1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилностФранција

Обилниот снег предизвикува откажувања на летови во Европа

ЕМФ | агенции
6 јануари 2026

Обилните снежни врнежи предизвикаа откажувања на летови и возови, сообраќаен метеж и затворање на училишта во делови од Европа.

https://p.dw.com/p/56Nca
Франција Париз 2026 | Сообраќаен метеж во округот Сен Лазар поради снежни врнежи
Во поширокиот регион на Париз поради снегот имаше рекордни 1.000 километри колониФотографија: Delphine Goldsztejn/MAXPPP/IMAGO

Снегот предизвика колони од 1.000 километри во поширокиот регион на Париз

Снегот во Париз предизвика проблеми во сообраќајот и колони од 1.000 километри во поширокиот регион на француската престолнина. Рекордот на должината на колоните е соборен вчера доцна попладне (5.01). Во просек, сообраќајните метежи во регионот во тоа време од денот се долги само околу 250 километри.

Снежните врнежи и мразот цврсто ја зафатија и северозападна Франција - Нормандија и Бретања. И таму имаше прекини во сообраќајот.

Автобуските линии во Париз беа прекинати

Во Париз, привремено беа прекинати и автобуските услуги, соопшти јавното сообраќајно претпријатие РАТП. Регионалните железнички услуги беа исто така во прекин.

Временските услови влијаеја и на воздушниот сообраќај, при што бројот на летови на аеродромите Шарл де Гол и Орли беше намален за 15 проценти, објави францускиот министер за транспорт Филип Табаро. Тоа било неопходно за расчистување на пистите и одмрзнување на авионите.

Франција Париз 2026 | Доцнења на станицата Сен-Лазар поради снежни врнежи
Снегот предизвика големи проблеми во железничкиот сообраќајФотографија: Delphine Goldsztejn/MAXPPP/IMAGO

Проблеми во сообраќајот и во Холандија

Поради зимското време и технички дефект, железничкиот сообраќај во Холандија е речиси целосно парализиран. Холандската железничка компанија објави дека возови нема да сообраќаат до 10:00 часот денеска (6.01). Според компанијата, покрај бројните проблеми на шините предизвикани од зимското време, рано утрово се случил и компјутерски дефект.

Меѓународните возови во моментов не се погодени од прекинот. Зимското време предизвикува и проблеми на патиштата и на аеродромот Схипхол во Амстердам. Веќе се откажани околу 700 летови.

Откажани летови и во Велика Британија

Шкотска, Северна Ирска и делови од северна Англија беа погодени од обилни снежни врнежи. Многу британски аеродроми откажаа летови, вклучувајќи ги Абердин и Инвернес во Шкотска, Белфаст во Северна Ирска, како и Ливерпул и Манчестер.

Според властите, 212 училишта во Северна Ирска останаа затворени поради снежните врнежи. Затворање на училиштата има и во Шкотска, Велс и северна Англија.

Во меѓувреме, „Еуростар“, компанијата чии возови ја поврзуваат Велика Британија со континентална Европа, им советуваше на патниците што патуваат помеѓу Лондон и Холандија да ги одложат своите патувања.