САД сакале да го киднапираат Николас Мадуро
28 октомври 2025
Американски таен агент се обидел да го регрутира пилотот на Николас Мадуро за да учествува во заговор за киднапирање на венецуелскиот лидер и негово предавање на американските власти за да се соочи со обвиненија за трговија со дрога. Деталите за заговорот излегуваат на виделина додека администрацијата на Доналд Трамп врши сè поголем притисок врз Мадуро. Трамп ја распореди американската морнарица во Карибите и ја удвои наградата за апсење на Мадуро на 50 милиони долари.
Приказната за тоа како агентот се обидел да го придобие пилотот ги содржи сите елементи на шпионски трилер од Студената војна — луксузни приватни авиони, тајна средба во хангар на аеродром, дипломатија со висок ризик и внимателно придобивање на клучен соработник на Мадуро.
Еве ги клучните точки од приказната на Асосиејтед прес (АП), базирана на интервјуа со тројца актуелни и пензионирани американски функционери, како и еден противник на Мадуро. Сите зборуваа под услов на анонимност бидејќи или не беа овластени да зборуваат за обидот или се плашеа од одмазда.
Смел обид за регрутација
Агентот на американската Служба за домашна безбедност (Homeland Security Investigations), Едвин Лопез, служел како аташе во Доминиканската Република кога дознал дека два приватни авиони кои често се користеле за транспорт на Мадуро слетале во карипската земја за скапи поправки. Тоа биле авиони кои го превезувале Мадуро низ светот — често во земји непријателски настроени кон САД, како Иран, Куба и Русија.
Делегација од венецуелското воено воздухопловство пристигнала за да ги преземе авионите, па Лопез добил дозвола да разговара со воздухопловците.
Во мај 2024 година, на аеродромот во Санто Доминго, Лопез му го претставил својот предлог на пилотот на Мадуро: во замена за пренасочување на летот на претседателот кон место каде што американските власти би можеле да го уапсат, авијатичарот би станал многу богат човек и би ја добил љубовта на милиони Венецуелци. Средбата можела да биде по избор на пилотот: Доминиканска Република, Порторико или американската воена база во Гвантанамо Беј, Куба, според две лица запознаени со планот.
Пилотот, Битнер Вилегас, член на елитната претседателска гарда, не се изјаснил јасно, но му го дал својот телефонски број на Лопез. Двајцата останале во контакт преку апликација за енкриптирани пораки. Лопез, откако се пензионирал претходно оваа година, повторно му се обратил на пилотот, велат три извори.
„Сè уште го чекам твојот одговор,“ му напишал Лопез на пилотот на 7 август, прикачувајќи линк до соопштение од Министерството за правда во кое се објавува дека наградата за апсење на Мадуро е зголемена на 50 милиони долари.
Мадуро беше обвинет во 2020 година за нарко-тероризам, односно дека помогнал во поплавување на САД со кокаин.
Неколку дена подоцна, Лопез додал: „Сè уште има време да станеш херој на Венецуела и да бидеш на вистинската страна на историјата.“
Американски напори за уривање на Мадуро
Операцијата открива до кој степен, и често со импровизаци, САД со години се обидуваат да го симнат Мадуро од власт, обвинувајќи го за уништување на демократијата во земјата богата со нафта, додека обезбедува засолниште за нарко-картели, терористички групи и комунистичка Куба.
Тие напори добија замав откако претседателот Доналд Трамп повторно ја презеде функцијата. Ова лето, претседателот распореди илјадници војници, борбени хеликоптери и воени бродови во Карибите за да напаѓа рибарски чамци осомничени за шверц на кокаин од Венецуела. Во 10 напади, американската војска убила најмалку 43 лица.
Овој месец, Трамп исто така ја овласти ЦИА да спроведува тајни операции во Венецуела. Претходно, ја удвои наградата за апсење на Мадуро на 50 милиони долари за да се соочи со обвиненија за нарко-тероризам содржани во федерално обвинение од 2020 година, кое го обвинува венецуелскиот лидер дека предводи картел од воени функционери обвинети за поплавување на САД со кокаин.
Кога Вилегас ги отфрлил обидите на Лопез, сојузниците на венецуелската опозиција започнале онлајн кампања за да посеат сомнеж во Каракас за лојалноста на пилотот.
Маршал Билингсли, поранешен функционер за национална безбедност во неколку републикански администрации, со недели го провоцирал Мадуро. На денот кога Вилегас наполнил 48 години, тој објавил подбивна роденденска порака на социјалните мрежи со две фотографии една до друга кои сигурно би предизвикале сомнеж. Едната била од Вилегас на црвен кожен кауч во хангарот на аеродромот во Доминиканската Република каде што претходната година разговарал со Лопез, кој бил отсечен од фотографијата. Другата била официјална фотографија од воздухопловството со златна ѕвезда која го означува неговиот нов чин- генерал.
Објавата на Билингсли била објавена во 15:01 часот — една минута пред друг санкциониран Ербас, кој Мадуро често го користи, да полета од аеродромот во Каракас. Дваесет минути подоцна, авионот неочекувано се вратил на аеродромот.
Последици во Венецуела
Роденденската порака, видена од речиси 3 милиони луѓе, предизвикала потрес на венецуелските социјални мрежи, додека противниците на Мадуро шпекулирале дека пилотот бил повикан назад за да се соочи со испрашување. Други се прашувале дали ќе биде затворен. Никој не го видел или чул Вилегас со денови.
Потоа, на 24 септември, пилотот се појавил повторно, во летачка униформа, на популарна телевизиска емисија водена од министерот за внатрешни работи Диоздадо Кабељо.
Кабељо се потсмевал на секоја сугестија дека венецуелската војска може да се поткупи. Додека се шегувал за лојалноста на Вилегас, нарекувајќи го „непоколеблив, жесток патриот“, пилотот стоел тивко, подигнувајќи ја стегнатата тупаница во знак на лојалност.