Украина: Мраз, студ, ракетни напади и волја да се издржи
30 јануари 2026
Масовно гранатирање на украинските градови и критичната инфраструктура, 20 или повеќе часа дневно без струја, вода, па дури и греење на температури до минус 15 степени Целзиусови. Тоа многу Украинци мора да го издржат во екстремно студената зима. Анкетите покажуваат дека општото расположение во Украина се влошува, исцрпеноста и тензијата растат. Олексиј Антипович од „Рејтинг груп“, украински институт за испитување на јавното мнение, истакнува дека со оглед на суровата зима и континуираните напади од Русија, процентот на лица кои ситуацијата во земјата ја доживуваат како критична се зголемува. Сепак, тоа не се должи на промена во политичките ставови, туку на промена во општата емоционална состојба на луѓето.
Украинците не се подготвени за компромис
И покрај неповолните околности, Украинците и натаму не се подготвени да попуштат пред барањата на Кремљ и да прифатат мир по секоја цена. „Гранатирањето од Путин и студот како средство за притисок го влошуваат расположението во општеството, но тоа не го менува ставот спрема Владимир Путин, Русија и војната што ја води таа. Украинците не сакаат какви било отстапки, ниту територијални, ниту во било кој друг поглед“, наведува Антипович за ДВ.
Андриј Биченко од украинскиот центар „Разумков" со сличен заклучок тврди дека „голем дел од Украинците врз основа на неодамнешното и долгогодишното искуство знаат дека капитулација или потпишување неповолен мировен договор нема да ја подобри ситуацијата. На Украинците не им треба да им се објаснува кои се Русите и како сè започна - тие го видоа тоа во регионите Херсон, Харков и Киев. Јавното мислење за ова прашање нема значителна промена. Затоа Украинците и покрај сè издржуваат“, објаснува Биченко во интервју за ДВ. Според анкета спроведена од Меѓународниот институт за социологија во Киев од 9 до 14 јануари 2026 година, огромното мнозинство Украинци (69 проценти) сè уште во војната гледаат егзистенцијална закана. Луѓето сметаат дека Русија или сака да „изврши геноцид“, или „да ја уништи украинската нација и државност“. Во февруари 2025 година, бројката беше 66 проценти. 77 проценти од испитаниците сметаат дека Украина може да дава отпор и покрај руското напредување. „Резултатите од анкетата покажуваат дека Украинците и покрај сите тешкотии, остануваат непоколебливи и оптимистички настроени. Апсолутно мнозинство смета дека Украина има сила и натаму да дава ефикасен отпор. Само малцинство смета дека украинскиот отпор е безнадежен“, вели за ДВ ДВ Антон Хрушецкиј од Меѓународниот институт за социологија во Киев.
Непрекината солидарност
Постојаните руски напади, уништувањето на инфраструктурата и војната која долго трае, не доведоа до поголема подготвеност за компромис со Русија. Олех Саакјан од украинската „Платформа за отпорност и солидарност“ во интервју за ДВ забележува дека напротив, исцрпеноста, насобраниот бес и огорченост, се претвораат во уште поголем гнев спрема агресорот, Русија. Политикологот истакнува дека социјалните тензии во Украина периодично се празнат во форма на протести. Тие истовремено се од локална природа и не се насочени против централната влада. „Тоа се реакции на конкретна неактивност, на недостаток на одлуки на локално ниво. Ниту во јавноста, ниту во анкетите нема зголемување на тензиите во однос на централната влада“, нагласува Саакјан. Ниту проблеми со инфраструктурата, ниту руските напади не го промениле ова. „Различни анкети покажуваат дека значителен дел од Украинците се подготвени да продолжат да ја трпат војната“, наведува експертот.
Украинците си помагаат меѓусебно
Една од најголемите грешки на Русија на почетокот на инвазијата беше тоа што ја потцени силата на украинското општество и неговиот капацитет за самоорганизирање, смета воениот експерт и поранешен советник во Министерството за одбрана, Олексиј Копитко. Според него, Русија и натаму погрешно го проценува расположението на Украинците.
Копитко нагласува дека украинското општество има уникатно искуство и меѓусебната поддршка е многу поширока од кругот на семејствата и блиските пријатели и вклучува интеракција меѓу луѓе кои едвај или воопшто не се познаваат. Тоа стана клучен фактор за опстанокот на земјата. „Украинците сè уште имаат тенденција слепо да веруваат. Да се биде подлец, сè уште се смета за срамно. Така Украина продолжува да го трпи сиот ужас што ја опкружува“, вели Копитко.
Поддршка за претседателот
Според студија на Меѓународниот институт за социологија во Киев, 69 проценти не мислат дека тековните преговори ќе доведат до траен мир, но луѓето и покрај тоа се заинтересирани за процесот на преговори. „Сите надежи и доверба се првенствено насочени кон- Володимир Зеленски“, нагласува Олексиј Антипович, „а не кон Русија, кон преговарачките тимови или кон поединечни странски лидери“, вели тој. Експертите нагласуваат дека социјалната кохезија и внатрешното единство за украинското раководство се важни фактори во преговорите. „Безусловната поддршка за претседателот за него е предност во преговорите. Украинците имаа веќе лоши искуства со договорите од Минск, што доведе до уште поголема војна. Затоа, Украинците денес се посвесни за тоа колку е значајно нивното единство“, нагласува политикологот Саакјан.