1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија воведува нови правила за цените на горивата

ЕМФ / дпа
26 март 2026

Бензинските пумпи во Германија ќе смеат да ги зголемуваат цените на горивото само еднаш дневно, напладне, а намалувања на цените ќе бидат дозволени во секое време.

https://p.dw.com/p/5B9XF
Симболична слика за цените на горивата | Бензинска пумпа „Шел“ во Зиген со високи цени на бензинот
Зголемување на цената на горивата треба да биде дозволено само еднаш дневноФотографија: Rene Traut/Rene Traut Fotografie/picture alliance

Речиси четири недели по почетокот на војната во Иран и по значителниот раст на цените на горивата, германскиот Бундестаг усвои пакет мерки за намалување на ценовниот товар врз потрошувачите. Во иднина бензинските пумпи ќе смеат да ги зголемуваат цените на горивото само еднаш дневно, во 12:00 часот. Намалувањата на цените ќе бидат дозволени во секое време.

Новото правило би можело да стапи во сила пред Велигден. Покрај тоа, Сојузната служба за заштита на конкуренцијата (Bundeskartellamt) добива поголеми овластувања во борбата против прекумерно високите цени.

За измените на законот гласаа коалициските пратенички групи на ЦДУ/ЦСУ и СПД, како и Зелените. Пакетот треба да помине и во Бундесратот, што е планирано за петок, 27 март.

Од владејачката коалиција се најавуваат и дополнителни чекори – и поради тоа што е неизвесно дали усвоениот пакет навистина ќе донесе олеснување за возачите. Пратеникот од ЦСУ, Андреас Ленц, во Бундестагот изјави дека ќе бидат потребни уште мерки. Политичарот од СПД, Себастијан Ролоф, го нарече пакетот мерки прв важен чекор, но нагласи дека има потреба од понатамошни мерки.

Опозицијата критикуваше дека пакетот воопшто не е доволен за да им донесе олеснување на потрошувачите. Пратеникот од делумно десноекстремната АфД, Лајф-Ерик Холм, изјави дека коалицијата само симулира помош и дека пакетот е чист популизам.

Ново правило за бензинските пумпи

Црно-црвената коалиција од промената, по австриски пример, очекува поголема стабилност преку помалку зголемувања на цените, како и поголема транспарентност.

Прекршувањата на планираната забрана за повеќекратни дневни поскапувања може да се казнат со парична казна до 100.000 евра, стои во предлог-законот. Законот треба да биде евалуиран по една година.

Што ќе донесе новото правило?

Спорно е дали новото правило навистина ќе влијае на намалување на цените. Диселдорфскиот економист Јустус Хаукап во мислење за расправа во Бундестагот напиша дека новото правило може да им олесни на потрошувачите да ги споредуваат цените. „Но, дали тоа ќе доведе до трајно намалување на цените, не е јасно.“

Претседателот на Службата за заштита на конкуренцијата, Андреас Мунт, изјави дека цените во Германија се екстремно променливи. Во просек, една бензинска пумпа пријавува околу 20 промени на цените дневно, а во екстремни случаи и до 50, што ги прави апликациите за споредба на цени помалку корисни.

Сојузот на независни бензински пумпи посочи дека значаен дел од високите цени на горивата во Германија во споредба со Европа се должи на политички утврдени трошоци – како данокот на енергија, цената на CO₂ и ДДВ.

Политичарите во Бундестагот повторно ги обвинија нафтените компании за прекумерно профитирање, што индустријата го негира.

Дали ќе следуваат нови мерки?

Сојузниот канцелар Фридрих Мерц покажа подготвеност за дополнителни мерки, истакнувајќи дека првиот пакет нема да биде доволен за цените да се намалат на прифатливо ниво за граѓаните.

Високите цени на горивата продолжуваат значително да ги оптоваруваат луѓето во Германија, изјави заменик-шефот на пратеничката група на СПД, Арманд Цорн. Тој заедно со заменикот од Унијата, Сеп Милер, раководи со работна група која повторно ќе заседава во петок.

Се дискутира за привремено намалување на данокот на енергија, зголемување на надоместокот за патување до работа, како и ограничување на цените на бензинот и дизелот. Можно е и олеснување кај патарините за камиони, како и воведување „данок на екстра-профит“ за нафтените компании – сличен на оној воведен по почетокот на руската војна против Украина во 2022 година, официјално наречен „ЕУ-придонес за енергетската криза“.

Исто така се разгледуваат мерки поврзани со растечките цени на нафтата и можен раст на цените на храната, како и намалување на данокот на електрична енергија за сите.