Турција: Директива за Рамазан разгоре дебата за секуларизмот
28 февруари 2026
Инспектори во училиште во провинцијата Измир, наводно, им поставувале необични прашања на ученици — од четврто одделение до крајот на средното образование:
„Дали навистина се предава веронаука?“; „Дали се предава друг предмет наместо веронаука?“; „Дали има навреди кон претседателот на часови?“
Овие наводи, изнесени во турскиот парламент и официјално недемантирани, повторно го актуелизираа прашањето за секуларизмот и улогата на религијата во образованието.
Дополнителен повод за тензиите е директивата на Министерството за национално образование од 12 февруари, со која се препорачуваат активности со тема Рамазан за сите училишта во земјата.
Реформи и зголемен акцент на религијата
Од доаѓањето на власт во 2002 година, Партијата за правда и развој (АКП) настојува да ја обликува образовната политика според „национален идентитет“ и „духовни вредности“. Критичарите — опозицијата, секуларните организации и синдикатите — тврдат дека тоа резултирало со растечко влијание на религијата, на исламот, во јавните училишта.
Клучен пресврт се случи во 2012 година со реформата „4+4+4“, која ја реорганизираше наставата и повторно ги отвори средните верски училишта имам-хатип, затворени по воената интервенција во 1997 година. Овие училишта го комбинираат државниот наставен план со исламски студии и, покрај верскиот кадар, подготвуваат ученици и за високо образование.
Според податоци на министерството, бројот на имам-хатип училиштата се искачи од 1.099 во учебната 2012/13 година на 3.396 во 2024/25. Паралелно се зголеми бројот на изборни предмети по религија, а „образованието за вредности“ доби централно место. Во 2017 година, еволуцијата беше отстранета од наставната програма и заменета со креационистички пристап — потег што предизвика меѓународни реакции.
Моделот „Маариф“ во Турција од 2024 година прогласува дека образованието ќе биде водено од три принципи: „доблест-вредност-акција“. Поддржувачите го опишуваат како сеопфатна реформа усогласена со националните приоритети. Критичарите го гледаат како дел од поширок напор за влевање содржина поврзана со религијата во јавното образование и обликување на општеството според специфични вредности.
Директива за Рамазан: активности, посети во џамии и спорни препораки
Новата директива предвидува Рамазан-активности во основните училишта, настани како „Да разговараме на ифтар“ за средните училишта и гимназиите, како и заеднички ифтар-вечери со родителите.
Посебно внимание предизвика препораката децата на возраст од 4 до 6 години да посетуваат џамии во придружба на наставници — обврска што, според критичарите, ги надминува развојните и педагошките рамки за толку мала возраст.
Министерството тврди дека учеството е доброволно и дека активностите придонесуваат за „морален и културен развој“. Но, според критичарите, формалната доброволност не гарантира дека учениците нема да бидат под суптилен или институционален притисок.
Отпор од синдикатите, родителите и опозицијата
Претседателот на синдикатот Еѓитим-Иш, Кадем Озбај, најави поднесување тужба, наведувајќи дека директивата ги нарушува член 24 (слобода на религија и совест) и член 42 (образование засновано на современи научни принципи) од Уставот.
„Училиштето е училиште. Начинот на кој треба да се одвива образованието е јасно утврден и во Уставот и во науката,“ рече Озбај, предупредувајќи дека претставување на религијата на мнозинството како „обединувачка вредност“ ги маргинализира другите групи.
Симге Јардим од синдикатот Еѓитим Сен оцени дека директивата е дел од поширока стратегија за општествена трансформација преку образованието. Таа предупреди дека религиски активности во предучилишните програми може да предизвикаат развојни ризици и да создадат притисок, иако формално се доброволни.
Загрижени се и здруженијата на родители. Здружението на родители на ученици Вели-Дер ја оцени директивата како „обид за претворање на јавните училишта во простор за практикување одредена вера“. Здружение на сите родители на ученици за солидарност ОВ-ДЕР предупреди дека мерката е спротивна на принципите на секуларност и еднаквост.
Главната опозициска Републиканска народна партија (ЏХП) го покрена прашањето во парламентот, наведувајќи дека државата мора да остане неутрална. Пратениците предупредија на ризик за децата од предучилишна возраст, а пратеникот од ДЕМ-партијата Џелал Фират побара директивата да се повлече, нагласувајќи ги загриженостите на граѓаните Алевити.
Декларацијата „Заедно во одбрана на секуларизмот“, ја потпишаа 168 писатели, научници и новинари.
Реакцијата на владата
Министерот за образование Јусуф Текин ги отфрли критиките. Во интервју за провладиниот „А Хабер“ рече дека активностите не претставуваат наметнување на религијата и најави тужби за навредливи обвинувања.
Владата на претседателот Реџеп Таип Ердоган и поддржувачите на директивата ја претставуваат како дел од културно наследство, а не како религиозно наметнување. Спротивно на тоа, критичарите предупредуваат на замаглување на границата меѓу државата и религијата во јавните училишта.
Иако мнозинството од населението е сунитско, Турција е дом и на Алевити, други верски заедници и нерелигиозни граѓани. Според критичарите, институционализирањето на една религиска практика во училиштата создава индиректен притисок, особено во интернатите за време на Рамазан.
Дебатата ја надминува и границата на Турција. Училиштата што функционираат во над 50 земји под фондацијата „Турција Маариф“ се сметаат за продолжена рака на образовната политика на Анкара. Иако нема индикации дека директивата ќе важи и за нив, аналитичарите внимателно следат дали домашните промени ќе влијаат врз нивниот идeн развој.