1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Во Турција уапсен дописник на Дојче веле

БГ/ ДВ
20 февруари 2026

Новинарот и долгогодишен дописник на Дојче веле, Алиџан Улудаг, е уапсен во Анкара под обвиненија за „ширење погрешни информации“ и „навреда на претседателот“. Тој е префрлен во Истанбул и ќе биде изведен пред суд

https://p.dw.com/p/596q4
Долгогодишниот дописник на Дојче веле во Турција, Алиџан Улудаг. јули 2021
Долгогодишниот дописник на Дојче веле во Турција, Алиџан Улудаг, е уапсен во АнкараФотографија: privat

Долгогодишниот дописник на Дојче веле во Турција, Алиџан Улудаг, е уапсен во Анкара на 19 февруари. Вечерта тој бил префрлен во седиштето на провинциската полиција во Истанбул и се очекува денеска да биде изведен пред истражен судија.

Според информациите, околу триесет полицајци го уапсиле Улудаг пред неговото семејство. Неговиот дом бил претресен, а одземена е и ИТ опрема.

Обвинувањата против него се однесуваат на „ширење погрешни информации“, „навреда на претседателот“ и „навреда на турската нација, државата и институциите“. Тие се поврзани со објава на платформата X од пред една и пол година, во која Улудаг критички се осврнува на постапките на турската влада во случаи поврзани со сомневање за тероризам, односно ослободување на можни терористи на ИСИС, и укажува на можни случаи на корупција.

Како судски репортер, тој долги години известува за прекршувања на човекови права, корупција и високо профилирани судски процеси. 

Неосновано обвинение 

Генералната директорка на ДВ, Барбара Масинг, ги отфрли обвинувањата против новинарот:

„Обвинувањето против нашиот колега е неосновано. Улудаг е искусен истражувачки новинар со пристап до значајни извори, и во очите на властите тоа го прави опасен. Начинот на кој беше приведен претставува јасен обид за застрашување и уште еднаш покажува колку е ограничена слободата на медиумите во Турција. Нашиот колега мора веднаш да биде ослободен,“ изјави Масинг. 

Генералната директорка на ДВ, Барбара Масинг
„Обвинувањето против нашиот колега е неосновано“, вели генералната директорка на ДВ, Барбара МасингФотографија: Boris Geilert/DW

Дојче веле е во контакт со неговото семејство, со адвокатите и со релевантните институции. Во петок, Улудаг ќе биде придружуван пред истражниот судија од колеги од ДВ, правници и претставници на Адвокатската комора во Истанбул.

Ова е втор случај на приведување на новинар на ДВ во изминатиот период: на 23 јануари е уапсен дописник на ДВ во Нигер, кој сè уште се наоѓа во притвор. Редакцијата е во постојан контакт и со неговите роднини.

Како меѓународна информативна мрежа на Германија, ДВ обезбедува независни вести и анализи на 32 јазици. Секоја недела медиумските содржини на ДВ ги следат околу 337 милиони корисници.