1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаРусија

Милиони Руси без пристап до своите пари во ЕУ

Олег Логинов | Ксенија Полска
27 октомври 2025

Покрај резервите на Централната банка на Русија, во ЕУ се замрзнати и средства на милиони руски приватни лица. Тие имаат право да ги побараат назад, но во пракса тоа е речиси невозможно.

https://p.dw.com/p/52deP
Трговец со акции на берзата во Москва на два монитора го набљудува движењето на цените на хартиите од вредност
Суштинска дилема за многу Руси: Како до замрзнатите акции во ЕУ?Фотографија: Getty Images/AFP/A. Sazonov

Во ЕУ се разгледува можноста замрзнатите руски средства да се користат за воени репарации за Украина. Покрај средствата на Централната банка на Русија, во европските депоа има и замрзнати хартии од вредност на милиони руски приватни инвеститори - кои не се опфатени од западни санкции поради агресијата врз Украина. Теориски, како законски сопственици, тие можат да ги побараат назад, но во пракса тоа им успева само на мал број луѓе. Жана Немцова, ќерка на убиениот руски опозициски политичар Борис Немцов и соосновач на фондацијата „Борис Немцов“, веќе со месеци укажува на таквиот проблем. Таа смета дека имотот на приватни инвеститори треба да биде ослободен и предлага низа чекори во тој правец.

Како е замрзнат рускиот имот?

Чување руските хартии од вредност во депозитарните банки се врши преку руската централна депозитарна институција за хартии од вредност - Националниот клириншки депозитар (НСД), кој е подружница на Московската берза. Кога станува збор за странски хартии од вредност, кои Русите пред војната во Украина можеа да ги купат со неколку кликања преку апликации на руските брокери, НСД играше само посредничка улога, додека самите хартии од вредност завршуваа главно во две европски депозитарни институции - Еуроклир во Белгија и Клирстрим во Луксембург. Клирстрим, иако со седиште во Луксембург, е во целосна сопственост на Германската берза.

Жана Немцова, соосновачка на Фондацијата за слобода „Борис Немцов“
Жана Немцова: Малите инвеститори неправедно казнетиФотографија: Odd Anderson/AFP/Getty Images

Преку неа се одвивале сите руски трансакции со странски хартии од вредност, не само европски, туку и американски и слично. Многу мали руски инвеститори дури пролетта 2022 година разбраа како функционира чување на хартии од вредност, кога одеднаш веќе не можеа да вршат трансакции. Нивните хартии од вредност беа замрзнати, како и државните резерви на Русија и имотот на приватни лица и санкционирани организации. Приватните инвеститори сега се заложници на актуелната ситуација. Еуроклир и Клирстрим го прекинаа партнерството со НСД брзо по почетокот на војната, односно во март 2022 година - како реакција на одлуката на Централната банка на Русија да им забрани на руските брокери да продаваат хартии од вредност во име на странски клиенти. Во јуни одлуките на Еуроклир и Клирстрим беа правно потврдени од ЕК. Шестиот пакет санкции на ЕУ содржи јасна забрана за европски организации да соработуваат со НСД.

Колку мали руски инвеститори се погодени?

Ниту од руска, ниту од европска страна нема точни податоци за замрзнатиот приватен имот. Ни депозитните институции не даваат информации, па така се знае само вкупната вредност на замрзнатиот имот во Европа, вклучително и државните резерви на Русија, кои го сочинуваат најголемиот дел. Според новинската агенција Ројтерс, се работи за околу 210 милијарди евра, од кои 185 милијарди се наоѓаат кај Еуроклир.

Руските власти проценуваат дека вкупниот замрзнат имот на правни и физички лица ширум светот е во вредност од околу 5,7 трилиони рубли. Според податоците на Централната банка, 20 проценти од овој износ се однесува на физички лица. Според моменталниот девизен курс од 95 рубли за едно евро, тоа би биле околу 12 милијарди евра на приватни инвеститори. Не е познат ниту точниот број на инвеститори. Рускиот министер за финансии Антон Силуанов зборува за 3,5 милиони лица, додека претставниците на Централната банка проценуваат дека се работи за пет милиони. Разликата во проценката може да се објасни со тоа дека повисоката цифра ги вклучува не само директните сопственици на странски хартии од вредност, туку и оние што инвестирале индиректно - на пример, преку инвестициски фондови. Ако 12 милијарди евра се поделат со пет милиони лица, просекот е околу 2.400 евра по инвеститор. Еден руски брокер во разговор со Жана Немцова рекол дека кај повеќето од неговите клиенти е замрзната токму таа сума - околу 200 илјади рубли, што е нешто повеќе од две просечни руски месечни плати.

