Партиите бараат итни мерки против кризата
17 март 2026
По најновиот бран на поскапувања на нафтените деривати, повторно се редат низа предлози од политичките партии со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните и да се ублажат последиците од продлабочувањето на економската криза.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска најави дека партијата ќе поднесе пакет закони во Собранието со цел граѓаните полесно да ја надминат кризата по последните случувања на Блискиот Исток. На прес-конференција тој најави дека пратеничката група на СДСМ ќе предложи намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5%, намалување на акцизата за четири денари, укинување (0%) на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на цените на патарините во земјата.
„Владата мора да реагира и да ги прифати овие закони, затоа што граѓаните едноставно нема да можат да ја издржат оваа криза“, изјави Филипче.
Тој посочи дека повторно има поскапување на горивата, иако премиерот Христијан Мицкоски најави дека цените ќе се намалат за околу два и пол денари по литар. Напротив, бензините поскапеле за седум денари.
„Ова е второ сериозно покачување, а Владата не презема ништо за да го заштити животниот стандард. Без мерки, ќе следи поскапување на храната, основните производи, па дури и на струјата“, предупреди Филипче.
Според него, сите земји во регионот веќе презеле мерки за да им помогнат на своите граѓани, додека македонските граѓаните само за една недела плаќаат три милиони евра повеќе поради поскапувањето на дизелот. Со новото покачување сумата може да надмине 4,5 милиони евра.
ДУИ бара смена на министерот за економија
ДУИ реагираше дека Владата нема никаков план за справување со кризата и дека граѓаните се оставени на милост и немилост на економските шокови.
Во нивното соопштение се наведува дека државата практично функционира без функционално Министерство за економија во момент кога се очекува сериозно зголемување на цените на основните производи и трошоците за живот.
ДУИ предупредува дека, доколку брзо не се воведат мерки, цените може да се зголемат за над 10%, што значително ќе ги оптовари семејните буџети. Партијата побара Владата веднаш да го разреши министерот за економија, оценувајќи дека тој „нема визија ниту план“ за справување со кризата.