1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаАфрика

Африканските производители и цената на нафтата

Мартина Швиковски
21 март 2026

Дали африканските производители на нафта би можеле краткорочно да го зголемат производството и со тоа да го ублажат глобалниот недостиг на нафта поради војната на Блискиот Исток? Тоа не е толку едноставно, велат експерти

https://p.dw.com/p/5Adjz
Нигерија Аменам 2005 | Платформата за нафта и гас на Тотал во делтата на Нигер
Платформата за нафта и гас „Аменам“ на „Тотал“ во делтата на НигерФотографија: Pius Utomi Ekpei/AFP

Затворањето на Ормускиот Теснец покрај брегот на Иран има клучно влијание врз трговијата со нафта и течен гас. Околу една петтина од глобалниот извоз на нафта претходно се одвиваше преку тој теснец. Тоа ги засилува грижите кај потрошувачите во однос на снабдувањето и покренува прашања за алтернативни извори за енергентите - на пример од Африка.

Би можеле ли африканските земји производители на нафта краткорочно да го зголемат своето производство и со тоа да ги стабилизираат цените на светскиот пазар? „Африканските земји краткорочно играат само мала улога“, вели Роберт Капел за ДВ. „Тие може да помогнат, но не доволно брзо и не во обем што би бил потребен“, додава поранешниот претседател на Институтот ГИГА со седиште во Хамбург.

Африка краткорочно не игра никаква улога во снабдувањето

На пример, Нигерија навистина повторно го зголеми своето производство, но за да се произведува повеќе треба и инвестиции - во најдобар случај има само среднорочна опција за дејствување. Помалите земји како Камерун и Екваторска Гвинеја немаат резерви и не може да го зголемат своето производство.

Друг фактор е што „меѓународните нафтени компании во африканските земји, во изминатите години ги намалија своите инвестиции, во некои случаи ги продадоа на националните влади или компании, а во исто време го намалуваат барањето на нови нафтени полиња“, вели Капел. Затоа, капацитетите би требало прво повторно макотрпно да се прошират, за во иднина да играат улога на меѓународните пазари на нафта.

Африка краткорочно може да даде само ограничен придонес со оглед на моменталната криза со снабдувањето со нафта и гас, вели Штефан Либинг, генерален директор на инвестициската компанија Конјункта, која се фокусира на африканскиот континент. „Улогата на Африка е повеќе на среден рок, особено во снабдувањето со природен гас“, вели Либинг за ДВ.

Европски фирми уште од 2022 година се натпреваруваат за африкански гас затоа што веќе не сакаат да купуваат од Русија и со тоа да го надополнуваат фондот за војната во Украина. Со оглед на климатската криза и климатските цели од Парискиот договор, глобалната економија всушност одамна требаше да ја намали потрошувачката на фосилни горива. Сепак, краткорочно зависноста од нафтата е толку голема што зголемувањето на цените по почетокот на израелско-американските напади врз Иран, имаше непредвидливи последици за компаниите, владите и потрошувачите ширум светот.

 Нигерија е најголемиот производител на нафта во Африка и „дефинитивно има потенцијал“ за поголем обем на производство, вели за ДВ нигерискиот аналитичар Ајоделе Они. Сепак, земјата во моментов не располага со целосен технички и оперативен капацитет за да одговори на глобалните прекини во снабдувањето. „Најголемата пречка е недостатокот на значителен резервен капацитет“, вели Они.

Во месечниот извештај за март 2026-та на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во однос на пазарот на нафта Нигерија котира со 1,42 милиони барели дневно - без дополнително достапен капацитет. „Тоа практично значи дека сегашното ниво на производство веќе го одразува максималниот обем што земјата може да го одржува на краток рок“, објаснува Они и додава дека во однос на количеството „нема тампон што би можел брзо да се активира како реакција на евентуални пазарни шокови“.

Шверцери на нафта во Нигерија | Продажба на гориво
Паралелно со нафтената индустрија, во Нигерија се разви сива економија - со нелегално вадење, преработка и дистрибуција на нафтени производиФотографија: BOUREIMA HAMA/AFP

Што е проблемот со нигериската нафтена индустрија?

