Обдукција: Семејствата бараат одговори за пожарот во „Пулс“
9 април 2026
Семејствата на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани повторно бараат одговори од надлежните институции за причините за смртта на нивните деца. Во фокусот на нивните барања се токсиколошките анализи направени при обдукцијата, од кои, според нив, зависи вистината за тоа како настанала трагедијата во која загинаа 63 лица.
Дел од родителите на загинатите деца дојдоа во Институтот за судска медицина во Скопје, за да побараат одговори за токсиколошките анализи од директорот на институцијата, д-р Александар Станков. По средбата изјавија дека добиле потврда дека токсиколошките анализи се извршени, но за резултатите ќе мора да почекаат, бидејќи тие ќе бидат изведени и презентирани во рамки на судската постапка за пожарот, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Прашања што ги мачат семејствата
Како што изјави Александар Наунов, татко на Надица Наунова, која загина во пожарот, и претседател на Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, на средбата со директорот Станков им било објаснето дека Институтот за судска медицина не смее да дава информации за резултатите од анализите.
Според него, наодите од обдукцијата и токсиколошките анализи ќе бидат презентирани исклучиво пред судот, во рамки на доказната постапка, а Институтот нема законска можност тие податоци да ги сподели пред започнувањето на вештачењето.
Родителите најмногу ги интересира дали биле извршени токсиколошки анализи и дали во телата на жртвите било утврдено присуство на цијанид и други токсични соединенија, кои, според нив, би можеле да бидат причина за настапувањето на смртта. Според Наунов, по трагедијата биле земени примероци од крв и органи, но во тој период не постоела соодветна опрема за испитување на токсични материи. Во меѓувреме, Институтот набавил соодветна машина, по што анализите биле завршени и доставени до Обвинителството.
Станков: Сè ќе биде јавно на суд
Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, по средбата изјави дека сè што било побарано од Институтот по трагичниот настан е навремено и целосно изработено.
„Доказите ќе бидат јавно презентирани во текот на судската постапка. Мислам дека родителите подобро ја разбраа природата на нашата работа и законските ограничувања во кои функционираме“, рече Станков.
Во меѓувреме, во судот продолжува постапката, при што на денешното рочиште сведочеа преживеани од трагедијата.Тие пред судот опишаа хаос и стампедо, наведувајќи дека пожарот се раширил за помалку од 30 секунди.