Унгарија: Новата влада најавува воведување на еврото до 2030
7 мај 2026
Идниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, сака да обезбеди враќање во мејнстримот на ЕУ и презема брзи чекори за да ги поправи релациите нарушени во годините на владеење на Виктор Орбан. Дел од таквата мисија е планот земјата да биде подготвена за влез во еврозоната до крајот на деценијата. Но, некои во земјата, меѓу кои и гувернерот на централната банка, веруваат дека тој временски рок е премногу амбициозен, со оглед на тоа што премиерот во заминување Виктор Орбан зад себе остава успорена економија и фискален неред. Но, ако пристапувањето кон еврото се спроведе правилно, Унгарија би можела да има значителни придобивки.
Враќање во закрилата на ЕУ
Исполнувањето на условите за усвојување на еврото ќе биде тешка задача за новата влада. Партијата Тиса има малку простор за маневар во своите планови за издатоци и реформи, особено среде актуелната криза на Блискиот Исток, вели Сили Тан од Економската разузнавачка единица. „Не очекуваме воведување на еврото во следната деценија“, вели Тан за ДВ. Тиса е сепак многу мотивирана. Враќањето на Унгарија во мејнстримот на ЕУ, од „нелиберална“ периферија во која ја втурна Орбан, беше клучен дел од предизборната кампања.
Влез во еврозоната дополнително би ја зацврстило новата порака. Но, нема многу време и затоа Унгарците го повикуваат Брисел да ги одмрзне 17те милијарди евра што беа блокирани заради демократското назадување на Орбан и проблемите со владеењето на правото. 10 милијарди од оваа сума мора да се искористат пред истекувањето на рокот во август годинава.
Мерки за штедење ширум земјата
Околу 75% од Унгарците го поддржуваат воведувањето на единствена европска валута, покажува анкета од 2025 година, но и речиси исто толку испитаници сметаат дека земјата сè уште не е подготвена за таков чекор. Од Тиса се надеваат дека гласачите ќе го имаат тоа на ум во нследните години, бидејќи економската консолидација веројатно ќе значи намалување на трошоците или зголемување на даноците. „Влез во 2030 година може да се чини амбициозна цел, но не е недостижна“, вели за ДВ Јулија Кирали, поранешен заменик-гувернер на Централната банка и професорка на Унгарската академија на науките. „Главниот предизвик е да се исполнат критериумите од Мастрихт“, додава таа. Овие критериуми ги одредуваат нивоата на инфлација, долг, буџетски дефицит, каматни стапки и стабилност на валутата што државата мора да ги исполни пред да го воведе еврото. Унгарија во моментов многу заостанува во однос на овие фискални барања. Длабоки резови во владините трошоци потребни за намалување на дефицитот ,ќе бидат најголемиот предизвик. Тан смета дека ќе биде „невозможно“ тоа да се постигне до 2030 година. „Маѓар веќе најави дека ќе продолжи со фискално расипничките политики на Орбан, а воедно ќе ги забрза трошоците за одбрана, за да ги исполни целите на НАТО“, посочува тој.
Предности и недостатоци на влез во еврозоната
Од друга страна дури и самата најава на амбицијата за приклучување кон еврозоната би можело да донесе голем број потенцијални придобивки за Унгарија. Откако владата ќе ја објави својата официјална кандидатура за пристапување, се очекува поголема стабилност на унгарската форинта, како и пониска инфлација и каматни стапки. Трошоците за задолжување исто така би требало да се намалат, како за државата, така и за целата економија, бидејќи надзорот на Европската централна банка придонесува за стабилизација на финансискиот сектор.
Долгорочно членството во еврозоната би го елиминирало валутниот ризик и трансакциските трошоци - што е клучно за извозно ориентираната економија на Унгарија. Најголемиот недостаток би бил губењето на автономијата во монетарната политика и намалената способност за ублажување на економските шокови. Но, земјата во тој случај би имала пристап до механизмите за ликвидност и помош во случаи на криза на Еврозоната.
Партнерите од еврозоната веројатно ќе бидат внимателни
Не сите во Европа се одушевени од ваквите најави. Слабата економија и слабата фискална позиција на Унгарија, како и 16-годишните институционални уназадувања, веројатно ќе предизвикаат претпазливост меѓу членките на еврозоната. Тие ја немаат заборавено грчката должничка криза, која се покажа како многу заразна и скапа, што би можело да ѝ го отежни на Унгарија напредокот, кога ќе побара потребно согласност од другите членки. Исто така, се стравува дека Унгарија би можела да го промени курсот и да се откаже од својата кандидатура по следните избори во 2030 година, или да се врати на нелиберален курс и да стане дестабилизирачки фактор во рамките на еврозоната. „Веројатно на Унгарија ќе се гледа со скепса“, велат во неодамна направена анализа, аналитичарите од лондонската „Капитал економикс“. Земјата „мора да ги увери своите партнери од еврозоната дека воведувањето на еврото е заедничка цел во целиот политички спектар, вклучително и во опозицијата“, се вели понатаму.
Природен пат за Унгарија?
Сепак, функционерите на ЕУ потегот го толкуваат како позитивен за ЕУ. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, ја пофали Унгарија за „враќањето на европскиот пат“ кој според претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, природно води кон еврото. Економскиот аналитичар Сили Тан смета дека „во централна и источна Европа, воведувањето на еврото во Унгарија би сигнализирало обновена соработка и зајакната политичка кохезија“.
Кога Унгарија се приклучи кон ЕУ во мај 2004 година, заедно со уште девет други земји, таа се обврза да ја воведе единствената валута, но е една од уште само три држави од тоа време кои сè уште не го сториле тоа, заедно со Чешка и Полска. Со оглед на тоа што економиите на Вишеградската група во голема мера зависат од извозот во еврозоната, изненадувачки е што до сега само Словачка се приклучи. Сега Унгарија сака да ги искористи предностите на нејзиниот северен сосед. „Кај главните трговски партнери како Германија, елиминирањето на валутниот ризик и намалувањето на трансакциските трошоци, ќе поттикнат понатамошни трговски и инвестициски текови, особено во доминантните сектори автомобилска и електронска индустрија“, вели Тан. Сепак, мала е веројатноста дека одлуката на Унгарија да се насочи кон еврото, ќе има влијание врз Чешка или Полска.
Широко распространетото противење на единствената валута, поттикнато од страв од инфлација и губење на автономијата, спречува посериозна дискусија на оваа тема во Прага и Варшава. Сепак, до средината на април, еврото не беше опција ниту во Будимпешта. „Не може да се исклучи дека, порано или подоцна, сите членки на ЕУ ќе пристапат на еврозоната во обид да ја зголемат својата конкурентност во однос на САД“, заклучува Кирали.