Пресвртница на фронтот – четири години војна во Украина
24 февруари 2026
Да се остане во тесно засолниште во таканаречената „зона на смртта“ со недели или месеци – на делови од фронтот долги и до 20 километри, речиси целосно под надзор на непријателски дронови – стана секојдневие за украинските војници по четири години војна. Нема можност да се пристигне до положбите со возило, ниту да се организира евакуација при ранување. Снабдувањето со муниција и храна редовно се прекинува. Украински војници за ДВ опишуваат како ги доживеале клучните трансформации на војната.
2022: Хаос, копнени битки и западно оружје
Кога се навраќаат на почетокот на руската инвазија, украинските војници се сеќаваат на редици доброволци пред мобилизациските центри – денес, велат, тоа е незамисливо.
„Дури во септември 2022 ми дозволија да одам во војска“, раскажува Олександр Кашаба, со прекар „Плазма“. Тогаш бил 22-годишен командир на вод за ПВО-орудија, подоцна преминал на командување со митралески вод.
Во првите месеци на фронтот владеел хаос, се присетува Станислав Кочерха, заменик-командир на баталјон за управување со дронови. Обучен за противвоздушна одбрана, но бргу распореден во пешадијата, тој ја опишува ситуацијата:
„Имаше многу единици, но речиси никаква комуникација меѓу нив.“
Со стабилизацијата на линијата на фронтот започнала класичната копнена војна: пешадија, тенкови, артилерија и воздухопловство – модели што се познати од учебниците по воена историја.
Во 2022 година на сцената влегуваат и Химарс, странски ракетни системи што стануваат клучни. Владислав Урубков од фондацијата „Врати се жив“ нагласува:
„Химарс имаше огромно влијание врз успешната украинска контраофанзива кај Харков.“
2023: Ера на дроновите и контраофанзивата
Во 2023 година доминира употребата на кинескиот квадкоптер Мавик– првично за извидување, но бргу и како летало за напади со фрлање експлозив. Потоа на фронтот се појавуваат и дронови-камикази, користени во меѓувреме масовно од двете страни.
„Имав среќа што служев во пешадијата пред дроновите да доминираат“, вели Кашаба, забележувајќи дека огромен дел од претходните тактики станале невозможни.
За време на контраофанзивата, на пример, дејствувал со тежок американски митралез само 1,5 км од руските позиции. Превезувал муниција и храна, менувал човечки екипаж, евакуирал ранети.
Тогаш ранетите се пренесувале четири километри со оклопно возило до пункт за евакуација. Денес, поради ширењето на „зоната на смртта“, тоа е скоро невозможно.
„Порано ранетите стигнуваа до нас неколку часа по ранувањето. Сега тоа трае со денови“, вели болничарката со прекар „Кажан“.
2024: Фронтот се трансформира
Во февруари 2024, руските сили напредуваат брзо во Доњецк. Тогаш станува очигледен недостигот на украински војници на првата линија, вели Кашаба, кој по ранување бил преместен во штаб.
Украина почнува да користи хексакоптери – за напади, поставување мини на далечина, па дури и за логистика. Паралелно се развиваат системите за електронско попречување.
Според Урубков, дроновите-камикази го промениле карактерот на војната. Унапредувањето е најизразено кон крајот на 2023 и почетокот на 2024, кога западната артилериска муниција почнува да пристигнува побавно.
Кочерга додава дека техничкиот напредок ги принудил единиците да копаат подлабоки ровови, да ги маскираат позициите и да ја повлекуваат техниката подалеку од фронтот.
„Ако во 2022 тенкот беше на три километри од линијата, во 2024 тој е оддалечен на десет до петнаесет километри“, објаснува тој.
2025: Курската операција и појавата на копнени роботи
Летото 2024 започнува украинската офанзива во Курск. Украинските сили бргу напредуваат во Русија, но не успеваат да ги задржат позициите. Операцијата завршува во пролетта 2025.
Русија, меѓу другото, добива предност со дронови контролирани преку оптички влакна – отпорни на електронско попречување.
„Во еден момент Русите го напаѓаа секое возило што се движеше кон Курск“, вели болничарката „Кажан“, опишувајќи ноќни патувања без можност за одбрана.
Во исто време, бројот на ранети опаѓа.
„Во Авдеевка во 2024-тата имаше денови со по 200 ранети. Потоа бројот нагло падна“, раскажува таа.
Причината: „зоната на смртта“ се проширува на 20–25 км. Прецизноста на нападите расте, а евакуацијата станува речиси невозможна.
Медицинските тимови почнуваат да даваат инструкции преку видеоврска директно на позициите, а лекови и прва помош се испраќаат со дронови. Во 2025 година на фронтот се појавуваат и копнени роботи – за логистика, евакуација и огнена поддршка.
Развој кој војската го забележува е и „војна за вадење очи“ – обиди за соборување на извидувачки дронови. Украина развива сопствени пресретнувачи.
2026: Очекувања
На почетокот на 2026 година, најважниот настан според Урубков било исклучувањето на руските единици од Старлинк, што Русија го користеше за координација.
„Нашата предност се базираше на Старлинк. Се надевам дека Русите повеќе нема да можат да го користат,“ вели Урубков.
Но, останува загриженоста:
„Луѓето на фронтот стануваат сè поранливи. Ние сме во стратегиска одбрана, а иницијативата ја држи противникот.“
„Плазма" е поскептичен:
„Сите значајни технолошки промени веќе се воведени. Сега исходот зависи од тоа кому прво ќе му недостигаат луѓе што можат да се борат во услови на целосна доминација на дронови-камикази.“