1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За Велигден ценовен шок, по празниците нови мерки

7 април 2026

По велигденските празници Владата најавува нови мерки за цените и инфлацијата, со можна контрола на профитните маржи и ДДВ

https://p.dw.com/p/5Bn6Y
Тезги со овошје и зеленчук, 24.9.2019
По велигденските празници Владата најавува нови мерки за цените и инфлацијатаФотографија: DW

Владата по велигденските празници ќе објави нов пакет мерки за ублажување на инфлацијата и стабилизирање на цените на основните прехранбени производи. Како што изјави премиерот Христијан Мицкоски,се разгледува комбинација од намалување на ДДВ и ограничување на профитните маржи.

„Следните мерки ќе бидат повеќе таргетирани кон одредени групи граѓани и кон основните прехранбени производи. Ќе вклучуваат намалување на данокот на додадена вредност, но и ограничување на профитните маржи“, изјави Мицкоски.

Владини проекции за инфлацијата

Според владините проекции, инфлацијата за март се очекува да се движи меѓу 4,5 и 5 отсто. Премиерот посочи дека, иако во втората половина на март има благо засилување на притисоците, претходните владини интервенции, како намалувањето на ДДВ за горивата и можноста за корекција на акцизите, спречиле двојно повисока инфлација.

„Во март и април 2022 година инфлацијата беше двоцифрена, над 10 отсто. Денес состојбата е поинаква благодарение на навремените мерки“, рече Мицкоски, додавајќи дека институциите анализираат можни злоупотреби и непазарно однесување од дел од трговците.

Премиерот Христијан Мицкоски, 15.05.2025
Според владините проекции, инфлацијата за март се очекува да се движи меѓу 4,5 и 5 отсто. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Буџетски загуби од еден милион евра дневно

Поради намалувањето на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто, буџетските загуби се проценуваат на околу еден милион евра дневно. Сепак, премиерот нагласи дека одлуките мора да се носат внимателно, без притисок, со оглед на неизвесноста колку долго ќе трае економската криза.

Во меѓувреме, потврди и дека Законот за нефер трговски практики, со кој се предвидува зголемување на казните, е подготвен и ќе се најде во собраниска процедура.

Опозициски реакции

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во гостувањето во емисијата „На Подиум“ на Ора24.тв, предупреди дека во буџетот недостигаат средства за редовна исплата на плати и пензии. 

„Нашите анализи покажуваат дека ќе има огромен недостиг на финансиски средства за да се исплатат плати и посебно пензии, затоа што дупката во пензискиот фонд е 50 проценти. Ние ја оставивме со 30 проценти. За 20 проценти се зголеми дефицитот од пари во пензискиот фонд, не знам како ќе иде исплатата на пензиите“, изјави Филипче.

Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, оцени дека мерките се носат делумно и без реален ефект, додека граѓаните се соочуваат со нов ценовен шок пред велигденските празници.

„Поскапени се лебот, брашното, месото,млечните производи, овошјето, зеленчукот, зејтинот — практично сè“, изјави Тренчевска.

СДСМ предложи четири законски решенија: укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, намалување на ДДВ и акцизите за горивата и преполовување на цените на патарините. Предлозите се доставени во Собранието, а партијата ги повика пратениците да ги поддржат.