Според Они, несоодветната инфраструктура, застарената мрежа на цевководи, недоволното финансирање и безбедносните проблеми во делтата на Нигер, срцето на нигериската нафтена индустрија, се дополнителни причини, исто како и долгите периоди на развој на големи проекти, особено истражувањето во големи длабочини. „Кај ваквите проекти често минуваат и по неколку години од моментот на одобрувањето на инвестицијата до првото производство на нафта. Тоа значи дека дури и растечки глобални цени, кои поттикнуваат инвестиции, нема да генерираат нови количини“, нагласува Они.

Иако Нигерија не вовела никакви нови мерки како одговор на моменталната глобална криза во снабдувањето, сепак во земјата одамна има иницијативи за зголемување на производството на нафта и гас, кои сега се забрзуваат. Они како најважен пример го наведува проектот „Еден милион барели“ поддржан од владата, што се однесува на реактивирање на неактивни извори на нафта, забрзување на интервенциите и намалување на регулаторните одолговлекувања што претходно влијае теренските операции да се одвиваат побавно. Даночните реформи исто така треба да  привлечат инвестиции и да го поддржат растот на производството.

И покрај подобрувањата во поглед на безбедноста, намалената кражба на нафта и подобриот мониторинг, производството не е ни приближно до нивото кое владата на претседателот Бола Тинубу си го постави како цел при доаѓањето на власт, одговара на прашање на ДВ Клементине Валоп, главен аналитичар за супсахарна Африка при консултантската фирма Хорајзон Ингејџ. „Во оваа кризна ситуација, Нигерија ќе продолжи со иницијативите, но нема магично копче што може едноставно да го притиснете за земјата да профитира од повисоките цени и да ја ублажи кризата со снабдувањето на пазарот“, вели таа.

Друг проблем - иако повеќе за домашниот пазар отколку за глобалната економија - се дотраените државни рафинерии. Според Они, Нигерија во голема мера зависела од увезени рафинирани горива и во минатото често извезувала сурова нафта само за да ги искористи приходите за да купи бензин и дизел гориво. Од 2024 година ситуацијата е подобрена, па така во Лагос најголемата приватна рафинерија во Африка изградена од мултимилијардерот Алико Данготе, преработува 650 илјади барели сурова нафта дневно. Рафинеријата Данготе го снабдува домашниот пазар со околу 60 милиони литри гориво дневно. Они на рафинеријата сепак повеќе ѝ придава регионално отколку глобално значење со тоа што таа ги зајакнува домашните и западноафриканските пазари во однос на снабдувањето со нафта.

Ангола Кабинда 2025 | Шеврон-платформа за нафта
Ангола инвестира многу во проширување на производството на нафта и природен гас (фото: нафтена платформа на „Шеврон“ во Кабинда)Фотографија: Simão Lelo/DW

Колку нафта би можела да пласира Ангола?

Ангола е втор по големина производител на нафта во супсахарска Африка. Земјата на југозападот на Африка се повлече од меѓународниот нафтен картел ОПЕК во 2023 година за да може пофлексибилно да одлучува колку нафта и кога ќе пласира на светските пазари.

Луанда инвестира многу за да го зголеми производството на нафта, а исто така и за да открие повеќе резерви на природен гас, вели за ДВ тамошниот експерт за енергија Флавио Иносенсио. „Ангола повторно е атрактивна за западни инвеститори поради војната во Украина и кризата на Блискиот Исток“, вели тој.

Владата на Ангола засега сака да го сочека развојот на настаните. Блумберг го цитира министерот за економија Хозе де Лима Масано на 6 март со изјавата дека зголемувањето на цените секогаш се „позитивни вести“ за земјите производители на нафта, но тој истовремено предупредува дека повисоките трошоци за транспорт ќе ја зголемат цената и на другите стоки кои се увезуваат во неговата земја.

Дури и ако африканските производители на нафта, како Нигерија и Ангола, би можеле краткорочно да стават поголеми количини нафта на располагање, тие не би биле во можност да ги компензираат загубите од Блискиот Исток, објаснува аналитичарот Иносенсио. „Африка произведува само десет проценти од глобалните количини на нафта. Тоа не е доволно за да ги замени приближно 20-те милиони барели нафта што се испорачуваат преку Ормускиот Теснец секој ден“, вели тој.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик