Иран и САД: Завршија преговорите, растат заканите
19 февруари 2026
Втората рунда индиректни преговори меѓу Иран и САД во Женева се заврши без никакви конкретни резултати. Разговорите, со посредство на Оман, повторно отпочнаа на 6 февруари. Тоа што и оваа рунда се одржа во Женева веројатно се должи на фактот дека американските преговарачи таму паралелно водеа и други разговори, имено со претставници на Украина и Русија. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, кој во Женева пристигна со делегација од технички експерти, е подготвен да „остане неколку дена или дури неколку недели“ во градот додека разговорите не дадат резултат, наведе портпаролот на Министерството за надворешни работи, Исмаил Багаји, во пресрет на преговорите. По повеќе од три часа индиректни преговори во зградата на амбасадата на Оман со специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, Арагчи атмосферата к ја опиша ако конструктивна. Двете страни се усогласиле околу основните принципи, оптимистички се покажа министерот пред државната телевизија.
Збогатувањето на ураниум останува црвена линија
„Оптимизмот во преговорите обично е дел од политичката реторика и беше составен дел и од претходните разговори“, смета Мохамад Гаеди, политиколог за Блискиот Исток на Универзитетот Џорџ Вашингтон. Тој нагласува дека суштинскиот конфликт меѓу двете страни и натаму постои. „САД не сакаат да прифатат дека Иран збогатува ураниум. Тоа е нивната црвена линија. Техеран од друга страна, не сака да се откаже од збогатувањето. Сѐ додека центрифугите работат, за Иран е отворена можноста да постигне способност за нуклеарно одвраќање. Кога би сопреле со работа, земјата би се оддалечила од таа способност“, вели Гаеди. Доколку Вашингтон биде подготвен да го прифати тоа, од гледна точка на Иран на масата би имало значителни отстапки. Техеран сигнализира подготвеност да ја ограничи својата нуклеарна програма и 60 проценти од збогатениот ураниум да префрли во трета земја.
На ден пред преговорите, Арагчи се состана со шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси. Односите меѓу Техеран и МААЕ се влошија по нападите од САД врз иранските нуклеарни постројки минатата година. Иран привремено го ограничи пристапот на меѓународните инспектори. Иран негира дека развива нуклеарно оружје и инсистира на своето право да користи нуклеарна енергија за мирнодопски цели. Шефот на Националниот совет за безбедност на Иран, Али Лариџани за Ал Џезира на 15 февруари рече дека „Меѓународната агенција за атомска енергија може да ги надгледува сите ирански објекти. Ние прифаќаме контрола во рамките на Договорот за неширење на нуклеарно оружје“. Но, според Лариџани е нереално да се очекува земја која ја владее со технологијата целосно да се откаже од збогатувањето. Тој укажува на потребата од ураниум за цивилни цели, како што е лекувањето на ракот. Во Техеран истражувачки реактор произведува лекови користејќи 20 проценти збогатен ураниум. Техеран истовремено бара укинување на санкциите како противуслуга за ограничување на збогатувањето, а САД досега одбиваат таков чекор. „Техеран е поподготвен да прифати воен конфликт отколку целосно да се откаже од збогатувањето на ураниум“, вели Гаеди.
Други прашања, како што се неговата ракетна програма или поддршката за милитантните групи, иранското раководство однапред ги исклучи од разговорите.
Закани во Ормускиот мореуз
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи, во вторникот на САД повторно им порача дека претседателот Доналд Трамп нема да успее во обидот да го собори исламското раководство во Техеран. Трамп претходно изјави дека „промена на режимот“ во Техеран можеби би била најдобро решение за земјата. По бруталното задушување на најновиот бран протести, раководството на Исламската Република е под огромен притисок. Во текот на викендот, околу еден милион Иранци во дијаспората се собраа во многу градови ширум светот и демонстрираа за промена на режимот и враќање на синот на шахот кој беше соборен во 1979 година. Исламската Република се обидува да покаже воена сила. Во вторникот морнарицата на Револуционерната гарда започна воена вежба и испали ракети кон цели во Ормускиот мореуз. Во вежбите учествуваа и брзи чамци со ракетни фрлачи. Мореузот широк околу 55 километри, важи за една од најважните поморски рути за глобален извоз на нафта. Иранските офицери во поранешни тензии со САД се закануваа дека ќе го блокираат теснецот.
САД имаат „многу опции“ во однос на Иран, вели за „Фокс њуз“ потпретседателот Џ.Д. Венс. Тој ја обвини власта во Техеран дека не ги признава „црвените линии“ кои ги дефинираше претседателот Трамп кој според Венс има на располагање бројни инструменти за да се осигури дека Иран нема да дојде до атомска бомба и го обвинува Иран дека и натаму тежнее кон развојот на таква бомба.
Откако го испратија носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“, САД во регионот сега го испратија и „УСС Џералд Р. Форд“ „Доколку САДби започмнале војна, Иран, како што изјави министерот за надворешни работи Абас Арагчи во статија за „Волстрит џурнал“, ќе одговори со сите расположливи средства“, вели Гаеди.
Од иранска перспектива, тоа би можело да значи напади врз нафтени полиња и пораст на цената на нафтата, непосредно пред среднорочните избори во САД, што би можело да го зголеми домашното незадоволство и да предизвика политичка штета за Републиканците. „Дури и смртта на само еден единствен американски војник во таков конфликт би имала огромни политички последици. Почетокот на војната е во рацете на САД. Но, колку долго би траел судирот е надвор од нивна контрола и носи големи ризици. Таквата околност веројатно ќе биде пресудна за одлуките на претседателот Трамп“, аргументира Гаеди. Топката повторно е кај Техеран. Од кругови на американската администрација се порачува дека е постигнат напредок во разговорите во Женева, со посредство на Оман, но дека многу прашања и натаму се отворени. Иранската страна сака во следните две недели да се врати со „детални предлози за разјаснување на некои од отворените разлики“, пренесува ДПА, повикувајќи се на информации од висок американски функционер.
Неочекуван американски напад, како оној во летото 2025 година, не може да се исклучи дури ни за време на светиот месец Рамазан, вели Гаеди и додава дека „иако верските празници одиграа одредена улога во некои конфликти, не постои гаранција за воена воздржаност за време на Рамазан“.