мадуро нема легитимитет на демократски избран претседател.

Канцеларот Фридрих Мерц веќе избегна јасна изјава за време на викендот. Во саботата, тој рече:

„Правната квалификација на интервенцијата на САД е сложена. Ќе одвоиме време за тоа“.

Во принцип, во односите меѓу државите мора да се применуваат принципите на меѓународното право, нагласи Мерц: „Сега не смее да дојде до политичка нестабилност во Венецуела. Цел е да се обезбеди уреден премин кон легитимна влада преку избори“.

Зелените за Мерц: „Повлекувањето е сега погрешно“

Ова од бројни германски опозициски политичари беше сметано за премногу слабо. Тие ја нарекоа воената акција, во која беше уапсен Мадуро и на крајот беше одведен во Њујорк, јасно кршење на меѓународното право.

Така, шефицата на парламентарната група на Зелените во Бундестагот, Катарина Дреге, за време на викендот изјави: „Интервенцијата на САД е спротивна на меѓународното право. Што го спречува канцеларот јасно да го каже тоа?“ И додаде: „Повлекувањето во оваа ситуација е фатална стратегија, господине Мерц“.

Вицеканцеларот Клингбајл: „Нема оправдување за кршење на меѓународното право“

Во понеделникот наутро, министерот за надворешни работи Јохан Вадефул сметаше дека канцеларот треба повторно да биде поддржан. Во интервју за Дојчландфунк, пред неговото патување во Литванија, Вадефул рече: „Мадуро водеше режим на неправда, осум милиони луѓе ја напуштија земјата. Има и политички затвореници.“

Покрај тоа, Обединетите нации ја оценија состојбата со човековите права во Венецуела како многу критична, а против Венецуела се водат постапки пред Меѓународниот кривичен суд. Мадуро, покрај тоа, не беше легално избран за претседател на таа земја. „Сето тоа мора да се земе предвид“, рече Вадефул. Геополитичките интереси на САД, исто така, одиграа улога во нападот.  

Германскиот министер за финансии и вицеканцелар Ларс Клингбајл и германскиот канцелар Фридрих Мерц присуствуваат на седница на Бундестагот
Прекршување на меѓународното право или не? Мали разлики меѓу канцеларот Мерц (десно) и вицеканцеларот Клингбајл за прашањето на ВенецуелаФотографија: Liesa Johannssen/REUTERS

Реакцијата на вицеканцеларот и министер за финансии Ларс Клингбајл беше малку појасна во текот на викендот: „Настаните во Венецуела се многу загрижувачки“, изјави Клингбајл експлицитно во својство на шеф на СПД. „Венецуелскиот моќник Мадуро водеше авторитарен режим кој ја одржуваше власта преку насилство и репресија. Меѓутоа, ова не може да биде оправдување за кршење на меѓународното право.“

На Европа ѝ се потребни САД во конфликтот во Украина

Зошто Мерц и Вадефул не го кажуваат ова толку јасно, во моментов е предмет на шпекулации во политичките кругови во Берлин. На пример, Мерц денеска во Париз ќе се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон и други шефови на држави или на влади на ЕУ, а на средбата ќе бидат присутни и претставници од Украина и од САД. Како и толку често во минатото, состанокот ќе се фокусира на шансите за мир во Украина, за што американските безбедносни гаранции би биле клучни.

Дали Германија затоа е не е подготвена да влезе во костец со Доналд Трамп по прашањето за Венецуела?

Армин Лашет (ЦДУ), претседател на Комисијата за надворешни работи на Бундестагот, го посочи истото: „Надворешната политика е комплицирана. Мора да се земат предвид реалностите во светот“, предупреди тој на радио станицата РББ. „Дали би било мудро Европејците сега да се одлучат за еднострано обвинение против американскиот претседател Доналд Трамп?“, праша Лашет. Веројатниот резултат, според политичарот од ЦДУ, би бил губење на влијанието во политиката за Украина.

Само сега да не се додава масло на огнот и прво да се постигне најдобриот можен исход во врска со Украина: се чини дека ова е стратегијата на германската влада во моментов во однос на САД и Венецуела.