1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Овации за Мерц и порака за единство на конгресот на ЦДУ

21 февруари 2026

Со 91,17 проценти од гласовите, конгресот на ЦДУ во Штутгарт го потврди Фридрих Мерц за претседател на партијата. Во својот говор, канцеларот ги повика 1.001 делегати на оптимизам и нагласи подготвеност за реформи.

https://p.dw.com/p/59BEs
Фридрих Мерц, Армин Лашет, Ангела Меркел и Анегрет Крамп-Каренбауер на конгресот на ЦДУ
Фридрих Мерц (од лево кон десно), лидер на партијата од 2022 година, и неговите претходници Армин Лашет, Ангела Меркел и Анегрет Крамп-КаренбауерФотографија: Kay Nietfeld/POOL/AFP/Getty Images

Уште на самиот почеток Мерц ја испрати својата клучна порака за денот:
„Ако сме единствени, заедно можеме да постигнеме сè," рече тој речиси патем.

Зборот „заедно“ доби особена тежина со оглед на тоа што почесна гостинка на конгресот беше  Ангела Меркел.  Таа последен пат присуствуваше на партиски конгрес во 2019 година, тогаш уште како канцеларка.

Иако Мерц – нејзин наследник и на лидерската и на канцеларската функција – во изминатите месеци ја критикуваше, дури и оговараше, двајцата накратко и пријателски разговараа пред камерите пред Мерц да излезе на бината. Кога Мерц ја поздрави како „дел од нашето партиско семејство“, салата избувна со најсилниот и најдолгиот аплауз до тој момент.

Меркел остана до доцните попладневни часови, но не им се обрати на делегатите.

Напната геополитичка ситуација и Европа во фокусот

Во првиот дел од својот говор, претседателот на  ЦДУ ја опиша  драматично напнатата светска ситуација. Тој остро го осуди „злосторничкиот руски систем“ и неговата  војна против Украина,  обвинувајќи ја Москва за „речиси неподнослива нацистичка пропаганда“ против украинскиот народ „кој страдал како малку кој друг“ во текот на германската агресија во Втората светска војна.

Мерц одржа често европски ориентиран говор, со краток но остар напад врз  европската „машина за регулативи“: 
„Сакаме помалку регулации во Европа и повеќе динамика.“

Критики кон Зелените и категорично „не“ за АфД

Самокритички, Мерц призна дека владата не успеала доволно брзо и јасно да објасни дека за „огромниот реформски напор“ е потребно време.

„Ќе мора да спроведеме дополнителни реформи,“ рече тој, но додаде дека веќе постојат знаци на економско закрепнување. ЦДУ ја опиша како „партија на оптимистите“ и упати повик за поголема самодоверба.

Фридрих Мерц за време на својот говор на конгресот на ЦДУ
Мерц самокритички призна дека владата не успеала брзо и јасно да објасни дека за „огромниот реформски напор“ е потребно времеФотографија: Thomas Kienzle/AFP/Getty Images

Кон помалиот коалициски партнер  СПД  упати умерени критики, но затоа зборуваше многу поостро за  Зелените –  што делегатите го наградија со силен аплауз.

Најостар беше кон  АфД:
„Непотизам, хаос, рововски војни, злоупотреба на јавни функции и средства. Грандиозна самопослуга,“ изјави канцеларот.
„Со тие луѓе немаме ништо – ама баш ништо.“

Тој нагласи дека АфД никогаш не може да биде партнер на ЦДУ – „конечно и недвосмислено“. Во контекст на претстојните избори во три покраини, особено во источна  Германија,  ова звучеше како јасна инструкција.

Десетминутни овации и партиски поделби

По говорот,  Фридрих Мерц  доби повеќе од десет минути овации – нешто невообичаено за конгрес на ЦДУ. Ова беше и прв конгрес со канцелар од ЦДУ од 2018 година, што дополнително ја поттикна еуфоријата.

Иако следуваа очекувани пофални говори од партиските функционери, кај двајца политичари од Северна Рајна-Вестфалија се насети критичка дистанца – насочена кон гласното економско крило во партијата, кое предизвикува контроверзии во сенка на канцеларот.

Покраинскиот премиер на Северна Рајна-Вестфалија Хендрик Вист предупреди против  обвинувања за „мрзеливост“ во контекст на реформите, потенцирајќи дека дел од граѓаните имаат чувство дека товарот паѓа само врз нив: „Мора да постои праведност."

Министерот за социјални прашања Карл-Јозеф Лауман громогласно повика на „солидарност, заедништво и емпатија“, а силниот аплауз откри каде беше сместен големиот блок делегати од Северна Рајна-Вестфалија.

На спротивната страна стоеше претседателот на Младата унија, Јоханес Винкел, кој инсистираше на генерациска правда и порача дека ЦДУ не смее да биде „испостава на канцеларското биро".

Сосема стана јасно дека постојат повеќе табори во рамки на истата партија кога говорниците од работничкото крило буквално ја опкружија економски ориентираната Гита Кунеман – намерно или случајно.

Конгресот како огледало на Германија

Конгресната организација делумно го одрази и германското секојдневие: иако почна на време, програмата брзо почна да доцни. Специјално поставениот безжичен интернет за делегатите беше „преоптоварен“.

Само неколку минути претходно, градоначалникот Франк Нопер го нарече Штутгарт „германски Сан Франциско“.

Стануваше уште посаркастично кога поради „технички неправилности“ изборот на Мерц повторно мораше да се заврши аналогно – со гласачки ливчиња. Дигиталното гласање не функционираше.

За нешто повеќе од две недели, покраината Баден-Виртемберг избира нов покраински парламент. Таму на власт е зелена влада веќе речиси 15 години, а ЦДУ сака да се врати на власт со Мануел Хагел. Мерц потсети на инвентивноста и претприемачкиот дух, по кои покраината е традиционално позната.

Мерц политички зајакнат пред нови предизвици

ЦДУ го потврди Фридрих Мерц со 878 од 963 гласови – односно со 91,17 проценти. Тоа е силен, но не и рекорден резултат: во јануари 2022 година доби 94,6 проценти, а во мај 2024 – 89,6 проценти.

Засилен со резултатот, Мерц продолжува во следните политички фази. Оваа сабота го пречекува претседателот на ЦСУ, Маркус Зедер, кој на последниот конгрес на својата партија доби само 83,6 проценти поддршка.

Во вторник, Мерц патува во Кина со голема економска делегација. Таму повторно ќе биде „надворешен канцелар“ – титула што, како што рече, ја доживува „како комплимент“. Мерц нагласи дека во Кина нема слобода на мислење, религија и печат, поради што политиката заснована врз вредности и континуиран дијалог е од особена важност.