Како да се бара имотот назад?

Инвеститорите може да се обидат да го вратат својот имот - ако не се на списоците на санкционирани лица. За тоа им е потребна дозвола од белгиското министерство за финансии, кое го регулира Еуроклир. Доколку имотот е замрзнат во Клирстрим, тие мора да им се обратат на финансиските власти на Луксембург. Сепак праксата покажува дека тоа е речиси невозможно без правна помош. Покрај тоа, трошоците за постапката често повеќекратно ја надминуваат просечната вредност на замрзнатите средства. Адвокатот мора да најде гарант или самиот да ја преземе таквата улога, објаснува Алексеј Климјук, виш советник за инвестиции во руската фирма за управување со имот, Алфа Капитал. Гарантот мора да потврди дека подносителот на барањето го поседува имотот, не е под санкции и дека ниту едно санкционирано лице не профитира од трансакцијата за која се бара дозвола. Освен тоа, подносителот на барањето мора да има инвестициска сметка во ЕУ, Швајцарија, Велика Британија или САД, бидејќи трансакциите на сметки во Русија не се можни. Без дозвола за престој, таква сметка не може да се отвори. Според платформата „Брисел Сигнал“, во Белгија минатата година биде поднесени 1.214 барања за дозвола, од кои 232 биле одобрени. Повеќето од нив се инвеститори со двојно државјанство - руско и некое европско. Жана Немцова за ДВ вели дека еден инвеститор, кој добил одобрение и од „Еуроклеар“ и од „Клирстрим“, ѝ кажал дека потрошил 60 илјади евра за постапката. „Некој можеби ќе помисли дека ги бранам интересите на богатите, но тоа не е вистина. Сегашната постапка ги штити нивните интереси, а јас напротив сакам да биде подостапна“, вели Немцова. 

Поглед од улица на зграда пред која се наоѓа статуа со два круга еден врз друг
Седиштето на „Еуроклир“ во БриселФотографија: Werner Lerooy/Imago

Колкави се шансите Русите да си го вратат својот имот?

Според Жана Немцова, прво треба да се обрне внимание на проблемот. Таа смета дека европските челници често не го сфаќаат обемот на нивната политика и дека темата ретко се обработува во европските медиуми. Како следен чекор, Немцова предлага попис на замрзнатиот имот за да се утврди што им припаѓа на приватни инвеститори кои не се на списоците на санкционирани лица. Потоа властите во Белгија и Луксембург треба да развијат поедноставена постапка за инвеститорите кои не можат да си дозволат скапи адвокати. Немцова признава дека од тоа корист би имале веројатно само оние со дозвола за престој или државјанство на некоја западна земја. Сите други би морале да чекаат да заврши војната и да се укинат санкциите, што би можело да потрае некое време.

Што ќе се случи со замрзнатиот имот на Централната банка на Русија е одговорност на ЕК. На прашање од ДВ дали ја разгледува и иднината на средствата на приватните инвеститори, претставник на Комисијата не сакаше да одговори и само рече дека станува збор за „хипотетичко сценарио“. Спроведување на такви мерки би било тешко, бидејќи би барало соработка не само со европские, туку и со американските власти. Иако замрзнатиот имот не е објавен, јасно е дека главно се американски хартии од вредност кои беа популарни кај руските инвеститори. Кон крајот на 2021 година, според податоците на брокери во кои ДВ имаше увид, најбарани акции биле на американските компании Алфабет, Епл, Боинг, Интел, МетаТрејдер, Микрософт и Тесла, како и кинеските Алибаба и Баиду.

За ослободување на американските акции е потребна дозвола од Канцеларијата за контрола на странски имот (ОФАЦ) при американското министерство за финансии, која воведе забрани за московската берза и НСД. Според рускиот портал РБЦ, адвокатите на руските инвеститори тврдат дека ОФАЦ досега не издал ниту една таква дозвола.