1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мерц на конгресот на ЦДУ вети реформи и изрази самокритика

ЖА / агенции
20 февруари 2026

Помалку внатрешни конфликти и самоуверена Европа: Канцеларот Мерц на партиската конференција на ЦДУ повика на поголемо единство. На внатрешен план, тој вети понатамошни реформи - а понуди и одредена самокритика.

https://p.dw.com/p/599D1
Германскиот канцелар и лидер на ЦДУ, Фридрих Мерц, на партискиот конгрес
Мерц на партискиот конгрес на ЦДУ: Ветувања за реформи и доза на самокритикаФотографија: Marco Steinbrenner/DeFodi Images/IMAGO

Германскиот канцелар и лидер на ЦДУ, Фридрих Мерц, на партискиот конгрес упати силен апел за доверба и оптимизам во време на сериозни внатрешно- и надворешнополитички предизвици. Во исто време, тој се покажа  самокритичен во однос на првите месеци од неговиот мандат,  нагласувајќи дека промените што ги ветил не можеле да се реализираат „од ден за ден“. По неговото обраќање, делегатите го поздравија со повеќе од десетминутен стоечки аплауз.

Ова е прв конгрес на  ЦДУ  по парламентарните избори пред една година, како и прв откако Мерц ја презеде функцијата канцелар. Во попладневниот дел се очекува повторно да биде потврден за претседател на партијата, во атмосфера обележана со чести коалициски тензии и  критики од сопствените редови  за наводен недостаток на политичко лидерство.

Мерц: „Германија мора да достигне највисока форма“

Во повеќе од едночасовниот говор, Мерц призна дека промените се покажале потешки од очекуваното.
„Можеби по преземањето на власта не успеавме доволно брзо да објасниме дека овие огромни реформи не можат да се завршат преку ноќ“, изјави тој. „Ја прифаќам таа критика.“

Тој подвлече дека нема да дозволи песимизмот или „менталната мрзеливост“ да ја водат политиката. Според него,  Германија  мора да „достигне највисока форма“ за да се справи со предизвиците:
„Инаку нема да успееме.“

Повик за подобра коалициска соработка и отфрлање на обвиненијата за „социјална студеност“

Фридрих Мерц побара подобра соработка со  Социјалдемократите  во рамките на црно-црвената коалиција, опишувајќи ја како „не секогаш лесна“. Тој критикуваше дека често се случува еден партнер да предложи мерка, а другиот автоматски да ја одбие по инерција.

Истовремено, категорично ја отфрли можноста за соработка со  АфД,  истакнувајќи дека за партиите од политичкиот центар моментално нема друга реална алтернатива за владеење освен сегашното коалициско партнерство.

Во однос на спорните социјални реформи, Мерц енергично го одби тврдењето дека ЦДУ покажува „социјална студеност“:
„Тоа е злонамерна конструкција. Никому не му припишуваме мрзеливост —  во Германија луѓето работат напорно. Ние само на нашите критичари им припишуваме мисловна мрзеливост.“

Парадигматска промена во пензиската политика

За планираната  пензиска реформа,  Мерц истакна дека „реформа не значи кратење“. Според него, државната пензија во иднина ќе биде само „еден елемент“ во поширок систем, а приватното и корпоративното пензиско осигурување ќе имаат „значително поголема улога“. Коалицијата, рече, подготвува „парадигматска  промена во германската пензиска политика“.

Претстојното гласање за неговата повторна изборна потврда за претседател на ЦДУ се смета за  клучен тест за поддршката за Мерц  по девет месеци како канцелар. Тој го презеде раководството на партијата во 2022 година, кога беше избран со околу 95 проценти, а во мај 2024 беше реизбран со 89,8 проценти.

Меркел повторно на партискиот конгрес

Првпат по завршувањето на нејзиниот мандат, поранешната канцеларка  Ангела Меркел   присуствуваше на конгресот како гостин.

Партиски конгрес на ЦДУ: Канцеларот Фридрих Мерц, Ангела Меркел, Армин Лашет и Анегрет Крамп-Каренбауер
По подолга пауза, и бившата канцеларка Ангела Меркел присуствуваше на партискиот конгрес на ЦДУФотографија: Kay Nietfeld/POOL/AFP/Getty Images

Иако долги години беа политички ривали, Мерц ја поздрави, а делегатите ѝ оддадоа силен аплауз. Таа стана по говорот на Мерц заедно со останатите делегати.

Европска политика, Украина и односите со САД

Во делот посветен на надворешната политика, Мерц јасно се изјасни за силна и обединета Европа, нагласувајќи дека „големите прашања на нашето време“ можат да се решат само заеднички. Тој ја потврди и „безусловната“ поддршка за Украина во војната со Русија.

Истовремено, апелираше за зачувување на трансатлантското партнерство со САД. Иако односите со Вашингтон во „новата ера на големите сили“ бараат „преосмислување“, Мерц истакна дека германско-американското пријателство не смее да се доведе во прашање:
„Ќе се борам секогаш таа врска да опстане.“