1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Нов смртоносен напад врз Киев и други градови

СН/ агенции | дпа
2 јуни 2026

Руската војска повторно ја нападна украинската престолнина. Погодени се и други делови од земјата. Притоа биле користени балистички ракети. На нападот му претходеа предупредувања од претседателот Зеленски.

https://p.dw.com/p/5EhG1
Опожарени автомовили во населба во Киев погодена од руски воздушен напад
Како и пред десетина дена и во новиот масовен руски напад врз градови во Украина биле користени балистички и крстосувачки ракети, соопштија украинските власти.Фотографија: Valentyn Ogirenko/REUTERS

Русија повторно жестоко го нападна украинскиот главен град Киев и други делови од земјата со ракети и дронови. Според податоци од властите, низ целата земја има вкупно 9 загинати и речиси 100 повредени.

Во центарот на Киев во текот на ноќта се слушаа силни експлозии. Во градот со три милиони жители најмалку четири лица загинаа, а 58 се повредени, напиша градоначалникот Витали Кличко на Телеграм. Од нив 40 се хоспитализирани, меѓу кои и две деца. Повеќе објекти се оштетени и зафатени од пожари. Многу жители побараа засолниште во метро станиците и засолништата. Краткотрајно дојде и до прекини на струјата и проблеми со водоснабдувањето. Наутро, црни облаци чад над центарот сведочеа за нападите. 

Во градот Днепар, според властите, при ноќниот напад загинале најмалку 5 лица, а 25 се повредени. Од нив 23 моментално се лекуваат во болница, меѓу кои и едно 13-годишно девојче. Во источниот град Харков, според градоначалникот, повредени се најмалку десет лица. Русија нападна и цели во градот Запорожје. 

Луѓе и шатори во метро станица во Киев која служи како засилниште од руските напади
Бројни жители на Киев најдоа засолниште од нападите во метро станицитеФотографија: Alina Smutko/REUTERS

Според украинските воздухопловни сили, Москва во нападите користела и балистички и крстосувачки ракети. Овие податоци, како и бројките за жртвите, не можат независно да се потврдат.

Се стравува дека има луѓе под урнатините

Во Киев, во областа Подилски, по напад се урнала повеќекатна станбена зграда, напиша градоначалникот Кличко на Телеграм. Постои стравување дека под урнатините има затрупани луѓе. На друго место, напад ги оштетил горните катови на 15-катна зграда. Во градот има повеќе пожари.

Во соседна Полска, во текот на ноќта, армијата објави на платформата X дека, поради руските напади во Украина, противвоздушната одбрана е ставена во состојба на готовност и во воздух се кренати воени авиони. Во Полска при поголеми напади во Украина често се активира противвоздушната одбрана, а понекогаш полетуваат и борбени авиони на сојузниците во НАТО.

Нападот следува по јасни предупредувања на Зеленски

Русија го нападна Киев масовно со балистички ракети и дронови и пред помалку од десет дена. Украинскиот претседател Володимир Зеленски од крајот на минатата недела повеќепати предупредуваше за нов масовен руски воздушен напад. „Информациите од разузнавањето за можен масовен напад остануваат актуелни“, изјави тој во видео порака во саботата. Тој ги повика Украинците да не ги игнорираат воздушните тревоги.

Иако украинската противвоздушна одбрана е во готовност, рече Зеленски, тој призна дека недостигот од дополнителна опрема од западните сојузници создава проблеми во одбраната од балистички и крстосувачки ракети.

Украина веќе над четири години, со помош од Западот, се брани од руската инвазија.