1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоХонгконг

Хонгконг: 20 години затвор за продемократскиот активист Лаи

СН/агенции | АРД
9 февруари 2026

Хонгконшкиот медиумски могул Џими Лаи мора да помине 20 години во затвор. Судот го прогласи 78-годишниот продемократски активист за виновен за „соработка со странски сили“ и „поттикнување немири“.

https://p.dw.com/p/58L62
Хонгконгшкиот медиумски могул Џими Лаи излегува од автомобил
Џими Лаи, на оваа фотографија од 2020 година, сега е осуден на 20 години затворФотографија: Lui Siu Wai/Xinhua/IMAGO

Ова е уште еден удар врз слободата на медиумите во Хонгконг: суд во Кинескиот специјален административен регион го осуди Џими Лаи на 20 години затвор. Судиите пресудија дека Лаи веќе отслужил две години и мора да отслужи уште 18.

Во декември минатата година, Лаи беше прогласен за виновен за „соработка со странски сили“ и „предизвикување нереди“. Обвинителството тврдеше дека Лаи бил главен организатор на два наводни заговори во кои странските земји биле повикани да преземат мерки против Хонгконг или Кина. Издавачот, кој исто така поседува британски пасош, е основач на продемократскиот хонгконшки весник Епл дејли. Весникот беше принуден да престане да работи во 2021 година откако властите на поранешната британска колонија започнаа истрага за наводни прекршувања на националниот „Закон за безбедност“.

Остри реакции од организациите за човекови права

Организациите за човекови права ја осудија оваа долгогодишна затворска казна. Тоа е „практично смртна казна“, рече Елен Пирсон од Хјуман рајтс воч. „Казна од ваков обем е и сурова и длабоко неправедна“, додаде таа. Амнести Интернешнл го оцени случајот како „уште една темна пресвртница во трансформацијата на Хонгконг од град управуван од владеењето на правото во град управуван од страв“. 

Десетици полицајци пред влезот во суд во Хонгонг
Конзуларни претставници од Велика Британија и Австрија присуствуваа на судското рочиште за изрекување на пресудата на Џими Лаи во ХонгконгФотографија: Tyrone Siu/REUTERS

Семејството на Лаи, исто така, се огласи. „Осудувањето на мојот татко на оваа драконска казна е разорно за нашето семејство и опасно за неговиот живот“, рече неговиот син Себастијан. Неговата ќерка Клер рече дека тоа е „срцекршачки сурова казна“ со оглед на влошената здравствена состојба на нејзиниот татко. Доколку биде целосно извршена, „тој ќе умре како маченик зад решетки“. Лај е во затвор од 2021 година, откако претходно беше осуден во други постапки.

САД и Велика Британија бараат ослободување на Лаи

Британската влада и американскиот претседател Доналд Трамп побараа Лаи да биде ослободен. Неговите поддржувачи неодамна изразија загриженост и поради неговото здравје. Неговата ќерка Клер изјави за агенцијата АФП дека нејзиниот татко, кој страда од дијабетес, „многу ослабел“. Исто така, неговите заби и нокти покажуваат знаци на распаѓање. Лаи е еден од најпознатите активисти на продемократското движење во Хонгконг, кое во меѓувреме е речиси целосно потиснато под силен притисок од властите.

Пресудата се заснова на „Законот за безбедност“ воведен од владата во Пекинг во 2020 година по масовните протести во Хонгконг. Законот е насочен против продемократската опозиција и активностите кои кинеското раководство ги смета за субверзивни, сепаратистички, терористички или заговорнички. Законот стапи на сила во 2020 година како одговор на масовните протести за повеќе демократија и предизвика остри меѓународни критики бидејќи ги ограничува слободите во специјалниот административен регион.