1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

САД против Иран: Договор или голема ескалација?

Елина Фахради
26 февруари 2026

Во пресрет на средбата меѓу претставници на Техеран и Вашингтон во Женева, тензијата на Блискиот Исток расте. Дали ултиматумот на Трамп ќе донесе дипломатско решение, или регионот се движи во правец на воена ескалација?

https://p.dw.com/p/59QtL
Арапско Море 2026 | Ф/A-18E Супер Хорнет полетува од носачот на авиони УСС Абрахам Линколн
Во последните недели, американската војска премести најголеми сили на Блискиот Исток од војната во Ирак во 2003 годинаФотографија: Daniel Kimmelman/US Navy/AFP

Тензијата непосредно пред нова рунда разговори меѓу САД и Иран се зголемува. Претставници од Техеран и Вашингтон денеска (26.02) во Женева треба да разговараат за нуклеарната и ракетна програма на Иран. За аналитичарите ова е еден од најкритичните моменти во историјата на Блискиот Исток. Во политичките и безбедносни кругови, сѐ повеќе се зборува за „воено одбројување“ доколку не биде постигнат договор.

Според извештај на „Волстрит журнал“ од 20 февруари, американскиот претседател Доналд Трамп разгледува можности за прв, ограничен воен удар против Иран. Целта е да го принуди Иран да ги прифати неговите барања за нуклеарен договор. Во извештајот се наведува дека таквиот потег е замислен како средство за притисок и не треба да ескалира во тотална војна која би можела да предизвика големи мерки за одмазда.

Весникот истовремено пишува дека доколку Иран и натаму одбива да ги исполни американските барања, американската влада би можела да разгледа и многу поширока воена интервенција против државни институции во земјата со цел, како што се вели, да се ослабне или собори раководството во Техеран.

Во писмо до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, Иран наведува дека не сака да започне војна, но дека доколку земјата биде нападната, во рамките на своето право на самоодбрана ќе одговори „решително и соодветно“.

Ризици од воена ескалација

Никој не може со сигурност да каже од кои цели би се воделе САД во случај на војна, вели Менаше Амир, експерт за Блискиот Исток од Израел. „Можеби дури ни г-дин Трамп сè уште не го знае дефинитивниот одговор“, додава тој и наведува дека идејата за соборување на иранскиот режим сепак добива на тежина. „Трамп заклучи дека Блискиот Исток никогаш нема да се стабилизира без да се стави крај на сегашното раководство во Техеран“, вели Амир.

Двајца американски функционери за новинската агенција Ројтерс на 20 февруари потврдиле дека воените планови веќе се навлезени во напредна фаза. Според нив, опциите вклучуваат целни напади врз одредени поединци, како и мерки што би можеле да целат кон промена на режимот - под услов Трамп да издаде таква наредба.

Дејмон Голриз, стратешки аналитичар во Хашкиот институт за геополитика, предупредува дека дури и ограничена воена интервенција мошне веројатно би ги надминала своите првични рамки. Режим што се соочува со егзистенцијални закани на повеќе фронтови, ескалацијата веќе не ја сфаќа како опција, туку како чист инстинкт за преживување. Под притисок на масовните внатрешни немири и меѓународната изолација, Техеран ќе предизвика „верижна реакција“ преку своите прокси групи, што, според Голриз, би можело да предизвика експлозивна ескалација.

Тој притоа се повикува на предупредувањето од поранешниот директор на ЦИА, Дејвид Петреус. Имено, на 23 февруари Петреус нагласи дека дури и тотален воен напад би имал само ограничено влијание врз стабилноста на раководството и не мора нужно да доведе до промена на режимот. Затоа Трамп веројатно и натаму ќе се стреми кон договорно решение, вели Камранн Матин, доцент за меѓународни односи на Универзитетот Сасекс: „Воен конфликт тешко би можел да се калкулира, а не е видлива јасна стратегија за излез. И советниците на претседателот постојано укажуваат на ризиците од отворен конфликт“, вели Камран.

Израел го зголемува притисокот

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, се обидува да го убеди Трамп да започне воен напад. Вечерта на 23 февруари, тој  пред израелскиот парламент експлицитно зборуваше за „цврст одговор“: „Ние сме будни и подготвени за секое сценарио. Јасно му ставив до знаење на режимот на ајатолахот: ако ја направат најголемата грешка во нивната историја и го нападнат Израел, ние ќе одговориме со сила што не можат ниту да си ја замислат“, рече тој.

Експертот Менаше Амир забележува големо влијание од блискиот сојузник на САД. „Израел го убеди Вашингтон со обемни докази дека проблемите во регионот може да бидат само радикално решени со соборување на режимот“, вели тој и дополнува дека „во неодамнешните изјави на Трамп се забележува дека не ја тематизира само иранската нуклеарна програма, туку и угнетувањето на иранскиот народ. Тоа би можело да укажува на фундаментална промена во доктрината на американскиот претседател.“

Иран САД 2026 | Доналд Трамп и ајатолахот Али Хамнеи во конфликт околу нуклеарните преговори
Никој не може со сигурност да каже од кои цели би се воделе САД во случај на војна (фото: американскиот претседаттел Трамп и иранскиот ајатолах Хамнеи)Фотографија: Andrew Caballero-Reynolds/AFP

Таквите политички и воени сигнали го зголемуваат притисокот врз претстојните разговори во Женева, кои многу аналитичари ги оценуваат како последна шанса за дипломатско решение. Се работи за повеќе од само дијалог - тоа е историски ултиматум за Техеран.

Промена на режимот во Иран?

Аналитичарите се скептични дека овие случувања би можеле да доведат до секуларна демократија во Иран. Камран Матин посочува на Националната безбедносна стратегија на САД, документ објавен минатиот ноември. Во него се наведува дека ерата на „градење на нации“ е завршена и дека фокусот на САД се поместил од Блискиот Исток кон Кина. Без јасна политичка алтернатива, договор со постоечкиот режим е поверојатната опција за САД.

Дејмон Голриз се сомнева дека напад од САД би можел да го отвори патот кон секуларна демократија. „Непоколебливоста на режимот во Техеран по убиството на повеќе од 30 илјади демонстранти, без никакви значајни внатрешни поместувања, илустрира колку сè уште е далечна демократска транзиција“, вели тој и додава дека е поверојатна појава на авторитарна воена влада или - во најлош случај - целосен колапс на државата и регионални војни.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик