1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поскапуваат горивата, редици на бензиските пумпи

9 март 2026

Цените на дизелот и бензинот нагло растат. РКЕ донесе одлука за поскапување, па се создадоа гужви и редици пред бензинските пумпи низ земјата.

https://p.dw.com/p/5A4Ji
Точење гориво на бензиска пумпа, 1998
Поскапуваат горивата, редици на бензиските пумпиФотографија: Marcello Casal Jr/Agência Brasil

Цените на горивата повторно растат, поради што пред бензинските пумпи низ Скопје и другите градови се создадоа големи редици. Причината е новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), според која од полноќ дизелот поскапува за 14,5 денари, а бензините за пет денари за литар.

Новите цени: дизелот најмногу поскапува

Според РКЕ, од полноќ важат следните малопродажни цени:

  • ЕУРОСУПЕР БС-95: 79,5 ден/л
  • ЕУРОСУПЕР БС-98: 81,5 ден/л
  • ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V): 85,5 ден/л
  • Екстра лесно масло за домаќинство: 82,5 ден/л
  • Мазут М-1 НС: 42,586 ден/кг

Со оваа одлука, просечното зголемување на нафтените деривати изнесува 14,27%. Дизелот бележи најсилен раст, што дополнително го засилува притисокот врз граѓаните и транспортниот сектор – во услови кога светските пазари се нестабилни поради кризата на Блискиот Исток.

Зошто се зголемуваат цените?

РКЕ објаснува дека во последните денови референтните цени на бензините на светските пазари се зголемиле за 13,38%, дизелот скокнал за 36,13%, екстра лесното масло за 32,10%, а мазутот за 27,87%.

Дополнително, курсот на доларот пораснал за 0,94%, што исто така влијае на крајните малопродажни цени.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве изјави дека има доволно нафта и деривати, поради што граѓаните треба да останат спокојни. Тој најави дека Владата е подготвена да интервенира со мерки ако се случи драматичен ценовен шок.

„Ќе ги разгледаме сите опции – намалување на акцизата или ДДВ. Ќе застанеме во одбрана на стандардот на граѓаните“, рече Мицкоски.