1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиЛибан

Либан: Трамп најави деескалација, но оружјето не мирува

СН/агенции
2 јуни 2026

Претседателот на САД, изјави дека Израел и Хезболах се согласиле дека „секое пукање ќе престане“. Но од теренот пристигнуваат поинакви извештаи. Иран, пак, инсистира дека не може да има мир што не го вклучува Либан.

https://p.dw.com/p/5EhOl
Дете гледа низ прозор на оштетена зграда кон други урнатини во либански град погоден од израелски воздушни напади
Дали невистина ќе дојде до деескалација на судирите меѓу Израеал и Хезбилах?Фотографија: AP/picture alliance

И покрај договорот  за прекин на судирите во Либан објавен од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, според израелската војска соопшти дека Израел бил гранатиран од либанска територија. Во вторник наутро биле пресретнати два проектила насочени кон северот на Израел, соопштија израелските вооружени сили. Либанските медиуми претходно известија за нови израелски напади во јужен Либан. Проиранската милиција Хезболах, пак, соопшти дека доцна во понеделникот навечер нападнала израелски војници во јужен Либан.

Само неколку часа претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека гиубедил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и Хезболах да го деескалираат конфликтот. „Нема да се испраќаат (израелски) трупи во Бејрут, а сите единици што веќе биле на пат се повлечени“, напиша Трамп по, како што рече, „многу продуктивен“ телефонски разговор со Нетанјаху.

„Дополнително, преку високи претставници имав многу добар разговор со Хезболах“, продолжи Трамп. „Тие се согласија да престанат сите престрелки – дека Израел нема да ги напаѓа нив, а тие нема да го напаѓаат Израел.“

И покрај договорот што го објави Трамп, Нетанјаху се закани со напади врз либанската престолнина Бејрут доколку Хезболах продолжи со нападите врз Израел. Покрај тоа, израелската армија „ќе ги продолжи своите операции во јужен Либан според планот“.

Според извештај на американскиот портал „Аксиос“, Трамп во разговорот го обвинил израелскиот премиер дека со својата политика во Либан ги загрозува преговорите за прекин на војната со Иран. Американскиот претседател дури го нарекол Нетанјаху „луд“.

Во меѓувреме, Трамп ги демантираше тврдењата од Иран дека преговорите за крај на војната во регионот на Заливот биле прекинати од страна на Техеран. „Разговорите со Исламската Република Иран продолжуваат со брзо темпо“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Трут соушл.

Либан беше вовлечен во војната со Иран на почетокот на март. Милицијата Хезболах, финансирана од Техеран и поддржана воено и политички од Иран, започна со напади врз израелски позиции, по што Израел изврши воздушни напади врз цели во Либан и напредуваше со копнени трупи.

Меѓу Израел и Либан од средината на април формално важи примирје, кое Хезболах, сепак, не го признава.

Во меѓувреме, израелската армија продре подлабоко во јужен Либан отколку во кое било време од крајот на нејзината окупација на таа област во 2000 година.

Во обид да се постигне мировно решение, претставници на Израел и Либан во денеска повторно ќе се сретнат во Вашингтон. Разговорите во американското Министерство за надворешни работи се четврти од објавувањето на примирјето во средината на април. На последната средба, одржана во средината на мај, двете страни се согласија за продолжување на примирјето за дополнителни 45 дена.

Израел и Либан официјално немаат дипломатски односи и формално се во воена состојба уште од 1948 година. Војната со Иран дополнително ги заостри тензиите.