1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

Што доживуваат Украинките во руско заробеништво

Викторија Жидук
19 јануари 2026

Повеќе од 2.000 Украинки се во руско заробеништво под обвинение за „шпионажа“, изложени на тортура, изолација и со години раздвоени од своите деца.

https://p.dw.com/p/56o2q
Ѕид со излепени портрети на жени во затвор
Портрети на Украинки цивили кои се заробенички во РусијаФотографија: DW

Околу 20.000 украински цивили се наоѓаат во руски притвори, најчесто под обвинение за „шпионажа“. Меѓу нив има повеќе од 2.000 жени, кои минале низ тортура, психичко насилство и долги периоди целосно одвоени од своите деца. Тешко им е да зборуваат за маките кои ги доживеале.

„Сè може да се издржи, освен разделбата од сопствените деца“

Јулија Дворњиченко од  Доњецк  била уапсена во 2021 година, уште пред целосната  руска инвазија врз Украина.  Таа поминала 18 месеци во затворите на самопрогласената „Народна Република Доњецк“, парадржавна структура контролирана од  проруските сепаратисти  од 2014 година. Во 2022, Москва ја прогласи целата област Доњецк за дел од руска територија.

За време на целото нејзино заробеништво, Јулија ниту еднаш не ги видела своите синови, Данило и Марко. Многу жени, вели таа, биле приведени под лажни обвиненија за шпионажа и подложени на сурови методи на изнудување признанија.

„Ме соблекоа, ме тепаа, ме полеваа со вода и користеа електрошокови“, сведочи таа. Методи на тортура, додава, биле исти и за мажи и за жени.

Руска окупација, апсење и тортура

Животот на Јулија се променил уште во 2014 година, кога нејзиниот роден град Чистјакове паднал под контрола на сепаратистите. Со мажот и семејството побегнале во Мариупол. По смртта на нејзиниот сопруг, се вратила во Чистјакове со децата и работела како возач на автобус, превезувајќи луѓе од окупираните во слободните украински територии. Понекогаш ги носела и синовите, „само малку да здивнат и да видат разлика во однос на окупираните подраќја“, вели таа. Но во 2021 година контролните премини биле затворени и Јулија веќе не го напуштила градот.

Јулија Дворњиченко
Јулија Дворњиченко поминала година и пол во заробеништвоФотографија: Yulia Dvornychenko/DW

Во 2021 година, сепаратистичките сили дошле по неа среде ноќ. Нејзиниот 9-годишен син Марко спиел, но 17-годишниот Данило го гледал претресот и апсењето на мајка си. Децата останале сами, без дозвола соседите да им помагаат. Постариот син се грижел за својот помлад брат.

Во злогласниот затвор „Изолација“ во Доњецк, Јулија била изложена и на психолошки притисок. Ја уценувале дека ќе ѝ ги одземат децата.

„Ќе потпишам сè, само децата да не завршат во дом“, им рекла. Така признала дека е „украинска шпионка“.

Со почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, условите во затворот уште повеќе се влошиле. Жените биле изолирани и лишени од основни потреби, а истражителите тврдeле дека „Украина не постои“ и дека „размени на заробеници нема да има“.

Ослободување како „втор роденден“

Сепак, размените продолжиле. Во октомври 2022 година, Јулија била ослободена и предадена на Украина. Нејзините синови дознале за тоа и со солзи преку видеоповик ја поздравиле.

Жени ослободени од руско заробеништво стојат пред минибус и држат украински знамиња
Враќање на украински жени од руско заробеништвоФотографија: Yulia Dvornychenko/DW

Данило подоцна успеал да го извлече Марко од  окупираната зона,  преку Русија и трети земји. Во декември 2022 година повторно се обединиле во Киев.

„Русија  ми го украде животот со моите деца“, вели Јулија, која и денес тешко ги задржува солзите.

Семејството сега живее во близина на Киев, во сместување обезбедено од хуманитарни организации. Марко (14) продолжува во училиште, Данило (21) веќе работи, а Јулија се вработила во студио за нега на нокти. Слободното време го посветува на сведочење за руските злосторства врз цивилите.

„Идеме, сестри“ – мрежа за спасување на заробени Украинки

Јулија, заедно со други жени ослободени од  руското заробеништво,  ја основала организацијата „Numo.Sisters“ („Идеме, сестри!“). Целта е меѓусебна поддршка и борба за слобода на Украинките кои сè уште се во руски притвори.

Портрети на Светлана и Јулија, кои биле ослободени од руско заробеништво во август 2025 година
Светлана (лево) и Јулија биле ослободени од руско заробеништво во август 2025 годинаФотографија: Svitlana/DW

Според активистите, од околу  20.000 цивили во руски затвори,  повеќе од 2.000 се жени. Само во август 2025 година, уште три од нив успеале да се вратат во Украина – меѓу нив Светлана и уште една Julija од Доњецк. Двете биле уапсени во 2019 година, исто така под обвинение за шпионажа.

„Шест години не ги видов моите деца. Не знаеш дали се живи – тоа е најлошото“, вели Светлана.

Организацијата помага со обновување документи, барање работа и обезбедување сместување.

Лидерката Људмила Хусејнова, која и самата  била заробена  до 2022 година, објаснува дека е исклучително тешко да се извадат цивили од Русија, бидејќи меѓународното право формално не признава поим ‘цивилен заробеник’.

Идентификувани се околу 40 Украинки кои се наоѓаат во затвори во Русија или на окупираните територии – голем дел осудени на долгогодишни казни.

„Најстрашно е тоа што многу мајки се одвоени од малолетни деца. Тоа е ужас кој во 21 век не смее да постои“, вели Хусејнова.