Ќе падне „многу брзо“: Куба следна на агендата на Трамп?
7 март 2026
По американско-израелските напади врз Иран, следна на агендата на американскиот претседател Доналд Трамп би можела да биде Куба. Островот, кој е парализиран од американското ембарго за нафта, „ќе падне многу брзо“, рече Трамп во петокот во телефонско интервју за Си-Ен-Ен. Куба сака „многу итно да постигне договор“, рече американскиот претседател.
„Во моментов сме навистина фокусирани на тоа прашање. Имаме многу време, но Куба е подготвена - по 50 години“, нагласи тој.
Трамп објасни дека државниот секретар Марко Рубио - син на кубански имигранти - ќе биде неговото главно лице за контакт за Куба. „Тој работи добра работа, а наредна задача ќе биде да се справиме со таа посебна кубанска ситуација“, рече Трамп.
Трамп и Рубио сакаат промена на власта во Куба
И Трамп и Рубио никогаш не криеле дека сакаат промена на власта во Хавана. Во јануари, венецуелскиот претседател Николас Мадуро беше соборен и уапсен за време на американска операција. Трамп повеќепати изјавуваше дека кубанскиот режим е близу до колапс. Во очигледен обид да го забрза развојот, тој нареди прекин на испораките на венецуелска нафта за Куба.
Карипската земја не примила никакви пратки нафта од 9 јануари, што дополнително ја влоши долгорочната економска криза.
Вашингтон неодамна делумно го олесни ембаргото за нафта од хуманитарни причини, за да им овозможи на приватните компании во Куба да увезуваат помали количини нафта.
Постапките на САД потсетуваат на случајот со Венецуела
И покрај ова, американската влада продолжува со својата агресивна политика кон социјалистичка Куба - сега специјална работна група размислува да покрене кривични постапки против кубанските владини претставници, објавија Вашингтон пост и Ен-Би-Си њуз, повикувајќи се на доверливи извори. Овој чекор потсетува на постапките на САД против уапсениот венецуелски лидер Николас Мадуро, кој беше обвинет пред американскиот правосуден систем години пред неговото апсење.
Според Вашингтон пост, Министерството за правда формирало специјална работна група за да разгледа можни обвиненија против кубански владини претставници или институции. Вклучувањето на Министерството за финансии би можело да укаже дека администрацијата на Трамп размислува за дополнителни санкции против Куба. Според Ен-Би-Си, можни кривични постапки би можеле да се покренат во областите како што се трговијата со дрога или насилните кривични дела. Непосредно пред тоа, претседателот Трамп го потврди своето верување дека социјалистичка Куба е близу до колапс.
Според Вашингтон пост, овој потег кон кривично гонење делумно би можел да го следи моделот кој администрацијата го примени кон Николас Мадуро во Венецуела. Во 2020 година, Мадуро беше обвинет, меѓу другото, за трговија со дрога, а во јануари беше уапсен и префрлен во Њујорк, каде што мора да се соочи со судска постапка.