Што бараат САД пред венецуелското крајбрежје?
17 ноември 2025
Најголемиот носач на авиони на американската морнарица, УСС Џералд Р. Форд, штотуку ја достигна својата привремена позиција во Карибите. Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, претходно официјално ја започна операцијата „Јужно копје“ со што мисијата на американската морнарица во јужните Кариби која започна во август, конечно се води и со официјално име.
Што бара американската морнарица во Карибите?
Од крајот на август, САД распоредија цел куп воени бродови на карипскиот брег од Венецуела. На почетокот на септември се случи првиот фатален напад врз брод, за кој САД тврдат дека шверцувал дрога од јужноамериканската земја. Според американската влада, потоа се случиле уште 19 слични напади.
Што е целта на операцијата „Јужно копје“?
Според американската влада, официјалната цел на нападите врз „нарко бродови“ во Карибите е да се запре трговијата со дрога од Јужна Америка во САД. Во соопштение објавено на платформата X во четвртокот вечер, Хегсет повтори дека единицата „Јужно копје“ во соработка со јужната команда на војската на САД, одговорна за Централна и Јужна Америка, ќе „ги отстрани нарко-терористите од нашата хемисфера и ќе ја заштити нашата татковина од дрогата што ги убива нашите луѓе“.
Сепак, во таквото постапување не гледа владата во Каракас провокација и директна закана за националниот суверенитет на Венецуела. Се стравува дека САД можеби сакаат со воени средства да ја соборат Партијата на социјалистичкото единство на Венецуела, која веќе една деценија владее сѐ поавторитарно и анти-демократски на чело со претседателот Николас Мадуро. Пред сѐ критичарите на Доналд Трамп во операцијата насетуваат политички мотивирана тактика на одвлекување на вниманието. Американскиот претседател со недели се соочува со растечки притисок да ги објави досиејата на Епстин, кои и натаму се држат во тајност. Сомнежот е дека би можеле да содржат чувствителни откритија за Трамп или клучни сојузници на претседателот.
Што укажува на воена интервенција на САД?
Во меѓувреме веќе различни извори поаѓаат од тоа дека околу десетина големи воени бродови на американската морнарица зазеле позиции во јужниот дел на Карибите - вклучувајќи крстосувачи, десантни бродови и една нуклеарна подморница. Трамп го повлече најголемиот носач на авиони во светот од кризниот регион на источниот Медитеран и го стационираше таму, покрај распоредените околу 12 илјади морнари и маринци. Ова невообичаено голем обем само за да се запрат неколку моторни чамци. Операцијата „Јужно копје“ според министерот Хегсет, треба да ги елиминира „нарко-терористите“. А, претседателот Трамп токму така во повеќе наврати ја опиша венецуелската влада. Претседателот Мадуро според таквите наводи е шеф на нарко картел, т.н. „Картел де лос Солес“ (Картел на Сонцето), во чиј состав се лица од венецуелската војска. САД распишаа награда од 50 милиони долари за апсење на Мадуро - највисока премија од тој тип во историјата на земјата. Американската влада до сега официјално не потврдува планови за воени напади во Венецуела, но Трамп наведе дека деновите на Мадуро како претседател се одбројани.
Што зборува против напад врз Венецуела?
Едно од главните ветувања на претседателот Трамп на неговите гласачи беше дека ќе се држи на страна од војни во странство. До сега Трамп во голема мера го одржа своето ветување. Напад врз Венецуела би бил кршење на ветувањето, но тој би можел да аргументира декасе работи за директните интереси на САД. Објава на Пит Хегсет на Х-Пост барем оди во тој правец, која министерот ја завршува со зборовите дека „западната хемисфера е соседство на Америка - и ние ќе ја заштитиме“. За голема инвазија на земјата од 28 милиони жители, распоредената воена сила е премала. Венецуела е високо милитаризирана земја. Владата се потпира на националните вооружени сили и големите вооружени паравојски - сѐвкупно повеќе од 300 илјади лица. Германскиот експерт за Латинска Америка, Гинтер Мајхолд, смета дека е поверојатно дека САД се надеваат да постигнат „фрагментација на венецуелскиот блок на моќ“ преку целни напади и можни операции на ЦИА.
Како Венецуела реагира на можната закана?
Претседателот Мадуро ја интензивираше реториката против „империјалистичките махинации“ на САД, како што ги нарекува тој, и се обидува да ги наштима Венецуелците за одбрана на Венецуела од американска инвазија. Уште кон средината на септември, тој отпочна програма за мобилизација на цивили. Венецуелските вооружени сили неделава изведоа голем воен маневар со околу 200 илјади учесници. Мадуро најави и планови за активирање на 4,5 милиони милиционери.
Што вели меѓународната заедница?
Смртоносните напади врз осомничени нарко-бродови се крајно контроверзни. Прво, САД до сега не испорачаа никакви докази за тоа кој или што имало на потонатите бродови. Второ, луѓето на бродовите се убивани без да претставуваат никаква видлива закана. Очекувана вербална поддршка имаше од сојузниците на Венецуела. Дипломатскиот претставник на Кина во САД рече дека Пекинг генерално ја поддржува борбата против транснационалниот криминал, но не на сметка на човековите права и безбедноста на бродовите во меѓународни води. Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, рече дека руската влада очекува да не се преземаат никакви чекори кои би можеле да ја дестабилизираат ситуацијата во регионот и нагласи дека сите мерки треба да бидат во согласност со меѓународното право. Критики за постапувањето на САД има и од страна на НАТО.
Како се позиционираат партнерите од НАТО?
На маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во Канада минатата недела, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро пред новинарите ја искажа својата загриженост во врска со американските воени операции во Карибите, тврдејќи дека тие го кршат меѓународното право. Според телевизијата Си-Ен-Ен која се повикува на британски извори, Обединетото Кралство пред повеќе од еден месец одлучило да престане да споделува разузнавачки информации со САД што би можеле да се користат за извршување напади врз бродови во Карибите. И Британците аргументираат дека не сакаат да учествуваат во – од нивна гледна точка - нелегални акции. Американскиот државен секретар Марко Рубио ги побиваше обете тврдења. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, индиректно ги критикуваше САД уште на почетокот на ноември за време на самитот ЕУ-ЦЕЛАК, средба меѓу латино-американските држави и ЕУ, со тоа што побара почитување на меѓународното право во такви воени операции. Портпарол на германската влада минатата недела на прес-конференција се огласи со слични забелешки.