1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски: Нема причина за прогласување кризна состојба

10 март 2026

Поскапувањето на горивата по кризата на Блискиот Исток создава притисок на пазарот. Владата уверува дека нема недостиг и најавува инспекции.

https://p.dw.com/p/5A6Ig
Премиерот Христијан Мицкоски 18.03.2025
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата во овој момент не гледа причина за прогласување кризна состојбаФотографија: Government of North Macedonia

Премиерот Христијан Мицкоскиизјави дека Владата во овој момент не гледа причина за прогласување кризна состојба, и покрај економските ризици што произлегуваат од конфликтот на Блискиот Исток, кој предизвика значителен раст на цените на нафтата и гасот.

По одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за зголемување на цените на горивата, Мицкоски нагласи дека Македонија и понатаму има убедливо најниски цени на нафтените деривати во регионот. Тоа, според него, создава дополнителен притисок во пограничните подрачја, каде граѓани од соседните земји доаѓаат да точат гориво.

„Инспекторатот е на терен, нема прекин во снабдувањето. Логично е да имаме притисок во западниот дел на државата – и во Србија е поскапо, во Косово цената варира. Во регионот имаме најниска цена за дизел горивото, а слична е и цената за бензинот. Очекуваме притисок и во периодот што следи, но имаме доволно количини. Разговаравме со компаниите и дистрибутерите. Во моментот нема опасност од недостиг. Цените на светските берзи паѓаат, и внимателно ја следиме состојбата“, рече Мицкоски.

Тој најави и средба со ланците супермаркети за да се избегне неоправдано зголемување на цените на храната, нагласувајќи дека Владата нема да дозволи злоупотреби и е подготвена да преземе „офанзивни мерки“ доколку е потребно.

Пазарниот инспекторат ќе го следи однесувањето на маркетите со цел заштита на стандардот на граѓаните, вели премиерот.

Бензиска пумпа 22.12.2014
И покрај поскапувањето, Македонија има најсники цени на гориво во регионот, вели Христијан Мицкоски Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Schmidt

Цените на горивата во Македонија во споредба со регионот

Од денеска (10.03) малопродажните цени на горивата се зголемени, но остануваат пониски во споредба со повеќето соседни земји, објави државната агенција МИА, повикувајќи се на податоците на Fuelo.eu.

По растот на цената на нафтата на светските берзи, бензините поскапеа за 5 денари по литар, а дизелот за 14,5 денари. Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 79,5 денари (1,289 евра), а на ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 85,5 денари (1,386 евра).

Според цените изразени во евра, повисоки се цените во:

  • Бугарија: бензин 1,340 €, дизел 1,440 €
  • Србија: бензин 1,520 €, дизел 1,683 €
  • Грција: бензин 1,811 €, дизел 1,698 €
  • Хрватска: бензин 1,510 €, дизел 1,550 €

Стојкоски: Над 300 инспекции – дел од пумпите останале без залихи

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Влатко Стојкоски, изјави дека во последните денови се извршени над 300 инспекциски надзори. Кај повеќе од 30 бензиски пумпи било утврдено дека ги потрошиле залихите, но по полнењето со нови количества продолжиле со работа.

„Има и неколку бензиски каде што инспекцискиот надзор продолжува. Доколку се утврдат прекршувања – ќе има мерки“, рече Стојкоски. Тој најави засилени контроли и во маркетите, кај дистрибутерите и кај увозниците на храна. „Се соочуваме со глобална економска криза и очекуваме општествена одговорност од трговците“, истакна тој.

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, деновиве порача дека Владата е подготвена да реагира доколку кризата се продлабочи. „Ако конфликтот трае кратко, состојбата ќе се стабилизира. Ако продолжи, ќе има последици. Ќе реагираме со ограничување на маржите – на 10% и 5%. Ако кризата се продлабочи, ќе преминеме на замрзнување на цените на основните прехранбени производи“, рече Дурмиши.

СДСМ бара итно намалување на цените на горивата

Од СДСМ ја обвинија Владата дека не ги намалува цените на горивата иако цената на суровата нафта на светските берзи паднала. Според СДСМ, поскапувањето на дизелот за 14 денари значи дополнителен товар од околу 450.000 евра дневно за граѓаните, или над 3 милиони евра неделно.

Пратениците на СДСМ бараат Владата да ги прифати предложените мерки:намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5%, намалување на акцизата за 4 денари и намалување на ДДВ за основните прехранбени производи.