Раст на пријави за насилство по трагедијата во Скопје
9 март 2026
По смртта на Ивана Јовановска и нејзината шестгодишна ќерка, кои трагично загинаа по пад од шести кат во скопската населба Тафталиџе, полициските извештаи бележат драматичен раст на пријави за семејно насилство. Апелите да не се молчи повеќе за насилството дадоа резултат: само во последните две недели поднесени се над 20 кривични пријави.
Од нив, значителен дел се однесуваат на семејно насилство, а пет се поврзани со родово базирано насилство, за кои веќе се изречени мерки притвор. За време на викендот, приведени се три лица, а две се повикани на службен разговор поради физички напади или агресивно однесување кон сопруги, партнерка, ќерка или снаа.
МВР — 21 пријава и пет притвори за две недели
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во последните две недели се поднесени 21 кривична пријава за вкупно 25 дела, меѓу кои: 11 за „загрозување на сигурноста“, 10 за „телесна повреда“, како и по една пријава за „тешка телесна повреда“, „неизвршување судска одлука“, „противправно лишување од слобода“, „обид за убиство“ и „полов напад и силување“.
За обидот за убиство регистриран во Скопје, осомничениот е лишен од слобода, а истрагата е во тек.
Најголем број пријави се поднесени во Скопје, Куманово, Штип и Охрид. Во истиот период пријавени се 39 настани и 63 поплаки поврзани со семејно насилство.
Институционалните пропусти во фокусот
Трагедијата со Ивана Јовановска и нејзината ќерка откри серија институционални пропусти. Според досегашните сознанија, од 2019 година до 2 март, Ивана била подложена на физичко и психичко малтретирање од сопругот, со кој водела бракоразводна постапка. Насилството било пријавувано повеќепати, но без адекватна институционална реакција.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги повика граѓаните да пријавуваат случаи на семејно насилство.„Насилството и вознемирувањето нема да се толерираат. МВР постапува бескомпромисно“, изјави Тошковски.
Опозицијата, пак, бара негова оставка. Од СДСМ соопштија дека на трагедијата во Карпош, каде загинаа мајка и малолетна ќерка, претходеле од дури 12 пријави за насилство. Тврдат дека МВР било информирано, но не реагирало навреме, посочувајќи и на други случаи, како убиствата во Велес.
Марш против насилството и нови мерки
Стотици граѓани викендов учествуваа во протестниот марш во паркот „Жена-борец“ во Скопје, барајќи итно искоренување на родово базираното насилство, економска еднаквост и крај на системската дискриминација
Надлежните најавија пакет мерки, меѓу кои: отстранување на насилникот од домот, постојан мониторинг, измени во Законот за полиција, измени во Законот за спречување и заштита од насилство врз жени, 24-часовно дежурство во граѓанскиот суд, засилена соработка со НВО-секторот и континуирана едукација на службениците.
Од 2021 до 2025 година во Северна Македонија се убиени 26 жени. Сепак, поради долгогодишниот недостаток на законска рамка, не е познато колку од нив може да се класифицираат како фемицид.