1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минимален раст на минималната плата - ССМ незадоволни

2 март 2026

Минималната плата ќе се зголеми од април за 1.667 денари, а Владата претстави и нова потрошувачка кошница. ССМ ја напушти седницата на Економскиот совет.

https://p.dw.com/p/59ehb
Симболина слика за минимална плата
Минималната плата ќе се зголеми за 1.667 денари нето, согласно законското усогласување што се врши во март. Тоа значи дека работниците во април ќе добијат минимална плата од 26.046 денари нето.Фотографија: Andrey Popov/Panthermedia/imago images

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница на Економско-социјалниот совет најави дека минималната плата ќе се зголеми и ќе почне да се исплаќа со мартовската плата, односно во април. Тој истакна дека Владата не презема обврски за периоди надвор од тековниот мандат, кој завршува во 2028 година, туку се фокусира на реализација на политики во рамките на актуелниот мандат.

„Откако сме избрани како Влада, до сега ги имаме регулирано односите со нашите колеги во повеќе од 95 проценти преку колективни договори кои важат до 2028 година“, изјави Мицкоски. Тој додаде дека поради наследени проблеми од минатите влади, новата влада мора да ги решава и последиците од „нестручното, несовесно и лошо менаџирање“.

Минималната плата се зголемува за 1.667 денари – Дурмиши со детали

Според министерот за економија, Бесар Дурмиши, минималната плата ќе се зголеми за 1.667 денари нето, согласно законското усогласување што се врши во март. Тоа значи дека работниците во април ќе добијат минимална плата од 26.046 денари нето.

„Ова е системско и законско решение кое предвидува зголемување на минималната плата согласно економските движења, штитејќи го животниот стандард на работниците и водејќи сметка за економијата на нашата држава“, изјави Дурмиши на прес-конференција.

Нова потрошувачка кошница – 13% поевтина од таа на ССМ

Министерот Дурмиши се осврна и на новата потрошувачка кошница изготвена од Владата, објаснувајќи дека кошничката на ССМ не е реална, бидејќи содржи трошоци за кирија, додека голем дел од населението живее во сопствен дом.

Новата владина кошница опфаќа 101 основен производ.

„Оваа кошничка е 13 проценти поевтина од кошницата на ССМ“, посочи Дурмиши.

ССМ ја напушти седницата: спор околу минималната плата

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, ја напушти седницата на Економскиот социјален совет поради незадоволство од предложеното усогласување на минималната плата. Според него, предложеното зголемување од околу 1.600 денари не е прифатливо.

„Денеска на мала врата пробаа да утврдат усогласување на минималната плата за околу 1.600 денари, во што ССМ нема мандат да учествува. Жалосно е што Владата, работодавачите и другите синдикати имаат ист став – минималната плата да се усогласи само законски и да не се зголеми. За жал, борбата продолжува на улица во средината на март“, напиша Трендафилов на Фејсбук.

ССМ во последниот период организираше протести и блокади, барајќи зголемување на минималната плата на 600 евра. Во наредниот период се очекува и одржување генерален штрајк.