Успешната соработка на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија (НРВ) и Северна Македонија ќе продолжи и во наредните пет години. Потпис на документот за продолжување на соработката денеска (15.06) во Диселдорф ставија министерот за Европа на НРВ, Натанаел Лимински и шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски.
Партнерството, кое во изминатите пет години опфаќаше голем број проекти од сферата на професионалното образование, медиумите и општинската соработка, во наредните пет години ќе биде проширено и со соработка во сферата на полицијата, високото образование и здравството.
Лимински потенцира дека ова не е партнерство кое постои само на хартија:
„Ова партнерство е поинакво, бидејќи е многу конкретно и тоа е така, меѓу другото, и поради многу активната дијаспора од вашата земја која живее во Северна Рајна-Вестфалија и му дава посебна позадина на партнерството и е негов силен столб.“
Вакви партнерства, според Лимински, го зајакнуваат европското единство. Иако Северна Македонија со години чека на влез во ЕУ, јасно е дека „европското поврзување не почнува со членство, туку со заеднички проекти, меѓусебна доверба и заедничка одговорност за иднината на Европа“:
„Уверен сум дека пристапувањето требаше да се случи одамна и се надевам дека двете страни, како ЕУ, така и кандидатите, сфаќаат дека се неопходни реформи за проширувањето да биде можно наскоро.“
За реформите зборуваше и шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски:
„Наша обврска е да останаме со овој јасен стратешки правец каков што го имаме во делот на надворешната политика, да продолжиме со внатрешните реформи... Ние во моментов, за жал, ќе повторам, не сме земја која што преговара, но сме земја која што ја има реформската агенда на располагање да докаже дека врши европски реформи и понатаму да најдеме начин да ги тргнеме пречките кои што имаат билатерална природа.“
Муцунски вети дека во соработката со НРВ македонската страна во следниот период ќе биде уште поамбициозна.
Двајцата министри во Диселдорф разменија и мислења со млади од Северна Македонија и Косово кои се дел од проектите за соработка и прават професионална пракса во германски компании. @MBEIM.NRW