1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Иран најави нови атомски преговори со САД следната недела

ЕМФ / дпа
27 февруари 2026

Трета индиректна рунда преговори меѓу претставници од Вашингтон и Техеран заврши без пробив. Иран е оптимистичен, но разликите и опасноста од војна остануваат.

https://p.dw.com/p/59Ub4
Швајцарија Женева 2026 | Средба меѓу министерот за надворешни работи на Оман, Ал Бусаиди, Стив Виткоф и Џеред Кушнер
Министерот за надворешни работи на Оман, Ал Бусаиди и американските преговарачи Стив Виткоф и Џеред Кушнер во ЖеневаФотографија: Foreign Ministry of Oman/AP Photo/picture alliance

По индиректната рунда преговори со САД во Женева, Иран најави нови разговори за следната недела. Од понеделник во Виена, каде што се наоѓа седиштето на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), се планирани „технички разговори“, изјави министерот за надворешни работи Абас Арагчи пред новинарите во Женева. Ако се одржат, тогаш би можеле да се договорат деталите на можниот договор. „Ова беше најдобрата и најсериозната рунда“, рече министерот.

Американски официјален претставник за порталот „Аксиос"  ја опиша рундата во Женева само како „позитивна“. Двете страни и натаму се „далеку една од друга“ за важни прашања, извести „Волстрит журнал" по завршувањето на третата рунда во Женева. На средбите главна тема беше спорната иранска нуклеарна програма.

САД сакаат да спречат иранското раководство да развие нуклеарно оружје. Иранската влада ги негира таквите намери, но изразува подготвеност да ја ограничи својата нуклеарна програма. За возврат, Техеран бара укинување на строгите економски санкции.

Трамповиот ултиматум

Министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди, кој посредува меѓу двете страни, најави нови разговори за следната недела. Прво треба да се одржат консултации со владите во главните градови и да се подготват некои документи. Тоа ќе бара време, рече иранскиот министер Арагчи.

Швајцарија Женева 2026 | Трета индиректна рунда преговори меѓу САД и Иран со Оман како посредник
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи (л.) на средба со министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди во ЖеневаФотографија: Omani Foreign Ministry/AFP

Но дали навистина ќе се одржи нова рунда преговори меѓу двете страни сè уште е нејасно. Американскиот претседател Доналд Трамп пред една недела му постави ултиматум на иранското раководство до почетокот на март. „Или ќе постигнеме договор или тоа ќе биде жално за нив“. Трамп се закани со воени мерки доколку не се постигне договор.

Венс: Нема американско вклучување во долга војна на Блискиот Исток

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс не стравува дека можни напади врз Иран би ја вовлекле неговата земја во долгогодишна војна на Блискиот Исток. Во интервју за „Вашингтон пост“, Венс изјави дека не знае како Трамп ќе одлучи. Како опции ги наведе и воените удари „за да се осигура дека Иран нема да добие нуклеарно оружје“ и дипломатско решение

„Замислата дека ќе бидеме во војна на Блискиот Исток со години и без видлив крај – тоа нема да се случи“, изјави Венс. Тој посочи на ограничените американски напади врз ирански нуклеарни објекти минатата година, како и на воената операција во Венецуела во јануари, кои биле „многу јасно дефинирани“.

Иран предупреди дека секој напад, дури и многу ограничен, ќе го смета за повод за целосна реакција. „Ова може да биде последната шанса да се постигне договор“, ја пренесе „Волстрит журнал“ проценката на експертот Саид Голкар од Универзитетот во Тенеси. „Ако не успее, САД тоа потоа ќе го решаваат со воени средства.“

Арапско Море 2026 | Носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“ во акција
Американскиот носач на авиони „УСС Абрахам Линколн“ во Арапското МореФотографија: Shepard Fosdyke-Jackson/US Navy/AFP

Масивно американско присуство во регионот

Американската војска распореди големи сили со два носачи на авиони, воени бродови, десетици борбени авиони, системи за противвоздушна одбрана и воени авиони на Блискиот Исток. Меѓу нив има и авиони за полнење гориво во воздух, неопходни за интензивни бомбардирања на големи растојанија. Според американските медиуми, ова е најголемо распоредување на американска воена авијација во регионот од војната во Ирак во 2003 година.

Иранската делегација во последните индиректни преговори официјално одби неколку американски барања, објавија иранските државни медиуми. Земјата не е подготвена да ги испрати своите повеќе од 400 килограми високо облагороден ураниум во странство. Владата исто така инсистира на своето право да користи нуклеарна енергија за мирољубиви цели. Иран бара и укинување на строгите санкции на ОН, пренесе државната агенција Ирна.

Преговорачите од американска страна – специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џеред Кушнер – рекле дека Иран мора да ги уништи трите атомски централи Натанс, Фордо и Исфахан и да го предаде остатокот од облагородениот ураниум на САД, пренесе „Волстрит журнал“. Секој нуклеарен договор мора да „важи засекогаш“, додале тие.