1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите предлагаат мерки по скокот на цените на горивата

10 март 2026

Цените на горивата растат, а стравувањата од нови поскапувања се зголемуваат. Партиите предлагаат мерки за ублажување на кризата и ценовниот шок.

https://p.dw.com/p/5A5Qb
Венко Филипче, 11.07.24
Венко Филипче предложи намалување на ДДВ за горивата од сегашните 18% на 5%, намалување на акцизата за 4 денари и воведување нула проценти ДДВ за основните прехранбени производиФотографија: Petr Stojanovski/DW

По растот на цените на горивата, сè поголеми се стравувањата дека ќе следат нови поскапувања и на струјата и на храната. Опозициските партии веќе ги презентираа своите предлози за ублажување на последиците од кризата предизвикана од воените дејствија на Блискиот Исток.

Предлози на СДСМ: Намалување на ДДВ и акцизи

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче,на прес-конференција ја обвини власта дека не презема мерки против растот на цените. Тој предложи намалување на ДДВ за горивата од сегашните 18% на 5%, намалување на акцизата за 4 денари и воведување нула проценти ДДВ за основните прехранбени производи.

„Предлагаме намалување на стапката на ДДВ при промет на сите енергенти – дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас и метан. Намалувањето на акцизата директно ќе влијае на поевтинување на горивата, а нула ДДВ за храната ќе помогне да се амортизира евентуален ценовен шок“, изјави Филипче.

Тој додаде дека цената на нафтата на светските берзи расте веќе еден месец и достигнала 60% повисоки нивоа, додека, според него, Владата не презела ниту една мерка за заштита на граѓаните.

ЛДП бара итни мерки по новото поскапување

Либерално-демократската партија реагира на последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која донесе ново поскапување на горивата. Од партијата бараат итно намалување на акцизата за увозот на горива и воведување дополнителни мерки и субвенции.

„Не е изненадувачка одлуката на РКЕ со оглед на воените случувања во Иран и регионот. Изненадувачко е тоа што Владата повторно делува неподготвено, иако пред само десет дена уверуваа дека нема опасност“, стои во соопштението.

Бензиска пумпа 13.02.2024
РКЕ ги поскапе цените на горивата - дизелот за 14,5 денари за литар, а бензините за 5 денари по литар, додека цените на нафтата изутринава паднаа за дури 10%Фотографија: Micha Korb/pressefoto_korb/picture alliance

Реакција од ВМРО-ДПМНЕ: Мерките се веќе предложени во 2022 година

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека дел од мерките кои денес ги предлага Филипче биле предложени од нив уште во 2022 година, кога биле опозиција.

„Филипче предлага мерки кои ние ги предложивме пред години. Механизмот за намалување на акцизата (ДНА механизам) беше воведен по наш притисок“, се наведува во соопштението на партијата.

Тие потсетуваат дека истата влада на СДСМ во минатото го зголемила ДДВ за повеќе прехранбени производи, а сега бара намалување.

Регулаторната комисија за енергетика ги зголеми цените на горивата - дизелот за 14,5 денари за литар, а бензините за 5 денари за литар, додека цените на нафтата изутринава паднаа за дури 10%.