Масивни напади со дронови и жртви во Украина и Русија
28 март 2026
Во серија меѓусебни дроновски напади врз Украина и Русија регистрирани се значителни материјални штети и повеќе цивилни жртви. Најмалку четворица луѓе загинаа во различни региони на Украина, соопштија локалните власти.
Во градот Криви Риг, во областа Днипропетровск, загинале двајца мажи, а уште две лица се повредени. Според воената управа, нападите предизвикале големи оштетувања и пожари во индустриски објект.
Во централноукраинската област Полтава загинал еден човек во дроновски напад, потврдија регионалните власти. Сериозен напад е регистриран и во Одеса, каде по удар со дрон загинало едно лице, а 11 други се повредени.
„Непријателот повторно ја нападна цивилната инфраструктура на градот“, изјави шефот на воената управа на Одеса, Сергиј Лисак. Според него, во еден од градските реони била погодена кровната конструкција на болница за гинекологија и акушерство.
Зелeнски предупредува: Секое намалување на притисокот врз Русија е опасно
Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ги осуди нападите, посочувајќи дека само Одеса била цел на повеќе од 60 дронови.
„Ова нема никаква воена логика – тоа е чист терор против нормалниот цивилен живот“, порача тој преку Телеграм, објавувајќи фотографии од уништувањата.
Зеленски додаде дека „секој ваков напад покажува дека Русија не сака крај на војната“ и предупреди дека „секоја форма на олеснување на притисокот врз Русија е опасна“.
Жртви и во Русија по украински дроновски напади
Руските власти, пак, соопштија дека и на нивна територија имало масивни украински напади со дронови. Во регионот Јарославл, како што објави гувернерот Михаил Евраев на Телеграм, едно дете загинало во напад врз станбена куќа, а тројца жители се повредени.