1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

С. Македонија и Хрватска станаа стратешки партнери

БГ
26 мај 2026

Хрватска и С. Македонија стануваат стратешки партнери. Премиерите на двете земји во Охрид потпишаа договор со кој се предвидува засилена соработка во полето на енергетиката, економијата, безбедност и евроинтеграциите

https://p.dw.com/p/5EL8o
Македонскиот и хрватскиот премиер Христијан Мицкоски и Андреј Пленковиќ во Охрид. мај 2026
Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ во вторникот во Охрид потпишаа договор за стратешка соработкаФотографија: Petr Stojanovski

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот хрватски колега Андреј Пленковиќ во вторникот во Охрид потпишаа договор за стратешка соработка помеѓу двете земји, како нова етапа во билатералните односи. Потпишан е и договор за соработка меѓу Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија.

На прес-конференцијата по потпишувањето на договорите, Мицкоски и Пленковиќ истакнаа дека со нив се продлабочуваат и онака добрите и пријателски односи меѓу двете земји, а Хрватска, која исто така е дел од НАТО, како и земја членка на ЕУ, останува еден од нашите главни партнери во евроинтеграцискиот процес.

„Особено сме задоволни што ја подигнуваме нашата соработка на повисоко ниво преку потпишување на договорот за стратешка соработка помеѓу двете влади. Овој договор е повеќе од диполоматски акт. Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна стратешка определба за продлабочување на нашите односи во области што се од суштинско значење за иднината на двете држави“, рече Мицкоски.

Со стратешкиот договор се овозможува уште поинтензивна соработка во повеќе стратешки сектори, како транспортот, енергетиката, ИКТ, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, кибербезбедноста и управувањето со границите.

„Особено значајно е што договорот отвора простор за подлабока поврзаност помеѓу институциите, компаниите, инвеститорите, академската заедница, граѓанскиот сектор и експертските заедници на двете земји“, рече Мицкоски.